Медицинска сестра претепана на КАРИЛ

Медицинска сестра од Ургентинот центар вработена на КАРИЛ била претепана ноќеска по 2 часот, од роднина на пациент кој починал. Од ударите таа се здобила со тешки телесни повреди, а добила и закани по живот. Министерот за здравство, Венко Филипче, го осуди инцидентот и побара од МВР полицајци да обезбедуваат дел од клиниките.

„Министерството сочувствува со болката на блиските на пациентот, но осудува било какво насилство врз медицински персонал кој секојдневно се бори за животот на овие пациенти сместени на КАРИЛ, имајќи во предвид дека станува збор за пациенти кои се во сериозна и животозагрозувачка состојба“, соопштуваат од Министерството за здравство.

Министерот Венко Филипче вели дека насилството не е начин на кој треба да комуницираат лекар и пациент.

„Се сочувствуваме со состојбата на лицата кои претрпеле загуба, но го осудувам настанот и секој обид за насилство. Со министерот  за внатрешни работа Оливер Спасовски, сме во координација, со што многу скоро, ќе добиеме помош и заштита од полицијата“, изјави министерот Филипче.

Директорката на КАРИЛ, д-р Маја Мојсова, вели дека вакви инциденти често се случуваат. Според неа, роднините на пациентите не смеат правдата да ја земаат во свои раце. Мојсова вели дека никој не може да ја извршува својата работа ако добива закани, а влезната врата на КАРИЛ не е во функција поради насилните упади на дел од роднините на пациентите.

Министерот Оливер Спасовски уште ноќеска по 2 часот, кога се случил инцидентот, бил запознаен со истиот. Предлогот на министерство за здравство е да се воведе полициско обезбедување на клиниките за гинекологија, детски болести, заедно со КАРИЛ и Ургентинот центар.

Пукано кон куќа во Тетово од возило во движење, нема повредени

Синоќа околу 22 часот и 45 минути на булеварот „Илинден“ во Тетово се пукало од огнено оружје, за што жител на градот пријавил дека е пукано кон неговата куќа. Засега од СВР Тетово немаат информации за повредени луѓе.

-Во 22.45 часот М. Т. од Тетово во СВР Тетово пријавил дека од страна на непознато лице е пукано со огнено оружје од возило во движење во неговата куќа во Тетово. До сега нема пријава за повредени лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, информира СВР Тетово.

По пукањето полицијата со ленти го блокираше движењето за возила по делот од булеварот каде се пукало по што е почнат увид.

Ненадејно почина селекторот на македонската репрезентација до 17 години!

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија до 17 години, Дашмир Беари ненадејно почина.

Македонскиот фудбал загуби голем спортски работник, почина тренерот Дашмир Беари на 50-годишна возраст.

Неговата последна работа беше улогата на селектор на македонската репрезентација до 17 години.

Беари беше поранешен тренер на Ренова, Гостивар, Дрита, Влазерими, а беше помошник и во саудиски Ал Раед. Во минатото беше селектор и на македонските селекции до 15 и до 19 години.

Осум лица повредени во сообраќајка меѓу две возила, возачите имале 17 и 19 години

На локалниот пат од с.Лисичани за с.Пласница во близина на с.Лисичани вчера вечерта околу 15 минути пред полноќ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „ауди“ со регистарски ознаки од Македонски Брод, управувано од 17 годишник од Македонски Брод и патничко возило „опел астра“ со регистарски ознаки од Македонски Брод управувано од Н.Н.(19) од с.Лисичани-кичевско, информира МВР.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот Н.Н., а со телесни повреди се здобиле малолетниот возач и шест сопатници од двете возила, констатирани во Медицинскиот центар Кичево.

Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Кичево.

Популарно