Ангеловска: Јануарската пензија повисока за 700 денари

Пензискиот столб е одржлив, а со јануарската пензија околу 322 илјади пензионери ќе добијат покачување за седумстотини денари.  Министерката за финансии Нина Ангеловска во интервју за „Утрински брифинг“, вели дека вклучително со индексакцијата за зголемување на трошоците за живот пензиите во 2020 ќе пораснат за 900 денари, со што се очекува просечната пензија изнесува 15.500 денари.

-Ова е категорија на население на која треба да се обрне внимание, која тука живеела, придонесувала за оваа земја. Ако 44 проценти од пензионерите или околу 140 илјади земаат пензија до 12 илјади или 12 илјади денари, сметам дека кога имаме економски раст, кога имаме проекција за раст годинава од 3,8%, кога имаме раст на минималната плата, треба да ги адресираме и овие граѓани, вели министерката.

Во однос на одржливоста на  пензискиот фонд, министерката вели дека приходите од придонеси во претходната година бележат раст за 10 проценти. Ова зголемување е и резултат на растот на вработеноста во државава, бидејќи во моментот имаме историски најниска стапка на невработеност, посочи министерката.

-Очекувам да има позитивни ефекти и поради зголемување на минималната плата и секако со сите мерки кои се реализираат ќе се зголемат приходите во пензискиот столб. Во однос на тоа дали е одржлив веќе ги кажав аргументите по однос на кои растат приходите. Во однос на оној непокриен дефицит кој се надополнува од страна на Буџетот – ако во 2018 изнесувал 16,5 милијарди денари, сега тој е 16,3 милијарди денари, што значи дека се работи на стабилизација. Стабилноста на пензискиот фонд е клучно за нашата економија, за нашата земја, бидејќи имаме популација која старее, вели министерката.

Коментари

Популарно