Италија стана „бела зона“, се укинуваат ограничувањата против Ковид-19

Од денеска, цела Италија стана „бела зона“, што значи дека опасноста од инфекција со Ковид-19 е минимална и дека ограничувачките мерки се укинуваат, пишуваат италијанските медиуми.

Единствен исклучок е северната провинција Вале д’Аоста, која неделава сè уште е во таканаречениот режим на „жолта зона“, што значи дека благите ограничувачки мерки ќе останат на сила уште седум дена.

Полицискиот час, кој беше во сила од 23 часот до 5 часот утредента, се укинува низ целата земја.

Минатата година, Италија воведе начин за опишување на епидемиолошката состојба во зоните во боја, каде што црвената боја укажува на најголем ризик од инфекција и најстроги мерки на ограничување, а белата зона ги укинува мерките против Ковид-19.

На денешната седница, владиниот научен и технички комитет се очекува да донесe одлука за укинување на обврската за носење заштитни маски на отворено следната недела.

По тој повод, весниците пишуваат „дека по една година, Италијанците ќе можат слободно да дишат“.

Но, граѓаните се нетрпеливи и веќе на улиците, многумина можат да се видат како носат маска околу вратот, подготвени во случај на контрола, а не како што е пропишано на лицето, анализираат медиумите во таа земја.

Препораката да се избегнат големи собири останува на сила, но граѓаните на Рим ја игнорираа, па вчера, поради масовноста на одредени градски плоштади, полицијата го ограничи пристапот поставувајќи заштитна ограда, пренесуваат тамошните гласила.

Коментари

Популарно