Цели групи заминуваат во изолација, градинките се празнат

Според најновите информации што Слободен печат ги доби од Министерството за труд и социјална политика, позитивна на Ковид 19 е и негователка во детската градинка Детска радост во Автокоманда, додека пак во позитивен тест за Ковид 19 имал и логопедот во градинката Мајски цвет во Карпош.

Родителите секој ден во страв ги пуштаат децата во градинка, поради фактот што секојдневно се зголемува бројот на новозаболени негователки и воспитувачки.

Од вчера 10 деца се во самоизолација, поради присуство на коронавирус кај една од негователките од објектот „Кокиче“, во рамки на градинката „Росица“ во Ѓорче Петров.

-Една негователка и групата во која што е ангажирана се во самоизолација од вчера. Станува збор за група од десет деца. И претходно имавме случаи на позитивни воспитувачки и негователки поради што децата беа во изолација, но за среќа се добро се заврши, сега тие се вратени на работа, а децата се вратени во градинка, се надевам дека и овој пат се ќе заврши без последици, рече во телефонски разговор за Слободен печат, директорката Маја Ристовска.

А, вакви појави има и во неколку други градинки. Во уште една градинка со истото име, но во општина Кисела Вода, има појава на заразена воспитувачка со коронавирус.

Од денеска десет дечиња од објектот „Кокиче“ во Кисела Вода се во самоизолација,поради позитивен тест на коронавирус кај една од воспитувачките од градинката Кокиче. Тестот бил потврден вчера, исконтактиран е Центарот за јавно здравје, постапено е по алгоритмот, известена е Општината и Министерството за труд и социјална политика. Направена е дезинфенкција на целиот простор. Нема простор за паника бидејќи при појавата на првите симптоми колешката е останата дома, и таа веќе неколку дена немаше контакт со останатите вработени, ниту со децата. Морам да кажам дека свеста кај родителите е на високо ниво, имаат разбирање за состојбата и нема обвинувања упатени до наша адреса, рече директорката на градинката, Станка Баџакова.

Според најновите информации што Слободен печат ги доби од Министерството за труд и социјална политика, позитивна на Ковид 19 е и негователка во детската градинка Детска радост во Автокоманда, додека пак позитивен тест за Ковид 19 имал и логопедот во градинката Мајски цвет во Карпош.

-По консултација со Центарот за јавно здравје Скопје одлучено е никој да не оди во изолација бидејќи вработената немала директен контакт со децата ниту со вработените. Таа работи сама во канцеларија, а во текот на работното време секогаш носела маска, ни одговорија од Карпош.

Позитивна на корона е и една хигиеничарка од градинката 13 Ноември во Центар.

Од градинките во внатрешноста, позитивна на Ковид е негователка од градинката „Димче Мирчев“ од Велес, воспитувачка од градинката „8 Март“ од Струга, воспитувачки од „Детска радост“ од Гевгелија и Гостивар, како и еден вработен од главната кујна на градинката „Вера Ц. Трена“ од Штип.

Од почетокот на отворање на детските градинки до сега се заразени 26 деца и 83 вработени во градинките, а во моментот дури 482 дечиња и 77 возрасни се наоѓаат во изолација.

До нашата редакција стигна информација дека и во градинката 8 Март исто во Кисела Вода има појава на коронавирус по што цела група е во изолација, но официјално не добивме потврда на оваа информација.

Коментари

Популарно