Во нередите во Белград повредени 43 полицајци, уапсени 23 граѓани

Директорот на српската полиција Владимир Ребиќ истакна дека во синоќешните нереди повредени се 43 полицајци, а уапсени се 23 лица. Запалени се пет полициски возила, а повредени се три коњи на полицијата.

-Имавме 43 повредени полициски службеници, а веројатно бројот е значајно поголем. Имаме податоци за повредени 17 учесници на протестот, рече Ребиќ кој додаде дека се приведени 23 лица, меѓу нив и Дамњан Кнежевиќ, кој се претпоставува дека е организатор на протестот.

Тој истакна дека полицијата ќе изврши анализа и ќе утврди кој е одговорен за организација на протестот, додека одговорност за нападот лежи во Кнежевиќ и во поранешниот член на Двери, Срѓан Ного.

Судирите помеѓу полицијата и демонстрантите траеја со часови, а сè почна со собирот пред српскиот парламент, каде што беше пробиен полицискиот кордон и група граѓани успеа да влезе во холот на зградата, но за кратко време беше избркана надвор. И додека полицијата беше гаѓана со јајца, камења, шишиња и факели, таа возврати со солзавец, а за да ги растера демонстрантите, на помош ѝ дојде и полициска коњаница.

Околу два часот после полноќ, полицијата успеа да ги потисне демонстрантите од платото пред српскиот парламент и од околните улици, при што се запалени најмалку два полициски автомобила. Во улиците кои водат кон парламентот, полицијата постави кордони.

Брзата помош утрово објави дека во болница се примени 13-мина полицајци и седуммина демонстранти.

-Го осудуваме вандализмот на политичарите кои стојат зад насилниот упад во парламентот, во моментите кога земјата се соочува со најсилниот удар на коронавирусот. Откако не успеаја да влезат во парламент преку изборите, тие повторно го покажаа своето вистинско насилничко лице, изјави премиерката Ана Брнабиќ.

Коментари

Популарно