Погледнете како Кина успева да го претвори отпадот во пари

Во светот во кој секојдневно се зголемува отпадот, Кина знае подобро од сите други како да го претвори отпадот во пари. Во 19 век САД увезувале метален отпад од Англија и го користеле за изградбата на железници.

Пред Втората светска војна Јапонија увезувала метален отпад од САД и го користела за производство на оружје. По војната Јапонија повторно увезувала американски рециклиран отпад и го користела за градење инфраструктура.

Во 60-тите години Тајван станал најголемиот увезувач на метален отпад во Азија. Тајван го користел отпадот за производство на многу работи, меѓу кои и автомобилски делови. Во 80-тите години увезувањето отпад во Тајван се намалило бидејќи станало скапо.

Во тоа време Кина се отворала за бизнисот. Компаниите за рециклирање од Тајван се релоцирале во Кина. До средината на 90-тите години Кина станала најголем увезувач на отпад од метал, хартија, картон, пластика и електроника во историјата на човештвото. До 2009 година повеќе од половина од хартијата, 70% од алуминиумот и 60% од бакарот кој се користел од кинеските произведувачи доаѓале од рециклиран отпад. Дури и рециклираната пластика ја користеле некои од најголемите компании.

Многу кинески компании од разни индустрии користат рециклиран отпад за да ги намалат трошоците за производство. Вредноста на странскиот отпад кој го рециклирала Кина се проценува на стотици милиони долари. 

Во 2009 САД извезле над 23 милиони тони рециклиран отпад во Кина, а потоа количината почнала да се намалува. Порастот на платите и еколошките иницијативи предизвикале намалување на увозот на американски отпад во Кина. Многу кинески компании, меѓу кои и оние за рециклирање, почнале да се релоцираат во Југоисточна Азија и на други подостапни места. 

Сепак, Кина била доволно богата за да почне да создава доволно свој отпад кој би се рециклирал. Моментално Кина произведува најмногу отпад во светот. До 2017, годината кога Кина изјавила дека ќе започне да го ограничува увозот на рециклиран отпад, увозот на американски отпад во Кина изнесувал 15 милиони тони. Во меѓувреме земјите што дотогаш извезувале отпад во Кина почнале да се вртат кон други земји, како Малезија.

Извор: Факултети.мк

Коментари

Популарно