Сопственикот на ресторанот во Прилеп тврди: Слабо знаат македонски, па не се разбравме

Оливер Николоски, еден од сопствениците на ресторанот „Ла Страда“ пак изјави дека се работело за недоразбирање и дека Алиоски не бил избркан, туку бил замолен да се премести на друга маса.

„Претходно во тек на денот направивме резервација на неколку маси за група моторџии од Кавадарци кои наминуваат во нашиот објект штом ги носи патот во Прилеп. На една од нив беше седнат и фудбалерот Алиоски со свои луѓе. Им беше речено дека ќе треба да сменат маса, бидејќи на таа што седеа и уште неколку за пола час ќе дојдат најавени гости. Ниту им беше речено да станат веднаш, ниту беа навредени, ниту беа избркани. Но, веројатно поради тешкиот говор и зборување на македонски, дојде до недоразбирање, па укажувањето дека треба да се преместат го сфатија дека треба да заминат. Трипати се извинив, но беше залудно. Ниту како човек ниту како сопственик на објектот не сум имал проблем со националност на гостите“, тврди Николоски за Спортм.

За потсетување, Алиоски е роден во Прилеп, и верзијата на сопственикот на ресторанот според која се работи за јазично недоразбирање е, во најмала рака, чудна.

Коментари

Популарно