ВИДЕО: Авиони летале над островот повеќе пати и во ниеден момент не биле забележани знаци на живот

Вчера новозеландската полиција соопштила дека ќе спроведе истрага за смртта на туристите на вулканскиот Бел остров.

По вчерашната ерупција на вулканот било потврдено дека загинале пет лица, а осум се водат за исчезнати. Нестабилните услови на островот ја попречуваат потрагата, пренесува "AP". 

Околу 47 луѓе биле на островот за време на ерупцијата, од кои некои од евакуираните се здобиле со критични изгореници.

Нестабилните услови и натаму ги спречуваат спасувачките екипи во потрага по исчезнатите, а експертите утврдуваат дали е безбедно да се вратат на островот за да трагаат по нив.

Авиони летале над островот повеќе пати и во ниеден момент не биле забележани знаци на живот, изјавила премиерката Џасинда Ардерн.

Расел Кларк, болничар на одделението за интензивна нега, рекол дека ерупцијата изгледала како нуклеарната катастрофа во Чернобил, само што се е прекриено со пепел.

Ардерн рекла дека меѓу повредените Новозеланѓани има и туристи од Австралија, САД, Велика Британија, Кина и Малезија.

Премиерот на Австралија, Скот Морисон, рекол дека 11 Австралијци исчезнале, а 13 биле хоспитализирани.

Се верува дека меѓу петте настрадани има тројца Австралијци, им рекол тој на новинарите во Сиднеј.

"Се плашам дека ќе дојдат и полоши вести", рекол Морисон.

Новозеландската агенција за сеизмичко следење GeoNet, го кренала нивото за предупредување за вулканот на 18-ти ноември од еден на два на скалата од пет, бидејќи забележала пораст на сулфур-диоксидот кој потекнува од магмата длабоко во вулканот.

Во понеделникот по ерупцијата, нивото на предупредување било кренато на четири, но било намалено на три откако активностите се намалиле.

Ардерн рекла дека Белиот остров е многу непредвидлив вулкан и дека ќе стане збор за тоа дали туристите треба да го посетуваат, но сега фокусот е на луѓето кои се погодени од овој ужасен настан.

Коментари

Популарно