Во изминатите 24 часа се потврдени 48 нови случаи на Ковид 19, вкупно во земјата 711 дијагностицирани пациенти

Министерството за здравство информира дека денеска од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби со два негативни теста на Ковид-19 се испишани 3 оздравени пациенти, двајца од Тетово и еден од Куманово. Два пати негативен и оздравен е пациент од Скопје кој се лекуваше во домашни услови.

Во изминатите 24 часа направени се рекордни 496 тестирања на Ковид -19, при што се регистрирани 48 нови случаи, позитивни на вирусот. По градови: Скопје -11, Куманово – 25, Штип -1, Прилеп – 4, Тетово – 1, Струга – 3, Охрид -1, Гостивар -2.

Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во нашата земја изнесува 711 лица. Според местото на живеење, досега случаи на Ковид -19 се регистрирани во:

       Скопје – 284

       Куманово - 168

       Дебар – 49

       Штип-21

       Прилеп –50

       Тетово – 31

       Струга – 33

       Велес – 18

       Битола –8

       Охрид –4

       Кавадарци - 3

       Гостивар –6

       Гевглелија – 4

       Струмица – 2

       Крива Паланка-3

       Радовиш - 4

       Крушево – 3

       Кочани – 19

       Пробиштип - 1

Од 496 тестирање,  преку ИЈЗ се направени 353, преку Ветеринарен факултет –9, Авицена –14 , Биотек –24  и Фипил Втори (Жан Митрев) –96. Досега во земјата се направени 7.067  тестирања на Ковид-19.

Согласно извештајот на Институтот за јавно здравје, во денешната статистика ќе бидат евидентирани 2 претходно починати лица. Едно лице од Лабуништа – Струга (63г) за кое Министерството информираше на 5 април. Пациентот беше донесен во тешка состојба на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, а неговиот тест е изработен постмортем. Во денешната статистика на ИЈЗ ќе биде евидентиран и починатиот притвореник од Истражниот затвор во Шутка, за кој Министерството информираше во текот на вчерачниот ден.

Резултатите од тестот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев се очекуваат околу 16 часот.  Веднаш потоа Министерот Венко Филипче ќе одржи прес конференција да ги соопшти деталите, како и да информира за состојбата и актуелните прашања со коронавирусот во земјата

Во моментов се одржува вонредна консултација помеѓу стручниот тим на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести за да се утврдат следните чекори во однос на заштита и изолација во зависност од исходот на резултатот.

Коментари

Популарно