Сонцето од Кутлеш за еден месец ќе се ИЗБРИШЕ од јавниот простор

По точно еден месец сонцето од Кутлеш, симболот на првото знаме на независна Македонија, повеќе нема да може да се види во јавна употреба, затоа што дотогаш ќе биде отстрането од јавниот простор, а сите споменици што упатуваат на античката елинска историја и цивилизација ќе бидат соодветно означени, согласно со Преспанскиот договор.

Од Владата  велат дека корекциите ќе бидат завршени во зацртаниот временски рок, но не изнесуваат детали на кој начин ќе се извршат корекциите, како ќе се спречи јавната употреба на сонцето од Кутлеш и што сè е регистрирано како јавен простор и јавна употреба.

– На седницата одржана на 4 јули, Владата на Република Северна Македонија го задолжи Генералниот секретаријат да побара надлежните институции да достават информација за спомениците, јавните и другите инфраструктурни објекти чии имиња се дел од античката хеленска култура и цивилизација, во чија надлежност се тие во однос на поставувањето и одржувањето и кој е носител на авторските права, доколку станува збор за уметнички дела. Воедно, Владата го задолжи Генералниот секретаријат да побара надлежните институции да достават информација каде се користи или е вграден симболот на сонцето од Вергина во јавниот простор. Корективните дејства ќе бидат преземени по обезбедувањето на информациите, согласно со Преспанскиот договор и во зацртаниот временски рок – одговорија од Владата.

Уставните измени за промена на државното име беа изгласани на 11 јануари, стапија на сила на 12 февруари, а рокот за преименување на спомениците и за отстранување на сонцето од Кутлеш истекува на 12 август.

Коментари

Популарно