СВОИ ИСКУСТВА ОД БОРБАТА СО КОРОНАТА: Италијански кардиолог кој се излечил од коронавирусот

Докторите и медицинските сестри во римската болница Касалпалоко во тишина се движат околу пациентите кои беспомошно лежат во кревети опкружени со апарати кои им ги мерат виталните знаци.

Медицинскиот персонал строго се придржува до безбедносните протоколи. Сите се од глава до петици во заштитна облека, со ракавици од латекс на рацете, маски и заштитни наочари на лицето.

Медицинските сестри постојано ги чистат ракавиците со дезинфекциски гел. Една по една излегуваат кратко надвор за да земат воздух. Некои нервозно пушат цигари, други слушаат како пеат птиците. Но, тоа тешко може да им ги тргне мислите од пациентите.

Смртта демнее

Еден од пациентите кој закрепна е 65-годишниот кардиолог Фабио Биферали кој помина осум дена „изолиран од светот“ во одделението за интензивна нега.

„Имав чудни болки, како некој да ми седи на грбот. Бидејќи сум доктор, си реков самиот себеси дека тоа е воспаление на белите дробови. Не можам да зборувам сега за тоа, а да не заплакам. Солзите сега лесно ми доаѓаат“, рекол Биферали.

Тој рекол дека тоа што е доктор му помогнало во болката.

„Терапијата со кислород е тешка, потрагата на артеријата е болна. Некои други пациенти викаа „доста, доста“. Најлошо е навечер. Не можев да спијам. Преку ден доаѓаат докторите, доаѓаат сестрите, носат храна.“

„А ноќе… ноќе доаѓаат кошмарите. Смртта демнее“, опиша докторот.

Грижливи очи

„Како што не можев да спијам, ги броев дишењата на човекот до мене со помош на мобилниот. Си дадов задача да внимавам на него. Така престанав да мислам на себеси“, вели тој.

Докторот вели дека медицинскиот персонал бил целосно покриен.

„Можев само да им ги видам очите, грижливите очи, и да им го слушнам гласот. Тие ми влеваа надеж.“

Тој вели дека во тие моменти најмногу им недостасувала фамилијата.

„Се плашев дека веќе никогаш нема да ги видам и гушнам. Дозволив очајот да ме преземе“, се сеќава докторот.

Биферали нагласува дека од тоа научил важна лекција.

„Од сега натаму, ќе се борам за јавното здравје. Ова не смее да се третира како вежба и да се остави во рацете на политичарите. Мораме да го одбраниме еден од најдобрите здравствени состави на светот“, заклучи тој.

Коментари

Популарно