Градоначалникот Аце Коцевски- Наместо да ја оставите на гробишта-донирајте ја храната

Градоначалникот Аце Коцевски на вчерашната прес конференција упати апел до сите граѓани кои планирале во текот на денешниот ден и  утре да ги посетат вечните почивалиштата на своите најблиски, да се придржуваат и да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид-19 и да не ги посетуваат црквите и гробиштата, а храната која сакале или планирале да ја остават на самите гробни места да ја донираат на оние на кои им е неопходна, а со тоа да покажат добро дело.

Воедно, Коцевски упати апел до сите жители на Општина Велес да ги почитуваат мерките за носење на лична заштитна опрема, да држат растојание и да одржуваат хигиена, со цел да не го доведуваат во ризик здравјето на своите најблиски, особено повозрасните, како и оние сограѓани кои имаат хронични заболувања.

Како што рече Коцевски, претставниците на МВР – СВР Велес потенцирле дека најголем проблем се младинците кои не доволно ги почитуваат мерките за заштита, дружејќи се во поголеми групи, посебно во ноќните часови.

На оицијалната страна на Повардарската епархија се наведува:

Почитувани,

Со оглед на новонастанатата состојба во нашата држава, а заради пандемијата со КОВИД-19, која се однесува на забраната за посетување на гробните места за денот на покојните – ДУХОВДЕНСКА ЗАДУШНИЦА, се известуваат и повикуваат сите верни чеда на Повардарската православна епархија од сите населени места кои се наоѓаат во нејзиниот состав, во деновите 05.06. 2020 (Петок) и 06.06.2020 (Сабота), во периодот од 08-14 часот, да дојдат во храмовите (дворовите на храмовите) и со себе да понесат варена пченица, црвено вино и список со своите претходно упокоени блиски роднини и пријатели.

Во тој спомен (на нашите претходно упокоени) на ден 06. 06. 2020 (Сабота) со почеток во 08 часот ќе биде отслужена и Заупокоена Литургија во сите храмови. Затоа Ве покануваме достоинствено да им оддадеме чест и спомен на сите упокоени наши браќа и сестри во Христа.

Коментари

Популарно