Некаде „СЕВЕРНА“: Што ќе пишува на гласачките ливчиња?

Претставниците на Државната изборна комисија, под силно полициско обезбедување, денеска од битолската печатница го подигнаа доверливиот гласачки материјал. Истите потоа се упатија до осумдесетте општински изборни комисии.

На гласачките ливчиња ја нема придавката „Северна“.

-Гласачкото ливче го содржи знамето на нашата држава, редните броеви на кандидатите, имињата и презимињата на кандидатите и симболите на политичките партии кои дадоа согласност да стојат тие симболи. Никакви други ознаки на гласачкото ливче нема и да не се доведува во заблуда јавноста дека има какви било други додатоци, рече Дерковски.

Овие ливчиња имаат 21 заштита.

-Не е возможно да се фалсификува ниту едно ливче, а оригиналните записници се направени на заштитна хартија со неможност да се копираат, нема можност да се преправаат и на специјална хартија има генерирарни податоци за секое гласачко место, рече директорот на печатницата “Киро Дандаро“ Драги Милошевски.

За претседателските избори, на избирачкиот список се запишани 1.808 131 гласач

Изнемоштените и болните до полноќ можат да се пријавуваат за гласање на претседателските избори

Изнемоштените и болните лица до полноќ можат да се пријавуваат за гласање на претседателските избори закажани за 24 април.

-Избирачот кој не е во можност да гласа на гласачкото место (немоќно или болно лице) а сака да гласа за тоа ќе ја извести ОИК најдоцна 7 дена пред денот определен за гласање, 16 април, 24:00 часот, се посочува во роковникот на Државната изборна комисија.

Од ДИК информираат дека немоќните или болните лица гласаат во нивните домови еден ден пред денот определен за одржување на изборите.

-Ова гласање го спроведува избирачкиот одбор надлежен за спроведување на гласањето за избирачкото место каде припаѓаат овие лица, на 23 април (вторник), се посочува во Роковникот на ДИК.

Кампањата за претседателските избори завршува на полноќ на 22 април.

Кривичен одреди притвор и мерки на претпазливост за приведените затворски служебеници од Идризово

Уапсените затворски службеници во вчерашната акција на полицијата и обвинителството добија притвор и мерки на претпазливост. Шестемина кои го дозволиле бегството на затвореникот осуден за убиство заработија едномесечен притвор, а останатите 11мина кои цела недела дозволувале затвореникот да шета, добија мерки на претпазливост.

Судот им ги одзема патните исправи, забрането им е да го напуштаат домот, а добиле и обврска за повремено пријавување кај надлежен државен орган.

За сите обвинителството води истрага под сомнеж дека сториле кривични дела овозможување бегство и незаконско ослободување на осудено лице. За овие кривични дела, од обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција појаснуваат дека се предвидени затворски казни до 10 години. 

Втор ден генерален штрајк на приватните специјализанти

Приватните специјализанти утрово продолжија со генералниот штрајк, што почна од вчера изутрина. Преку соопштение, тие синоќа информираа дека штрајкот ќе продолжи и денеска, сѐ додека Министерството за здравство по денешната седница на Влада, не излезе со официјален став за нивните барања. Врз основа на одговорот од Министерството за здравство, приватните специјализанти ќе одлучат за понатамошните чекори.

Меѓу нивните барања се зголемување на платите, повторно воведување бесплатно здравствено осигурување за сите приватни специјализанти, како и регулирање на работниот статус.

Нивни претставници вчера попладне имаа средба во Владата со министерот за здравство Илир Демири, заменик министерката за здравство Маја Манолева и проф. Ана Данева Маркова, советник на премиерот за здравствени прашања, на која им било кажано дека денеска по владината седница ќе има информација во писмена форма за барањето за зголемување на надоместот. 

- Најглавното што беше кажано на средбата е дека утре на владина седница ќе има информација во однос на покачувањето, по што ќе добиеме некаква писмена форма за одговорот на Владата во однос на покачувањата на платите. Нивен главен аргумент е дека ова е предизборен период и не можеле да постапат, во смисла, да дадат покачување. Истиот одговор го добивме и за другите наши барања, дека е предизборен период, изјави вчера по средбата во Владата, д-р Александра Георгиева, претседателка на Здружението на лекари специјализанти.

Таа нагласи дека го негираат тврдењето оти штрајкот има политички контекст.

Министерот за здравство во текот на вчерашниот ден на прес-конференција побара трпение од приватните специјализанти. Најави дека по изборите ќе направи напори со ребаланс на Буџетот да се обезбеди изедначување на нивните примања со примањата на вработените специјализанти во јавните здравствени установи.

- Ова е многу битно. Направивме компарација во претходниот заеднички разговор со нив, каква беше нивната позиција, на ваквите специјализанти, пред 2017 година и каква е сега. Има голема разлика оти до 2017 година, тие не примаа никакви примања. Не велам дека сегашните нивни примања се доволни. Јас сакам да бидат како и на специјализантите вработени во јавни здравствени институции. Но, за тоа треба буџетирање што не може сега да се оствари пред изборите, рече Демири, на прес-конференцијата на која беше објавено дека ќе се воведат деветвалентни ХПВ вакцини. 

Популарно