МОН и Комисијата за заразни болести неделава ќе ги утврдат протоколите за училиштата

Работната група на Министерството за образование и наука ќе има средба со Комисијата за заразни болести денеска или утре за да се утврди конечна верзија на плановите и протоколите како да се одвива наставата од 1 септември во услови на епидемија од ковид-19. Заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска пред празникот Илинден изјави дека работната група и за време на продолжениот викенд ќе работи за да ги финализира сите детали во документите што ќе им бидат претставени на членовите во Комисијата со која и досега имале консултативни средби.

Конечната верзија, како што рече, потоа треба да помине на седница на Влада, можеби уште на првата закажана по празникот – в среда, и се надева дека до петок усвоената верзија веќе ќе им биде пратена на училиштата за да се подготват и приспособат според своите услови. На 10 август ќе биде презентирано и за јавноста.

-Имаме модели и оставаме самите локални самоуправи, кои имаат и кризни штабови, да направат проценка кој модел што ќе го понудиме и во кој период ќе биде корисен според епидемиолошката слика. Наш генерален став, како и во повеќето земји во светот, е наставата да се организира со физичко присуство на учениците и со почитување на мерките за заштита. Тоа ќе зависи и од средината, дали има или нема заболени од вирусот. Нема да биде проблем за помалите и руралните средини со помал број ученици. Наставата со физичко присуство ни е важна за основците, особено за најмалите, од прво до трето одделение, кои не може да се описменуваат преку компјутер, а има и родители кои не можат или не знаат да им помогнат. Тука е многу важна и социјализацијата на тие деца, изјави Наумовска. Онаму каде што ќе има учење од далечина, рече таа, не значи дека моделот е-настава ќе се применува во текот на целата учебна година, туку додека трае опасноста од вирусот и ќе може да се преминува од еден во друг модел.

Текстот продолжува на Вечер

Коментари

Популарно