Подгответе се -Тошо Малерот промовира книга

Васко Тодоров, кој е познат по неговото хумористично алтер-его Тошо Малерот во понеделник (17 август) во 19 часот ќе има нешто да ни каже. Во книжарницата „Литература.мк“ во „Сити мол“ ќе ја потпишува неговата книга „Тошо Малерот: Монологија“.

Сите обожаватели ќе може да ја купат книгата и да се запознаат со Васко. Притоа ќе бидат запазени и сите соодветни мерки за заштита. Посетителите ќе мора да носат маска и ќе биде контролиран влезот во книжарницата.

Инаку, во делото се собрани култни монолози кои популарниот „батка“ ги има кажано во легендарното шоу „К-15“. Како и скечеви кои не биле емитувани на телевизија досега.

Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“ и веќе може да се купи во сите книжарници „Литература.мк“ како и да се нарача онлајн.

Во краткото промотивно видео каде што Васко Тодоров се појавува во улога на неговиот лик Тошо Малерот, се зборува и за правецот на самото дело.

‒ Батка, оваа книга ти е чист импресионизам со примеси на експресионизам, а целта е да се доближи човековото внатрешно битие кон возвишеното во него. Затоа што љубовниот стремеж е чекан, обостраната хемија е длето и сè се сведува на делкање – вели тој.

Васко Тодоров во моментов е дел од екипата на сатиричната емисија „Фчерашни новости“. Најголемиот дел од популацијата го препознава по легендарните ликови кои ги толкуваше во рамки на шоуто „К-15“ заедно со Бранко Огњановски и Љупчо Бубо Каров.

Првата епизода била емитувана на 23 ноември 1994 година на А1 телевизија. Шоуто оттогаш обезбедува силна социјална, политичка и економска критика особено на нелогичностите во македонското општество, етничката толеранција, стереотипите и табу темите.

„К-15“ во текот на своето постоење е емитувана на повеќе домашни телевизии и останува една од најпознатите хумористични емисии во земјава.

Извор: https://magazin.antoris.mk/

Коментари

Популарно