Потоп на Вардар во Веспрем

Денеска ракометарите на Вардар го претрпеа и вториот пораз во групната фаза од Лигата на шампионите, актуелниот европски првак вечерва загуби на гостувањето во Веспрем со преубедливи 39-30.

Овој натпревар беше реприза на финалето во Келн, а поразот од „Ланксес Арена“ му послужи како дополнителен мотив на унгарскиот состав, кој одигра одлично во нападот и стигна до заслужена победа. Тренерската смена не ја донесе посакуваната „шок-терапија“, Вардар во голем дел од мечот делуваше загубено во одбраната, па убедливиот пораз беше неизбежен.

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

Warm up... Vardar vs Vesprem.. . . . .#rakomet #hcvardar #rkvardar

A post shared by РК Вардар (@rkvardar) on

Вардар парираше само во почетните пет-шест минути, кога македонскиот првак имаше минимална предност во неколку ситуации. Веспрем за момент ја стегна одбраната и тоа веднаш вроди со плод, па Унгарците поведоа со 9-5, а Кокшаров беше принуден да побара тајмаут. Ниту исклучувањата на Благотиншек и на Тенесен не донесоа преголем „плус“ за „вардарци“, пред се поради очајната одбрана крај која Веспрем рутински реализираше.

Тимур Дибиров беше единствениот расположен за игра во таборот на Вардар, а токму благодарение на серијата погодоци на руското крило беше намалена и предноста на домаќинот, на само два гола разлика (15-13, 16-14). Неколкуте грешки во нападот во завршницата им подарија на домаќините лесни погодоци, Веспрем имаше 21-16, пред Дибиров со својот шести гола да ги постави конечните 21-17 по 30 минути игра.

Вардар покажа многу подобра игра во одбраната на стартот од вториот дел, три минути не прими гол и ја преполови негативата. Сепак, во 34. Минута исклучување заработи Кристопанс, а домашните ракометари знаеја како да го искористат тоа. Повторно се влезе во ритам на игра што му одговара на Веспрем, а откако Манасков погоди за водство на домаќинот од 26-21, Кокшаров беше приморан да интервенира со нов тајмаут.

Сепак, советите на Русинот не вродија со плод, па Веспрем предводен од Лауге на 15 минути до крајот стигна и до „плус шест“ (30-24). Потопот продолжи, па по исклучувањето на Калараш во 51. Минута, Вуко Борозан погоди за најубедливи осум гола предност на Веспрем до тој момент (33-25). Кокшаров последниот тајмаут го побара при 36-27, откако му даде шанса и на третиот голман (Кизиќ), но впечатокот што Вардар го остави на овој меч беше далеку од оној што му доликува на актуелен европски првак, за конечни 39-30. Исфрустриран од она што го гледаше на терен, капитенот Стојанче Стоилов пред самиот крај заработи и исклучување.

Дибиров со осум гола беше најефикасен кај Вардар, Дисингер постигна пет погодоци, но од дури 11 обиди, а по три гола постигнаа Кристопанс и Чупиќ. Дејан Манасков постигна три гола за Веспрем, а најдобри поединци во победничкиот тим беа Лауге со осум, Нилсон со шест и Ненадиќ со пет погодоци.

Коментари

Популарно