Прогласена тридневна жaлост во Либан: Се очекува пораст на бројот на жртвите

Либанските спасувачки екипи и денеска продолжија со потрагата по преживеани меѓу урнатините по стравотната експлозија во Бејрут, во која животот го загубија најмалку 135 луѓе, а над 5.000 се повредени.

Премиерот Хасан Дијаб прогласи тридневна жалост почнувајќи од денеска, а првичните резултати од истрагата покажуваат дека виновник за експлозијата е невниманието на надлежните.

Без домови останаа 300.000 луѓе, соопштија властите.

Се очекува пораст на бројот на загинати во експлозијата за која властите откриваат големо складиште на високоексплозивен материјал, кој со години бил чуван во небезбедни услови во пристаништето.

Претседателот Мишел Аун изјави дека 2.700 тони амониумнитрат, кој се користи за ѓубриво и бомби, бил складиран шест години во пристаништето по запленувањето.

Тој додал дека владата е одлучна во тоа да истражи што побгуо што се случило и одговорните и оние што се однесувале неодговорно да бидат казнети.

Владата нареди пристанишните власти, кои учествувале во складирањето и чувањето на материјалот, да се стават во домашен притвор.

Властите не го потврдија потеклото на почетниот пожар, кој доведе до експлозија, но локалните медиуми и еден безбедносен извор наведуваат дека пожарот го предизвикале луѓе што заварувале.

Коментари

Популарно