ВМРО ДПМНЕ ГО ИЗБРА СВОЈОТ КАНДИДАТ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ

Денеска ВМРО-ДПМНЕ го избра својот кандидат за претседател на државата за претстојните избори што ќе се одржат на 21 април, годинава.

Со 408 гласа, професорката Гордана Силјановска Давкова делегатите ја избраа за кандидат за претседател на партијата.

-Гласањето се спроведе во најдобар можен ред, се гласаше фер и демократски, со што го добивме идниот претседател на Република Македонија, велат од партијата.

Гласаа вкупно 519 делегати.

Инаку, во изборот за претседателската кандидатура се натпреваруваа Гордана Силјаноска Давкова, Влатко Ѓорчев, Филип Петровски, Горан Ангелов, Илија Димовски, Сашо Култешовски, Никита Шекутовска, Васко Костов и Ѓорѓи Манасков.

Полицијата фаќа нов правец во потрагата по малата Данка

Двегодишната Данка Илиќ која се води за исчезната од вторникот, 26 март, околу 13 часот во Бањско поле кај Бор, се уште не е пронајдена.

Вчера попладне, по 27 часа, полицијата ја прекина теренската потрага бидејќи не верува дека девојчето се наоѓа на пребараниот простор од околу 10 квадратни километри.

Интензивната полициска работа продолжува до пронаоѓање на Данка Илиќ. Сега истрагата се движи во друга насока, а овие три важни индиции може да доведат до исчезнатата Данка.

1) Преглед на мобилниот телефон на мајката

Полицијата вчера го зела телефонот на Ивана Илиќ, мајката на исчезнатото девојче Данка и го испратила на вештачење, дознава „Блиц“.

Полицијата тоа го направи како дел од пошироката истрага за сите контакти на семејството на исчезнатата Данка Илиќ и нивните врски. Податоците од телефонот на мајката на Данка би можеле да укажат на нови детали или луѓе од значење за случајот.

Треба да се напомене дека анализата на телефонот на мајката на Данка, како и тоа што родителите на исчезнатата Данка Илиќ вчера биле приведени во полиција на распит во врска со исчезнувањето на нивната двегодишна ќерка, не значи дека тие се осомничени или обвинети за какво било кривично дело објаснуваат од истрагата за српските медиуми.

– Полицијата го проверува приватниот живот и контактите на членовите на семејството на исчезнатата Данка Илиќ. Не исклучуваат ниту една можност додека се детално не се испита – вели изворот на „Блиц“.

2) Анализа на податоци од базни станици

Откако теренската потрага по исчезнатата Данка Илиќ е прекината, се врши детална проверка на податоците од базните станици на мобилни телефони во областа Бањско поле, со цел да се утврди движењето на сите лица кои биле во близина на местото каде што исчезна Данка во кобното време во вторник.

Вкрстувањето на овие податоци со изјавите на сите лица со кои полицијата разговараше по исчезнувањето на девојчето може да укаже на можни недоследности во изјавите и да отвори нови можности во истрагата.

– Досегашните резултати укажаа на нов правец во кој треба да оди истрагата. Пребарувањето на теренот е прекинато, но работата за пронаоѓање на девојчето е интензивирана и нема да запре додека не се најде детето – изјави синоќа за „Блиц“ добро упатен извор.

3) Проверка на деталите од пријавата за исчезнувањето на малата Данка

Иако теренската потрага е прекината, истрагата за исчезнувањето на Данка продолжува, а сега се проверуваат приватниот живот и контактите на сите членови на семејството. Повторно се прочешлаат нивните изјави, како и деталите од пријавата на мајката на Данка за исчезнувањето на детето – времето на кобниот настан, каде отишле пред исчезнувањето, а каде отишла мајката по исчезнувањето.

Нејасно е и како 22-месечното девојче успеало толку брзо да избега од вниманието на возрасните среде бел ден. Затоа истражувањето на деталите за извештајот за исчезнатото лице може да помогне да се фрли ново светло на тој мистериозен момент во вторникот попладне.

Ќе ја плаќаме ли најскапата салата за Велигден?

Не е некоја нова вест дека во пресрет на Велигденските празници цената на свежата салата достигнува неверојатни вредности.

Ако ги гледаме цените сега, на нешто повеќе од месец дена пред Велигден, не треба да очекуваме некоја различна ситуација.

Во моментов килограм домат во еден од поголемите ланци на маркети чини 135 денари. Краставиците се 84 денари за килограм а една марула 25 денари. Еден врзоп млад кромид чини 29 денари.

Цените варираат од место на место но разликите не се многу големи.

Тоа што може да не спаси е фактот дека Велигден оваа година се паѓа прилично доцна, на 5 мај а тогаш и домашното раноградинарство има поголемо производство.

Граѓаните се веќе навикнати за најголемиот верски празник кога царуваат свежите салати за нив да плаќаат мало богатство.

ЦУК: Два пожара на отворено во последното деноноќие

Во последното деноноќие регистрирани се два пожара на отворено. Пожарникарите од ТППЕ Валандово вчера од 12.45 до 15.45 часот гаснале запалена депонија во валандовското село Јосифово. Пожарникарите од ТППЕ Свети Николе вчера од 13.25 до 17.35 часот гаснале запалена ниска вегетација во близина на село Преод во Општина Свети Николе.

Како што информираат утрово од Центарот за управување со кризи, двете интервенции биле извршени со екипи од по тројца пожарникари и едно противпожарно возило.

Во изминатото деноноќие имало една помала интервенција на запален оџак на улица „Младинска“ бр. 236 во Струмица.

Согласно препораките на пожарникарите, оџаците е потребно редовно да се чистат. ЦУК апелира да не се пали вегетација на отворено, редовно да се чистат локалните одводни канали и да не се фрлаат отпадоци во нив.

Во последното деноноќие имало вкупно 1 853 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 46,52, а 53,48 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 70,44 отсто, кон итната медицинска помош 26,32, а кон пожарникарите 2,43 отсто од реалните повици кон 112.

Популарно