Во недела камбаните ќе го означат почетокот на еколошко востание во Дебрца

Охрид, 16. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во недела, 22-ри април, на Денот на екологијата, симболично, во пет до дванаесет часот,  камбаната на црквата „Свети Атанасија“, во селото Црвена Вода, ќе го означи почетокот од еколошкиот бунт на жителите од општина Дебрца, но и од други градови во земјата, против владината намера за изградба на регионална депонија кај селото Годивје, на само неколку стутини метри од новиот автопат во изградба, Кичево-Охрид.

Звукот на оваа камбана, слично како и во 1941-та, ќе го преземат и ќе го продолжат црквите во сите останати села, со што ќе започне второто, овој пат, еколошко сенародно востание. Веднаш потоа, после селото Ботун, влезот во првоослободената територија за време на антифашистичката војна пред 75 години, ќе биде сопрен сообраќајот на автопатот Охрид-Скопје, откај кичевската страна и кај Ново Село и така ќе биде цели два часа, се` додека трае големиот протест.

– Обезбеден е широк простор, на кој ќе можат да се паркираат до илјада лесни возила, додека автобусите на неколку превозници, постојано ќе сообраќајат на релацијата до Охрид и назад. Интересот за протестот е огромен. Просторитте на Општинската организација на Сојузот на ветераните за Охрид и Дебрца, претпладнево, беа претесни да ги примат сите заинтересирани. Оваа асоцијација, пријави над двесте учесници-по список, исто толку и организацијата на Сојузот на борците и поддржувачи, а јавно се огласи и Општинската организација на Партијата на пензионерите, која, исто така, по список, ќе носи членови и симпатизери на протестот, информираат организаторите.

Координативното тело, веќе излезе со јавен проглас (Манифест!), а печатеше и плакати и помали флаери.

– Дебрчани, сега е моментот. Дебрца чиста ја наследивме, чиста и ќе ја оставиме, порачаа организаторите на протестот, кои во повикот потсетуваат на убавините на овој регион, но и на значењето на Дебрца во градењето на државата, тогаш кога било најтешко, се вели во Прогласот.

Во подготовките е вклучена и локалната самоуправа од општина Дебрца, иако раководена од градоначалник од редовите на СДСМ и со Совет со мнозинство на истата партија. Советот на општина Дебрца, претходно, едногласно ја отфрли одлуката за давање согласност за основање на регионална депонија и потребната инфраструктура за Југозападниот плански регион од страна на Владата на Република Македонија. Од Советот се огласија дека се решени да истраат до крај во намерата Дебрца да остане еколошки чиста и заштитена средина, без можност за сквернавење на нејзината природна еко рамнотежа.

Советниците, изгласаа заклучок целост да ја почитуваат волјата на граѓаните на Дебрца, изразена преку референдумската одлука, односно јасно изразената волја против предложеното решение. Од вкупно запишаните 4.625 граѓани во избирачкиот список, на референдум излеглоа 3.149 граѓани, или 68 проценти. Од излезените граѓани против изградба на регионална депонија се изјасниле 2.746 или 87 проценти, додека за изградба се изјасниле 297 или 13 посто од вкупно излезените граѓани.

Покрај референдумот, жителите на Дебрца го држат за збор и тогашниот лидер на опозицијата, сега премиер, Зоран Заев, кој на предизборен митинг во Белчишта, седиштето на општината, јавно вети дека ќе се заложи да не се гради планираната депонија во Годивје. Градоначалникот, Зоран Ногачески, изјави дека целосно ќе ја почитува волјата на граѓаните кои на референдум се изјаснија против изградба на регионална депонија во атарот на селото Годивје. Ногачески таквиот став го изнел и на средбата на премиерот и министерот за животна средина со градоначалниците, посветена на решавањето на проблемот со депонирањето и третманот на цврстиот отпад. Градоначалникот Ногачески е категоричен дека не може да се оправда било какво решение за регионална депонија во срцето на Дебрца. Ногачески уште еднаш го повикува надлежното министерство да отвори нова дебата и расправа по ова прашање, која ќе биде транспарентна, со вклученост на сите засегнати страни, како и стручната јавност, екологистите, еколошките здруженија и граѓаните да го изнесат својот став.

Идејата за регионална депонија во Дебрца е стара неколку години. Најнапред, со средства на ЕУ, беше изработена стручна студија за најповолни локации за изградба на регионална депонија во Југозападниот плански регион во кој спаѓаат општините Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани, Дебар, Центар Жупа, Кичево, Македонски Брод и Пласница. Во неа беа посочени 4 локации, а како најпогодна за изградба на регионална депонија се издвојува село Годивје во општина Дебрца. 

извор: ОхридПрес 

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила на Македонија

Кралството Норвешка денеска ѝ ја предаде донацијата од 76 неборбени моторни возила на земјава. На предавањето на возилата во касарната „Илинден“ во Скопје свои обраќања имаа министерката за одбрана Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски, амбасадорката на Норвешка за Северна Македонија, Кристин Мелсом и командантот на логистика на Вооружените сили на Кралството Норвешка Андрес Јернберг.

Министерката за обрана Петровска во своето излагање посочи дека Армијата минува низ сеопфатен процес на модернизација и секоја дополнителна поддршка од сојузниците е добредојдена. Таа истакна дека донацијата ќе придонесе за зголемување на борбената готовност на Армијата.

– Нашиот одбранбен буџет континуирано расте, но секоја дополнителна поддршка од нашите сојузници е добродојдена. Оваа норвешка донација од 76 неборбени моторни возила значително ќе придонесат за зголемување на транспортните можности на единиците на Армијата односно за нивната борбена готовност, рече Петровска.

Министерката се осврна на бројните проекти кои се реализираат со поддршка на Кралството Норвешка. Со поддршка на Кралството Норвешка, Петровска вели, земјава го изгради Регионалниот центар за односи со јавност, кој во моментов е во фаза на интензивен развој во НАТО школа за односи со јавност, за кој рече, придобивки ќе имаат двете земји, но и НАТО сојузниците.

– Со ваша поддршка го изградивме Регионалниот центар за односи со јавноста кој во моментов е во фаза на интензивен развој во НАТО школа за односи со јавност од кој придобивка ќе има и Македонија и Норвешка, но и нашите НАТО сојузници. Вие сте земја партнер во рамките на Балканските медицински сили чие постојано седиште е во Република Северна Македонија, рече Петровска.

Амбасадорката на Кралството Норвешка за Северна Македонија, Кристин Мелсом, истакна дека дипломатските врски меѓу двете земји се зајакнуваат последните 30 години, особено по приемот на земјава во НАТО Алијансата во 2020 година.

– Во последните години уште повеќе ја зајакнавме нашата врска со посетата на Командантот на Гардата на Неговото височество кралот и нашиот началник за одбрана г. Ајрик Кристоверсен, распоредувањето на македонскиот хируршки тим во Авганистан, меѓусебната размена на кадети, посетите на ваши офицери и на нашата бригада Север и на Здружениот оперативен штаб и уште неколку други проекти, рече Мелсом.

Дополнително ја истакна програмата за размена на кадети како еден од поважните заеднички проекти и посочувајќи на посветеноста на Северна Македонија кон Алијансата.

– Ја видовме посветеноста што ја покажавте кон Алијансата. Ја гледаме не само воената опрема што ја дадовте на Украина, туку и зголемениот број војници што ги имате распоредено во различни мисии. Вашата цел да распоредите 10 проценти од вашата армиска структура е импресивна, истакна Мелсом.

Бригадниот генерал Андрес Јернберг рече овој ден е од историско значење, бидејќи ја одбележува најголемата донација на воена опрема што Кралството Норвешка воопшто ја има направено за земја од Западен Балкан.

– Точно е дека 36-те лесни пешадиски возила и 40-те камиони од Норвешка кои штотуку пристигнаа во Северна Македонија ќе ги зајакнат вашите вооружени сили, но тие исто така се и доказ за нашата заедничка посветеност на поддршката на Украина и на сојузничкото одвраќање и одбрана. Всушност ова е одличен пример за тоа како треба да се врши одвраќање и одбрана преку логистичка соработка во рамките на НАТО, рече Јернберг.

Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, во своето излагање истакна дека во Алијансата не се членува само заради придобивки и бенефиции, туку заради вредности и принципи. Ѓурчиновски истакна дека земјава ја поддржала вистинската страна во војната во Украина, и како што рече, тоа го препознала Норвешка.

– Бевме конкретни и јасно детерминирани и се определивме и ја поддржавме вистинската страна во војната. Свесни бевме за одговорностите. Не се членува само заради придобивките и бенефиции, туку заради вредности и принципи. Кралството точно ги воочи нашите заложби, направивме координација со ГШ и со началникот во мојата официјална посета на Норвешка и во седиштето во Брисел и како што беше истакнато ова е голем историски ден за нашите вооружени сили каде што сме сите сведоци и можеме да ги воочиме 76-те возила кои од утре ќе бидат на македонските патишта за потребите на вооружените сили, меѓутоа и за сите граѓани на нашата татковина, истакна Ѓурчиновски. 

Силјановска Давкова победи во 60 општини, Пендаровски во 3, Османи во 15, Таравари и Димитриевски во по една

Гордана Силјановска Давкова, претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, на вчерашниот прв круг избори за шеф на државата, победи во 60 општини во земјава, кандидатот на СДСМ Стево Пендаовски освои најмногу гласови три, Бујар Османи од ДУИ во 15, а Арбен Таравари од Вреди и Максим Димитриевски од ЗНАМ во по една општина. 

Гордана Силјановска Давковска победи во: Аеродром (51,48 %), Берово (54,92 %), Битола (48,44%), Богданци (49,59 %), Босилево (57,61 %), Брвеница (33,54 %), Бутел (43,91%), Валандово (50,29 %), Василево (60,18 %), Вевчани (56,15 %), Велес (53,57 %), Виница (56,71 %), Гази Баба (53,68 %), Гевгелија (52,62 %), Ѓорче Петров (51,58 %), Градско (64,27 %), Дебарца (57,06 %), Делчево (47, 08 %), Демир Капија (54,77%), Демир Хисар (52,92 %), Дојран (52,58 %), Зелениково (53,35 %), Зрновци (61,15 %), Илинден (62,96 %), Јегуновце (47,49 %), Кавадарци (50,84 %), Карбинци (61,22 %), Карпош (40,82 %), Кисела Вода (57,67 %), Кичево (39,84 %), Конче (57,85 %), Кочани (53,10 %), Кратово (62,84 %), Крива Паланка (47,05 %), Кривогаштани (54,84 %), Лозово (53,09 %), Македонска Каменица (50,96 %), Македонски Брод (55,86 %), Могила (63,48 %), Неготино (49,02 %), Новаци (61,88 %), Ново Село (56,84 %), Охрид (53,89 %), Петровец (59,05 %), Пехчево (53,97 %), Прилеп (51,42 %), Пробиштип (52,03 %), Радовиш (56,34 %), Ранковце (54,34 %), Ресен (47,64 %), Росоман (51,36 %), Свети Николе (57,63 %), Сопиште (49,44 %), Старо Нагоричане (37,59 %), Струмица (47,06 %), Центар (39,98 %), Чашка (32,70 %), Чешиново-Облешево (58,93 %), Чучер Сандево (36,35 %) и во Штип (53,44 %),

Стево Пендаровски освои најмногу гласови во: Крушево (43,02 %), Маврово и Ростуша (44,04 %) и во Центар Жупа (34,95 %).

Бујар Османи победи во: Арачиново (53,51 %), Боговиње (55,33 %), Врапчиште (58,02 %), Дебар (49,88 %), Долнени (32,95 %), Желино (49,45 %), Липково (56,83 %), Пласница (66,91 %), Сарај (55,49 %), Струга (39,38 %), Студеничани (50,54 %), Теарце (41,30 %), Тетово (37,91 %), Чаир (40,65 %), Шуто Оризари (37,11 %)

Арбен Таравари освои најмногу гласови во Гостивар (32,26 %), а Максим Димитриевски во Куманово (22,89 %). 

Времето денес со повремени врнежи од дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините со повремен снег.

Локално, врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.

Во Скопје променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 15 степени.

Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време со пораст на температурите на воздухот.

Популарно