Комисиите ќе ги менуваат само учебниците во Македонија, не и во Грција!

Информациите и шпекулациите во грчките медиуми од последните 24 часа за можна размена на споменици меѓу Македонија и Грција ги демантира заменикот шеф на грчката дипломатија, Маркос Боларис, во интервју за радиото „Њуз247“, јави МИА од Атина.

Заменик министерот за надворешни работи на Грција, потенцира дека во земјата во изминатиот период се шират и многу лажни вести и истакна дека за сето ова потребна е голема сериозност.

-Во мојата перцепција никогаш не падна таква вест, таква дискусија за размена. Она што сакам да кажам е дека во последните четири, пет, шест месеци, континуирано гледав на интернет, многу пати дури и во весници и во централни изданија на вести, неверојатни лаги, лажни вести (fake news), рече Боларис и објасни дека вакви лажни вести во Грција имало во врска со ревизијата на учебниците, на која работи заедничкиот комитет од двете земји.

Заменикот шеф на грчката дипломатија, кој воедно се наоѓа на чело на грчка страна во Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти на Македонија и Грција, вели дека од новата учебна година треба да се отстранат иредентистичките наводи од учебниците.

-Договорот од Преспа ги обврзува страните, учебниците и наставниот материјал, од новата учебна година да немаат никаков иредентистички или ревизионистички став, вели Боларис и додава дека во учебниците во Грција, како земја членка на ЕУ, не постојат такви позиции.

Приведен охриѓанец кој го фотографирал гласачкото ливче

Полицијата во Охрид го приведе А.И.(48), затоа што го фотографирал гласачкото ливче на избирачкото место 1271 во Охрид.

По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираа од СВР Охрид.

Народниот правобранител со бесплатна телефонска линија за пријавување повреда на избирачко право

Во канцеларијата на Народниот правобранител, денеска од 7 до 19 часот, на денот на одржување на првиот круг за избор на Претседател на државата, граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321.

Како што соопшти Народниот правобранител, освен на бесплатната телефонска линија,  граѓаните ќе можат да пријават повреди на избирачкото право и лично во главната канцеларија во Скопје, што се наоѓа на улицата „Македонија“ бр.19 во зградата на ТД „Макошпед“ (спроти Спомен куќата на Мајка Тереза).

Повреди на избирачкото право може да се пријават и во подрачните канцеларии во Струмица на тел.бр.(034)329-996,  Кичево на тел. бр (045).228-586, Тетово  на тел. бр.(044) 344-082, Битола  на тел. бр.(047) 242-310, Штип на тел. бр. (032) 389-701 и во Куманово на тел. бр .(031) 431-488.

Народниот правобранител најавува дека со цел заштита на избирачкото право на граѓаните ќе презема итни мерки за ефективно постапување од странa на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои, потенцира, се должни да им обезбедат заштита на граѓаните остварување на нивното загарантирано избирачко право.

Популарно