Во денешно време, многумина го поминуваат своето работно време "залепени" за компјутерот, а кога ќе се вратат дома, големиот екран го заменуваат со нешто помал паметен телефон или таблет.
Така живеела и 27-годишната Вирџинија Тап сe' додека не одлучила да се ослободи од паметниот телефон - засекогаш. Кога го заменила својот паметен уред со најобичен мобилен телефон, мајката на две деца вели дека никогаш немала повеќе енергија и подобра концентрација.
Објаснила дека не секогаш била зависна од технологија, туку тоа е резултат на комбинација на елементи.
"Работам како новинар и PR што бара екстремна употреба на социјалните мрежи. Исто така доев две деца и не ми беше тешко да посегнам по мобилниот телефон кога мора да седите и да го храните своето бебе 8-12 пати на ден", изјавила таа.
Таа прв пат почувствувала дека премногу го употребува телефонот пред три години, додека се' уште доела. Таа знаела компулсивно да ги проверува социјалните мрежи и тоа било исцрпувачки за неа.
Пред два месеци, Вирџинија одлучила да престане со таквиот начин на живот и купила класичен мобилен телефон по што сфатила дека не е способна да има здрав однос со технологијата.
"Бев како алкохоличар зад шанк. Морав да го отфрлам телефонот, а со текот на времето забележав дека полесно ги завршувам обврските бидејќи не ме прекинува светлото или вибрациите од паметниот телефон. Завршував повеќе работа, а воопшто не се изморував", напишала вработената мајка.
Претходно, таа ги проверувала социјалните мрежи штом ги отвори очите, а потоа уште неколку пати во текот на денот. Сега на нив се "закачува" само преку компјутерот и тоа по ручекот, додека нејзините деца спијат или евентуално навечер пред спиењето.
"Добра работа е тоа што мозокот е флексибилен, а буквално ми се обновија деловите од префронталниот кортекс, што го намалува нивото на стрес и ја подобрува концентрацијата", објаснила Тап.
Таа додала и дека сега има многу повеќе време за своето семејство, за читање книги и за седење и размислување.