Павел ги менува своите цртежи за помош на животните

Павел Абрамов од Русија, кој има само 9 години, со својот талент за цртање секојдневно им помага на бездомни животни згрижени во засолниште. Ова досетливо момче ги заменува своите прекрасни цртежи за храна, опрема и лекови за кучињата сместени во единствениот стационар во неговиот град Арзамас. Во моментов, таму живеат повеќе од 100 кучиња.

Павел и неговата мајка Екатерина ја започнаа хуманата мисија за помош на животните откако го изгубиле семејниот миленик. Идејата била на Павел, кој не можел да ги игнорира кучињата скитници на улица, а Екатерина му помага да ја реализира.

Тие имаат група наречена „На што е способен еден мал волонтер?“ преку која ги наоѓаат своите клиенти кои сакаат да имаат цртеж од нивниот миленик. Користејќи фотографија, Павел го слика животното на хартија, а потоа му го „продава“ своето дело на сопственикот.

Работата на Павел не е ограничена само на Русија. Тој има и „купувачи“ од Германија и Шпанија.

„Нашето семејство се гордее со неговиот прекрасен проект. Неговите денови се испланирани до минута, сака да прави апсолутно сè, но нема доволно време“ – рекла мајка му, која открила дека Павел сака да биде архитект кога ќе порасне и дека сака да создаде свое засолниште за животни.

Коментари

Популарно