Училиштето НОВА ја продлабочи соработката со Италијанската амбасада!

Италијанскиот е четврт јазик по зборуваност во светот и го говорат околу 65 милиони луѓе како примарен. Во меѓународното училиште од ова полугодие ќе се изучува во својата изворна форма

nova1

Меѓународното училиште НОВА вчера (19 октомври) потпиша меморандум за соработка со Италијанската амбасада и институтот „Данте Алигиери“ со кој во оваа образовна институција почна да се изучува италијанскиот на ниво на мајчин јазик. Статистиките покажуваат дека италијанскиот е четврт јазик по зборуваност и го говорат околу 70 милиони луѓе како примарен, а во НОВА од ова полугодие ќе се изучува на повисоко ниво.

- Уште од самото основање во НОВА се изучува италијанскиот поради што и голем број на наши ученици го имаат продолжено образованието на некои од најпрестижните универзитети во оваа земја. Но со меморандумот, соработката со „Данте Алигиери“ и со Италијанската амбасада ја продлабочуваме, а италијанскиот ќе се изучува во својата изворна форма – изјави Венера Новаковска, директорка на НОВА.

Мисијата на „Данте Алигиери“ е промоцијата на италијанскиот јазик и култура во Македонија и отворен е 1999 година. На присутните на потпишувањето им се обрати и претседателката на институтот Анастасија Ѓурчинова која воедно е и професорка на Филолошкиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

nova2

- Со НОВА соработуваме долги години наназад, но со меморандумот соработката ја продолжуваме на едно повисоко ниво. Нашите учители ќе го водат курсот кој е насочен кон италијанскиот јазик и култура, а почна од ова полугодие – истакна Ѓурчинова.

На потпишувањето на меморандумот присуствуваше и амбасадорот на Италија, Ернесто Масимино Белели кој посочи дека оваа свеченост е дел од Неделата на италијанскиот јазик која се одбележува во цел свет.

- Во Вашингтон гостуваат победниците на фестивалот „Сан Ремо“, а во Македонија се предвидени активности меѓу кои и оваа соработка со училиштето НОВА. Италијанскиот е јазик на музиката, модата, дизајнот и секако на Формула 1 – посочи господинот Ернесто Масимино Белели.

Италијанскиот има голем број на дијалекти сепак литературната форма е базирана на тосканскиот дијалект. Покрај луѓето на кои им е примарен повеќе од 100 милиони луѓе го говорат како втор јазик.

Коментари

Популарно