29 проценти од корисници на апликацијата пријавиле барем еден симптом преку таа апликација

Губењето на осетот за мирис и вкус можеби е најдобриот начин да знаете дали страдате од коронавирус, се вели во анализата на податоците собрани од интернет-апликацијата за следење на пандемијата на коронавирус каде што корисниците ги пријавуваат симптомите, изработена од британски и американски научници.

Скоро 60 проценти од корисниците, за кои подоцна беше потврдено дека страдаат од коронавирус Ковид-19, пријавиле губење на мирис и вкус на таа апликација, покажа анализата. Ова е споредено со 18 проценти од оние кои пријавиле исти симптоми и кои биле негативни на коронавирус.

Од 1,5 милион корисници на апликацијата од 24 до 29 март, 29,26 проценти пријавиле барем еден симптом преку таа апликација.

1702 пријавиле дека се тестирани за Ковид-19, а кај 579 лица болеста била потврдена, додека кај преостанатите 1123 не била потврдена болеста.

Со помош на собраните податоци, тим научници развија математички модел за да идентификуваат која комбинација на симптоми од губење на мирис и вкус, треска, постојана кашлица, замор, дијареја, болка во стомакот до губење на апетитот – е најточен показател за Ковид-19.

„Според нашите податоци, луѓето кои, во комбинација со други симптоми, пријавиле и губење на мирис и вкус, се чини дека имаат три пати поголеми шанси да страдаат од „Ковид-19“ и затоа треба седум дена да се самоизолираат за да го намалат ширењето на инфекцијата“, вели водителот на истражувањето, професорот Тим Спектор од Кинг Колеџот во Лондон.

Тимот на Спектор го применил откритието на повеќе од 400.000 луѓе кои пријавиле симптоми на апликацијата и сè уште не биле тестирани на „Ковид-19“ и откри дека речиси 13 проценти од нив веројатно ќе бидат заразени.

Тоа би сугерирало дека околу 50.000 Британци може да имаат непотврден Ковид-19, вели Спектор.

Коментари

Популарно