Телевизија Канал 5 објави соопштение за деталите околу новинарот заразен од Covid-19

Телевизија Канал 5 објави соопштение во кое посочи дека заразениот новинар што правел интервју со лидерите на двете политички партии, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, е Гоце Михајловски. Во соопштението стои:

-Свесни сме за тежината на актуелната ситуација, поврзана со светската пандемија на Корона вирусот, која зема замав и за жал , исклучок не беше и еден наш колега, Гоце Михајлоски.

Како професионална и одговорна компанија , која сигурно ќе го надмине и овој сериозен предизвик, потенцираме дека и ние самите сме изненадени од ваквиот развој на настаните, поради фактот што првиот тест кој го изврши колегата Михајлоски беше негативен.

Сакаме да ја информираме јавноста за следново:

Викендот на 28 и 29 март оваа година, колегата Михајлоски бил во посета на своите родители во Прилеп, од каде во понеделникот, на 30ти март, продолжува со работа во дневно-информативната редакција, без никакви елементарни сомнежи ниту симптоми.

Потенцираме дека подолг период веќе имаме воспоставено високи стандарди на заштита и контрола на нашите вработени, во смисол: задолжително мерење на телесна температура при влез во  компанијата, обезбедивме дезинфекциони пунктови на 5 локации, на секој кат, дополнително и во информативната редакција, задолжително работниот процес се извршува со помош на заштитни маски, а за делот на техниката и новинарите се обезбедени и пластични визири , за дополнитена заштита

Во четвртокот и петокот, во емисијата САМО ИНТЕРВЈУ, гости му беа Зоран Заев и Христијан Мицкоски, последователно, при што беа запазени сите протоколи.

Првите симптоми кај колегата Михајлоски се појавиле во недела, 5 април, кои биле во форма на малаксаност, замор и главоболка, по што веднаш околу 17 часот го напуштил работното место.

Од  понеделник, 6 април, на барање на компанијата, колегата е во самоизолација а во меѓувреме тој забележува температура повисока од 38 степени, и бара од својот матичен лекар да добие упат за тестирање , но поради електронската анкета, нема доволни симптоми за да биде упатен на тестирање. На 7 април, во утринските часови, поради зголемената температура прави тест преку крв во една приватна болница, кој покажува дека е НЕГАТИВЕН на корона вирусот.

Во четврток, 9 април, колегата Михајловски заминува во Воена болница , каде е примен, а утринава не информираше дека сепак е позитивен на Ковид-19.

Во насока на следење на препораките за заштита при работа од корона вирусот, последниве неколку недели Канал 5 донесе одлука сите вработени кои можат да го изведуваат работниот процес од дома, тоа и да го прават.

Нашата компанија во соработка со Министерството за здравство ќе ги превземе сите чекори за брзо надминување на оваа несреќна здравствена состојба и благовремено ќе ја известува  јавноста за сите новонастани моменти.

На нашиот колега Гоце Михајлоски му посакуваме да се опорави што е можно побрзо.Ниту тој сакал да биде заразен со Ковид-19, а уште помалку тој да биде трансмитерот и евентуално да зарази трети лица, стои во соопштението.

Иако од телевизијата најавуваат некој вид самоизолација, сепак според соопштението, јасно оставаат простор некои од вработените се уште да престојуваат во телевизијата. Дилемата сега е како ќе постапат надлежните органи и дали сите од Канал 5 ќе мора да одат во самоизолација,т.е. карантин и дали ќе бидат тестирани.

Коментари

Популарно