Наскоро нема возење низ Рекорд

Повеќегодишната идеја за затворање на улицата Димитрије Чуповски кај Рекорд за сообраќај е на прагот на реализација. Ова го потврди градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов преку пост објавен на својата Фејсбук страна.

Според планот, улицата пред Рекорд ќе биде поплочена, а истата ќе може да ја користат само возилата на јавниот превоз т.е. автобусите на ЈСП. Истовремено планирано е и проширување на паркот Жена борец во насока кон зградата на Парламентот.

“Она што сега го работиме е догодина целосно да се затвори Мал ринг за возила и да стане пешачка зона, како што е секаде во светот. Тој дел ќе добие комплетно нов изглед, со уреден плочник и тротоари, а паркот ’Жена борец‘ ќе се прошири кон Собранието. Размислуваме единствено на тој простор да се движат автобусите од јавниот превоз. Паралелно ќе се работи на проширување на улицата Даме Груев во булевар” стои во Фејсбук статусот.

Токму улицата Даме Груев (улицата кај Беко, позади Парламентот) ќе биде алтернативната сообраќајница низ која ќе се движат возилата. Планирано е оваа улица да се прошири и да се направи со четири ленти, а за таа цел ќе биде срушена зградата на поранешен Макотекст како и околните паркинзи.

Граѓаните се со поделени мислења околу оваа одлука. Додека едни ја поздравуваат, други сметаат дека единствено решение за сообраќајниот хаос во центарот на градот е проширување на улицата Даме Груев, со истовремена изградба на подземна сообраќајница од кај Палома Бјанка до Парламентот на Република Македонија.

Коментари

Популарно