Бугарија со забрана за работа како гинеколог за Дамчевски

Раководството на Медицински центар „Мајчин дом“ во Софија се обрати до Агенцијата за медицинска ревизија при Министерството за здравство на Бугарија да изврши проверка во врска со гинекологот Николче Дамчевски, кој има потврдена казна затвор од две години од Апелацискиот суд во Скопје, објави бугарската агенција БГНЕС.

До утврдување на околностите во случајот, на докторот му се забранува да извршува медицинска дејност, изјавија од софискиот Медицински центар „Мајчин дом“ за агенцијата.

Дамчевски девет месеци лажел пациентка во Македонија дека е бремена. Тој во Македонија има осумгодишна забрана за работа како доктор и е во бегство. Во меѓувреме, станал член и на Бугарскиот лекарски сојуз, а работел во една приватна болница во бугарскиот главен град. Во пресудата против Дамчевски пишува дека „како гинеколог тој има вина за тешки злосторства извршени врз здравјето на луѓето и фалсификување документи”. Пред судот тој ја признал вината и по двете обвиненија – фалсификување на медицински документи и несовесно извршување на лекарската професија.

Раководството на Медицинскиот центар е подготвено да соработува целосно со истражните и надзорните органи за да се разјаснат околностите на случајот, наведува БГНЕС.

Приведен охриѓанец кој го фотографирал гласачкото ливче

Полицијата во Охрид го приведе А.И.(48), затоа што го фотографирал гласачкото ливче на избирачкото место 1271 во Охрид.

По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираа од СВР Охрид.

Народниот правобранител со бесплатна телефонска линија за пријавување повреда на избирачко право

Во канцеларијата на Народниот правобранител, денеска од 7 до 19 часот, на денот на одржување на првиот круг за избор на Претседател на државата, граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321.

Како што соопшти Народниот правобранител, освен на бесплатната телефонска линија,  граѓаните ќе можат да пријават повреди на избирачкото право и лично во главната канцеларија во Скопје, што се наоѓа на улицата „Македонија“ бр.19 во зградата на ТД „Макошпед“ (спроти Спомен куќата на Мајка Тереза).

Повреди на избирачкото право може да се пријават и во подрачните канцеларии во Струмица на тел.бр.(034)329-996,  Кичево на тел. бр (045).228-586, Тетово  на тел. бр.(044) 344-082, Битола  на тел. бр.(047) 242-310, Штип на тел. бр. (032) 389-701 и во Куманово на тел. бр .(031) 431-488.

Народниот правобранител најавува дека со цел заштита на избирачкото право на граѓаните ќе презема итни мерки за ефективно постапување од странa на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои, потенцира, се должни да им обезбедат заштита на граѓаните остварување на нивното загарантирано избирачко право.

Популарно