ВИДЕО: Мицковски му се закани на Заев, но не вети ништо ново

Интегрално обраќање на Христијан Мицкоски, на кое го објави исклучувањето на пратениците од ВМРО ДПМНЕ кои гласаа за уставни измени:

,,Денес во Република Македонија се случи тажен ден, црн петок, најцрниот петок во демократијата на современа, независна Македонија.

Имаше луѓе кои се бореа за делото сочувано во идејата за Македонија, и оние кои се бореа против.

Но останува историски траг на кој мора да се биде горд, а тоа е дека народот не ја изневери државата,  туку Зоран Заев и неколкумина до него кои ја спроведуваат неговата идеја.

Волјата на мнозинството граѓани потврдена на референдум, дека се против договорот со Грција беше погазена од две третини од пратениците во Собранието. Но и од 8 пратеници од опозицијата, кои тргнаа против волјата на граѓаните.

На ова претходеа информации и сведоштва кои ми беа пренесувани за силни притисоци и закани. Се говори дека било ветувано ослободување од обвиненијата за кои денес е повеќе од јасно дека се дел од прогон кој има политичка намена, да ги уцени пратениците за да гласаат за овој договор.

Велат дека биле и понудени пари, и дека наместо Собранието да биде храм на демократијата имавме киднапирана институција од ордите на Зоран Заев и неговите луѓе. Сакам да изразам благодарност и огромна почит за пратениците кои одолеаја на заканите и уцените, вие сте пример како се брани и сака својата земја и својот народ.

Но не сите издржаа на таквите притисоци, и денот кога требаше да се гласа за овој договор, се претвори во лов на пратеници.

За овој нивен чекор, на оние 8 пратеници од опозицијата, без оглед на фактот што и добар дел од нив се опфатени од случаите на политички прогони, тука мислам пред се на СЈО и 27 април, и што над глава им висат сериозни обвиненија кои можеби ќе ги чинат слобода, можеби некој ќе изрази разбирање, но јас како човек не можам да ги оправдам, ниту пак можам да ја разберам нивната постапка. Ние не одбираме кога и каде ќе живееме, тоа е Божја работа, но самите одбираме како ќе живееме, со каков углед и каква чест. А верувајте обврската спрема граѓаните е поголема и поважна од било каков притисок, или закана. Најпосле треба да се биде свесен дека има и пратеници кои исто како и тие што гласаа за уставните измени беа опфатени со политичкиот прогон, но се одважија и гласаа согласно партискиот став и согласно волјата на граѓаните на Република Македонија.

Оние 7 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои постапија спротивно на партискиот став и волјата на граѓаните на Република Македонија, кој беше пак партиски став  едногласно донесен и на Извршниот Комитет и на Централниот Комитет и во координација со пратеничката група ме разочараа мене, но и тоа не е толку важно, затоа што пред се ја разочараа партијата и татковината, и ќе треба со тоа да живеат. Токму затоа вечерва ИК на ВМРО-ДПМНЕ одржа вонредна седница и на мој предлог едногласно се усвои веднаш исклучување на овие 7 пратеници од партијата, а тоа се:

•        Елизабета Канческа Милеска

•        Емилија Александрова

•        Нола Исмаиловска Старова

•        Сашо Василевски

•        Љубен Арнаудов

•        Крсто Мукоски

•        Зекир Рамчиловиќ

Ова денес е акт на насилство на државата. Ова не е одлука на народот туку на корумпираното водство на државата кое се бори за својата фотелја поддржана од структури кои решија да работат во нивна полза.

Почитувани граѓани,

Денес Зоран Заев на сила пристапи кон преименување на државата и реализација на договор со кој се губи името Македонија, се губи идентитетот, ќе се преименува историјата, археологијата, образованието и културата. Договор со кој се менуваат личните документи, лицето на Македонија онаква каква што ја знаеме и онаква каква што ја наследивме од нашите дедовци.

Заев нема мандат од народот ова да го прави. Ова е силување на процедурите, насилство врз државата. Срамно дело кое ќе се памети. Заев нанесе срам кон Македонија.

Македонија е во тешка ситуација, токму поради оваа гарнитура на власт. Имавме референдум каде имаше фалсификати, притисоци, имаме гласање за договор кое е постигнато со истите принципи. И ова е се друго, само не европски вредности. Затоа што Европа е пред се принципи и вредности.

ВМРО-ДПМНЕ нема да се откаже од европските вредности, од членството во НАТО, тоа е нашата иднина и тоа е патеката по која се движиме, но во исто време се покажува дека најголемиот непријател на овие вредности е токму првиот човек на Владата, Зоран Заев.

Затоа што договорот е само праванот, а во позадина се бизнисите, и  криминалот кој не престанува.

И многумина ќе си речат ова е крајот, ова е поразот за Македонија, нема иднина веќе овде, не, јас ќе речам ова е почетокот за Македонија, ова почетокот за нас Македонци. Ова почетокот на крајот на Зоран Заев и неговата срамна улога во нашата историја.

Кој друг ако не ние. Не очајувајте. Мораме да се спротивставиме на ова заедничко зло кое ја гуши нашата земја, на оваа криминална насилничка власт. Не чека напорна работа, и кој друг ако не ние имаме обврска да се спротивставиме. Македонецот се борел, не затоа што секогаш победувал, туку затоа што никогаш не се откажувал. А ние заедно ќе победиме и тоа ви го ветувам.

Затоа почитувани избегаа од избори. Фактот што наместо на избори одлучија со сила и притисоци да ја кршат демократијата и државата говори дека се слаби и очајни. Слаби се и очајни и свесни се за тоа. Заев сега избега од избори, ама ќе дојдеш еден ден, ќе те победам, без разлика дали сега или на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските, или кога и да е. Ќе добиеш жестока казна од народот. Било да се изборите сега, или да бидат тие предвремени кога и да се. И верувај ми дека треба да бидеш свесен за тоа.

Најтемно е пред зората, а Гоце Делчев рекол ќе дојде светлото и зората за нас да не огрее, затоа што нашата љубов за Македонија е најголема“-рече на прес конференција Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО ДПМНЕ.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила на Македонија

Кралството Норвешка денеска ѝ ја предаде донацијата од 76 неборбени моторни возила на земјава. На предавањето на возилата во касарната „Илинден“ во Скопје свои обраќања имаа министерката за одбрана Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски, амбасадорката на Норвешка за Северна Македонија, Кристин Мелсом и командантот на логистика на Вооружените сили на Кралството Норвешка Андрес Јернберг.

Министерката за обрана Петровска во своето излагање посочи дека Армијата минува низ сеопфатен процес на модернизација и секоја дополнителна поддршка од сојузниците е добредојдена. Таа истакна дека донацијата ќе придонесе за зголемување на борбената готовност на Армијата.

– Нашиот одбранбен буџет континуирано расте, но секоја дополнителна поддршка од нашите сојузници е добродојдена. Оваа норвешка донација од 76 неборбени моторни возила значително ќе придонесат за зголемување на транспортните можности на единиците на Армијата односно за нивната борбена готовност, рече Петровска.

Министерката се осврна на бројните проекти кои се реализираат со поддршка на Кралството Норвешка. Со поддршка на Кралството Норвешка, Петровска вели, земјава го изгради Регионалниот центар за односи со јавност, кој во моментов е во фаза на интензивен развој во НАТО школа за односи со јавност, за кој рече, придобивки ќе имаат двете земји, но и НАТО сојузниците.

– Со ваша поддршка го изградивме Регионалниот центар за односи со јавноста кој во моментов е во фаза на интензивен развој во НАТО школа за односи со јавност од кој придобивка ќе има и Македонија и Норвешка, но и нашите НАТО сојузници. Вие сте земја партнер во рамките на Балканските медицински сили чие постојано седиште е во Република Северна Македонија, рече Петровска.

Амбасадорката на Кралството Норвешка за Северна Македонија, Кристин Мелсом, истакна дека дипломатските врски меѓу двете земји се зајакнуваат последните 30 години, особено по приемот на земјава во НАТО Алијансата во 2020 година.

– Во последните години уште повеќе ја зајакнавме нашата врска со посетата на Командантот на Гардата на Неговото височество кралот и нашиот началник за одбрана г. Ајрик Кристоверсен, распоредувањето на македонскиот хируршки тим во Авганистан, меѓусебната размена на кадети, посетите на ваши офицери и на нашата бригада Север и на Здружениот оперативен штаб и уште неколку други проекти, рече Мелсом.

Дополнително ја истакна програмата за размена на кадети како еден од поважните заеднички проекти и посочувајќи на посветеноста на Северна Македонија кон Алијансата.

– Ја видовме посветеноста што ја покажавте кон Алијансата. Ја гледаме не само воената опрема што ја дадовте на Украина, туку и зголемениот број војници што ги имате распоредено во различни мисии. Вашата цел да распоредите 10 проценти од вашата армиска структура е импресивна, истакна Мелсом.

Бригадниот генерал Андрес Јернберг рече овој ден е од историско значење, бидејќи ја одбележува најголемата донација на воена опрема што Кралството Норвешка воопшто ја има направено за земја од Западен Балкан.

– Точно е дека 36-те лесни пешадиски возила и 40-те камиони од Норвешка кои штотуку пристигнаа во Северна Македонија ќе ги зајакнат вашите вооружени сили, но тие исто така се и доказ за нашата заедничка посветеност на поддршката на Украина и на сојузничкото одвраќање и одбрана. Всушност ова е одличен пример за тоа како треба да се врши одвраќање и одбрана преку логистичка соработка во рамките на НАТО, рече Јернберг.

Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, во своето излагање истакна дека во Алијансата не се членува само заради придобивки и бенефиции, туку заради вредности и принципи. Ѓурчиновски истакна дека земјава ја поддржала вистинската страна во војната во Украина, и како што рече, тоа го препознала Норвешка.

– Бевме конкретни и јасно детерминирани и се определивме и ја поддржавме вистинската страна во војната. Свесни бевме за одговорностите. Не се членува само заради придобивките и бенефиции, туку заради вредности и принципи. Кралството точно ги воочи нашите заложби, направивме координација со ГШ и со началникот во мојата официјална посета на Норвешка и во седиштето во Брисел и како што беше истакнато ова е голем историски ден за нашите вооружени сили каде што сме сите сведоци и можеме да ги воочиме 76-те возила кои од утре ќе бидат на македонските патишта за потребите на вооружените сили, меѓутоа и за сите граѓани на нашата татковина, истакна Ѓурчиновски. 

Силјановска Давкова победи во 60 општини, Пендаровски во 3, Османи во 15, Таравари и Димитриевски во по една

Гордана Силјановска Давкова, претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, на вчерашниот прв круг избори за шеф на државата, победи во 60 општини во земјава, кандидатот на СДСМ Стево Пендаовски освои најмногу гласови три, Бујар Османи од ДУИ во 15, а Арбен Таравари од Вреди и Максим Димитриевски од ЗНАМ во по една општина. 

Гордана Силјановска Давковска победи во: Аеродром (51,48 %), Берово (54,92 %), Битола (48,44%), Богданци (49,59 %), Босилево (57,61 %), Брвеница (33,54 %), Бутел (43,91%), Валандово (50,29 %), Василево (60,18 %), Вевчани (56,15 %), Велес (53,57 %), Виница (56,71 %), Гази Баба (53,68 %), Гевгелија (52,62 %), Ѓорче Петров (51,58 %), Градско (64,27 %), Дебарца (57,06 %), Делчево (47, 08 %), Демир Капија (54,77%), Демир Хисар (52,92 %), Дојран (52,58 %), Зелениково (53,35 %), Зрновци (61,15 %), Илинден (62,96 %), Јегуновце (47,49 %), Кавадарци (50,84 %), Карбинци (61,22 %), Карпош (40,82 %), Кисела Вода (57,67 %), Кичево (39,84 %), Конче (57,85 %), Кочани (53,10 %), Кратово (62,84 %), Крива Паланка (47,05 %), Кривогаштани (54,84 %), Лозово (53,09 %), Македонска Каменица (50,96 %), Македонски Брод (55,86 %), Могила (63,48 %), Неготино (49,02 %), Новаци (61,88 %), Ново Село (56,84 %), Охрид (53,89 %), Петровец (59,05 %), Пехчево (53,97 %), Прилеп (51,42 %), Пробиштип (52,03 %), Радовиш (56,34 %), Ранковце (54,34 %), Ресен (47,64 %), Росоман (51,36 %), Свети Николе (57,63 %), Сопиште (49,44 %), Старо Нагоричане (37,59 %), Струмица (47,06 %), Центар (39,98 %), Чашка (32,70 %), Чешиново-Облешево (58,93 %), Чучер Сандево (36,35 %) и во Штип (53,44 %),

Стево Пендаровски освои најмногу гласови во: Крушево (43,02 %), Маврово и Ростуша (44,04 %) и во Центар Жупа (34,95 %).

Бујар Османи победи во: Арачиново (53,51 %), Боговиње (55,33 %), Врапчиште (58,02 %), Дебар (49,88 %), Долнени (32,95 %), Желино (49,45 %), Липково (56,83 %), Пласница (66,91 %), Сарај (55,49 %), Струга (39,38 %), Студеничани (50,54 %), Теарце (41,30 %), Тетово (37,91 %), Чаир (40,65 %), Шуто Оризари (37,11 %)

Арбен Таравари освои најмногу гласови во Гостивар (32,26 %), а Максим Димитриевски во Куманово (22,89 %). 

Времето денес со повремени врнежи од дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините со повремен снег.

Локално, врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.

Во Скопје променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 15 степени.

Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време со пораст на температурите на воздухот.

Популарно