Се огласи скопјанецот кого го бркаа со сатар во „Лептокарија“

Не е точно дека не сум ја платил сметката во импровизираниот кинески ресторан во „Лептокарија“, јас не ни нарачав храна, бев нападнат откако дадов неколку забелешки за високата цена на храната и за бавната услуга, сведочи за Плусинфо познатиот актер Милан Тоциновски, кој вчера како гром од ведро небо се нашол во драматична сцена како од филмовите на Џеки Чен и за миг станал жртва во страотна бркотница со сатар во скопскиот трговски центар, објави „Плусинфо“.

На Фејсбук вчера беше објавено видеото од бркотницата, на која јасно се гледа дека две лица со сатар го бркаат актерот.

Тоциновски вели дека откако успеал да им избега на двајцата насилници, од кои една жена, вооружена со сатар веднаш случајот го пријавил во МВР, а во текот на денот се очекува да биде повикан и од надлежен обвинител за да даде исказ за настанот.

Тој вели дека настанот го вознемирил, но дека уште повеќе го испровоцирале информациите дека инциденот бил предизвикан по негова вина и тоа поради неплатена сметка.

– Јас сум јавна личност и нема што да кријам за тоа што се случи вчера во таканаречениот кинески ресторан во ТЦ „Лептокарија“. Навистина не знам кој им дал дозвола за работа на тие луѓе. Живеев во Њујорк, а сум работел и во Токио и точно знам какви се цените, но и услугата во кинеските ресторани. Откако, вработените ми наговестија дека ќе треба да чекам, како муштерија забележав дека премногу се чека со оглед на тоа што станува збор за ресторан за брза храна и дека е прескапо, не нарачав храна и трнав да си одам. Тие мои забелешки беа повод да почнат да ме напаѓаат прво вербално, а потоа и физички двајца вработени во ресторанот, од кои една жена и со сатар да ме бркаат по трговскиот центар. Тоа впрочем, може да се види и на постираното видео – вели актерот Тоциновски за Плусинфо.

Тој раскажува дека во еден момент вработената дури и замавнала со сатарот кон него и за среќа актерот успеал да се истрга под налетот на сечилото.

Инаку Милан Тоциноски е актерот со кој во 2004 година Македонија се гордееше кога во Сараево ја освои наградата за најдобра машка улога за улогата на младиот Кокан во филмот „Како убив светец“ на Теона Стругар – Митевска, а силен впечаток остави и со своите улоги во филмовите „Трето полувреме“, „Превртено“…

Почина познатиот македонски моторџија

На 48 годишна возраст почина познатиот македонски моторџија Тони Шипка, соопшти неговиот клуб LOWLANDERS MC MACEDONIA на социјалните мрежи.

– Почина Тони Шипка, човек кој имаше големо срце и беше голем другар. Тони беше член на LOWLANDERS MC MACEDONIA. Сочувство до семејството и клубот, до неговите пријатели и блиски. Ќе ни фалиш Тони! Почивај во Мир, стои во објавата.

Погребот ќе се одржи утре на гробиштата во Ѓорче Петров.

Доживотен затвор за Усеин Р. кој со 42 убоди од нож ја уби Танкица Младеновска од Кочани

Педесет и деветгодишниот Усеин Р. од Кочани, кој во септември лани ѝ нанесе десетици убодни рани од нож на 46-годишната Танкица Младеновска од Кочани и ја уби, денеска е осуден на казна доживотен затвор. Тој се сомничеше дека на 25 септември лани, на свиреп начин ја лиши од живот Танкица, нанесувајќи ѝ многубројни убоди со нож. Таа почина на местото на настанот.

По поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Кочани, а по признание на вина, Основниот суд во Кочани донесе осудителна пресуда за едно лице за кривично дело – Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп начин, при што за сторителот е изречена казна – доживотен затвор.

Во обвинението, Основното јавно обвинителство Кочани го товареше обвинетиот и за кривично дело – Уцена кон истата оштетена, сторено пред убиството. Меѓутоа тоа дело обвинетиот не го призна, постапката е раздвоена и за тој дел од обвинението ќе продолжи судска постапка.

Платформата за родова еднаквост лани реагираше до Јавното обвинителство со барање ова убиство да биде квалификувано како фемицид при вршење на родово базирано насилство истакнувајќи дека институциите не го препознаваат родово базираното насилство, и овој случај го водат како убиство на свиреп начин.

-Случајот на фемицид, најтешкиот вид на родово базирано насилство, кога во Кочани жена беше избодена до смрт, иако претходно го пријавувала сторителот за уцена и барала заштита, Основното јавно обвинителство Кочани го квалификуваше како убиство на свиреп начин, со што се потврдува фактот дека институциите сѐ уште не го препознаваат родово базираното насилство. Основното јавно обвинителство Кочани донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради основано сомнение дека сторил кривично дело –Убиство според член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик, реагираа оттаму.

21-годишник тешко повреден откако излетал од коловозот

На 15.04.2024 во 11.00 часот во Полициската станица Делчево било пријавено дека на регионалниот пат Делчево – Берово, на место викано „Даштица“, атар на село Тработивиште-делчевско, патничко возило „фолксваген голф“ со делчевски регистарски ознаки, управувано од М.У.(21) од Делчево, излетало надвор од коловозот.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот констатирани во Клиничка болница Штип. Извршен бил увид од увид екипа од ОВР Делчево, соопшти МВР.

Популарно