Македонија ја „скина“ мрежата на Грција

Ракометната репрезентација на Македонија со убедлива победа од 39-21 ја совлада селекцијата на Грција во рамки на првиот натпревар од Медитеранските игри во Алжир.

Селекторот на нашата репрезентација, Кирил Лазаров, на терен излезе со најавената млада ракометна сила, која покажа и докажа дека Македонија има светла иднина во ракометот. Натпреварот го отворивме ние, а некаде до 10. минута се водеше изедначена битка и се играше гол за гол. Марко Кизиќ со неколку интервенции во низа и Ненад Костески по десното крило со неколку брзи голови го скршија отпорот на Грција за прво водство од два разлика, 12-10.

До крајот на првото полувреме Македонија буквално ја „скина“ мрежата на противникот, а дополнително се разиграа Петар Атанасијевиќ и Мартин Серафимов. На пауза се замина со високи 20-12 за Македонија.

Во вториот дел избраниците на Лазаров продолжија таму каде што застанаа претходно. Одлична одбрана, но и супер-ефикасен напад. Под наша контрола беше целосниот меч, па од минута во минута постојано ја зголемувавме предноста, најпрвин на 15, а потоа и на највисоките 19 гола разлика (39-20).

Ракометарите на Македонија рутински го завршија двобојот со нашиот сосед, висока победа за уште повисока самодоверба и мотивација за претстојните противници.

По дуелот со Грција, утре следува натпреварот со домаќинот Алжир. Веќе в четврток македонскиот национален тим ќе игра против фаворизираната Шпанија, а веќе следниот ден и против Турција.

Во тимот на Македонија се истакнаа Мартин Серафимов со седум гола, Ненад Костески и Петар Атанасијевиќ со по пет гола. На нашиот гол особено доминираше Марко Кизиќ, кој запиша десетина одлични интервенции. Доколку Македонија се пласира во плеј-офот, натпреварите ќе продолжат и во текот на викендот.

Коментари

Популарно