Мојсоски за настапот на репрезентацијата: Нема хемија во децата, јас одма знаев дека ништо не можеме да направиме

Македонската ракометна репрезентација уште во првата фаза го заврши настапот на ЕП 2020 во Австрија, а вчерашниот пораз од домаќинот-Австрија (32-28) тешко го прифатија македонските навивачи.

Екс-репрезентативецот Наумче Мојсоски за „Фокус“ даде свој став околу настапот на нашите ракометари на ова големо европско натпреварување.

„Нема хемија во децата. Јас уште пред почетокот на ЕП бев скептичен, но и толку можеме. Јавноста треба да сфати дека репрезентацијата поминува низ смена на генерации и сметам дека самиот пласман е успех. И така треба да биде – да се радуваме со секоја квалификација на големо европско натпреварување. А што ќе направиме, тоа е веќе друга приказна. Јавноста врши голем притисок и врз ракометарите кои пак изјавуваат дека „мора да поминеме во втор круг“. Не мора. Криви сме сите кои билдаме притисок кон ракометарите. Овие млади деца треба да се уиграат неколку дена пред ЕП заедно со Кире Лазаров кој е лидер на тимот“, вели Мојсоски.

Според него, некои од нашите млади ракометари избрзуваат со одлуката да заиграат во странски ракометен тим.

„Некои од ракометарите многу брзаат да направат трансфер во странство. Мислам дека треба во Македонија да се афирмираат како носители на еден тим, па после да заминуваат од земјава. Година дена треба да си прв во село, па потоа да заминеш во град. Парите ќе дојдат, треба малце самокритика. Прават трансфери, па после седат на клупа, на трибини. Тука ни е проблемот. Во нашата генерација, сите игравме по 60 минути на терен. За жал, во сегашната репрезентација има се помалку такви играчи“, порача Мојсоски.

Стружанецот пред четири години се збогува со репрезентацијата, за која настапи на над 100 натпревари.

Коментари

Популарно