Груевски до Десковска: Да каже барем една фирма која сум ја преземал со изнуда

Eкс премиерот Никола Груевски по интервјуто на министерката за правда, Рената Десковска за ТВ 21, бара да каже барем една фирма која ја преземал со изнуда или без изнуда или на било каков начин, пред да го спомнува неговото име.

Бара од неа да изнесе докази и веднаш да ја конфискува. 

„Пред две години српскиот политичар Јеремиќ изјави дека сум приватизирал фабрика за оружје во Србија. ОЈО веднаш побрза да објави дека за ова започнуваат истрага. Во овој контекст го повикувам Јовевски по две години откако под негово водство ОЈО објави дека ќе вршеле истрага, да ги објави резултатите од таа истрага. Самата објава дека ќе има истрага за нешто кај многумина создава сомнеж дека нешто се случило. Затоа, коректно е да се објават и резултатите од таа истрага. И уште нешто околу интервјуто на Десковска која изнесе неточни информации околу дејствија поврзани со Законот за јазиците и случајот ТНТ, на наводен неетички обид на мој адвокат. Јас немам од мене ангажиран адвокат во Македонија за случаите на СЈО повеќе од една година. Тие адвокати кои порано сум ги ангажирал, имале, имаат и ќе имаат илјадници други клиенти чии интереси ги бранеле, ги бранат и ќе ги бранат. Не личи на министер за правда кој претендира да биде сфатен сериозно да ја манипулира јавноста со фрази од типот “адвокатот на Груевски” направил ова или она, кога добро знае дека над една година немам ангажирано адвокат, а дека тие кои некогаш сум ги ангажирал денес бранат права и застапуваат многу други клиенти. Десковска може што сака да мисли и зборува за мене, но не личи да манипулира со јавноста создавајќи лажна слика и перцепција дека јас сум ангажирал адвокат сега да поведе некоја постапка во некаква моја корист“, пишува Груевски. 

Коментари

Популарно