ФОТО: Носталгична средба на „Миле Паника“ и „Тошо Малерот“ во Скопје

Васко Тодоров, познат како Тошо Малерот, пред неколку дена се врати Австралија. Дека стигнал во Скопје прв објави неговиот пријател Бранко Огњановски, односно Миле Паника. Тој заедничката слика ја стави на „Твитер“ и напиша дека се пак заедно. Фановите коментираа дека Васко е сигурно носталгичен штом дошол во Македонија неполни две години од последната посета.

Откако Васко дојде во Македонија, тој и Бранко се дружат секојдневно. Се што прават заедно, Бранко споделува на твитер-профилот на Миле Паника, па откри дека вчеравечер биле на гезме со поранешниот кошаркар и претседател на Кошаркарската федерација, Перо Антиќ. „Убаво друштво“, напиша тој.

За потсетување, Васко пред неколку години се пресели во Австралија. Таму замина со сопругата Марија Христова, со која се ожени 2015 година. Васко беше дел од најпопуларното хумористично шоу кај нас, К-15, во кое освен тој и Бранко Огњановски, глумеше и Бубо Каров, познат како Цацко Конопишки. Фановите на шоуто и пред 2 години коментираа дека треба да се снимат нови епизоди додека е Тошо Малерот во земјата, а слични коментари оставаат и на сликите што сега ги објавува Миле Паника на социјалните мрежи.

50 години од филмот „Битката на Неретва“: Пабло Пикасо го направил постерот, а буџетот лично го одобрил Тито

За потребите на филмот еден мост е урнат, поправан и повторно урнат, но поради густиот чад ништо не можело да се сними. Потоа истата сцена е направена во филмското студио во Прага, каде што во лабораториски услови е довршено снимањето

Во некогашната југословенска кинематографија, која низ годините беше оценувана со мошне високи оценки, посебно место заземаа партизанските филмови со кои беше овековечена ослободителната борба на народите и народностите.

Од „Капетан Мики“, и „Козара“ преку „Валтер“, и „Девојачки мост“, до убедливо најскапиот „Битка на Сутјеска“. Стотици филмови и ТВ серии беа снимени на оваа тематика, што секако беше и добро смислена доктрина од државниот апарат, кој почиваше на народноослободителната борба и приказот на братството и единството во Титовата Југославија.

Но, еден од овие филмови има посебно место кај публиката од тоа време, а интересно популарен е и кај гледачите, кои се родени по крвавиот распад на југословенската заедница. Се работи за „Битка на Неретва“, култниот филм во режија на Вељко Булајиќ, со кој за првпат на нашите простори е доведена холивудската елита, претставена од Софија Лорен, Омар Шариф, Орсон Велс, Јул Бринер, потоа големата светска ѕвезда од тоа време Франко Неро, како и советскиот оскаровец Сергеј Бондарчук, еднакво успешен како режисер, актер и сценарист. Официјалниот постер на филмот го изработил никој друг туку славниот уметник Пабло Пикасо, кој наместо со хонорар за трудот бил исплатен со неколку шишиња вино. Секако дека и кремот на тогашното југословенско глумиште е присутен на почетокот на снимањето, што се одвива во Сараево. Тука се Милена Дравиќ и Неда Арнериќ, Бата Живојиновиќ и Борис Дворник, Драган Николиќ и Љубиша Самарџиќ. Буџетот на филмот изнесувал 12 милиони долари, со што е еден од поскапите во тоа време, но интересно „Неретва“ не е најскапиот југословенски филм, иако е убедливо најпопуларниот.

Врв на уметноста и комунистичката пропаганда

Филмот е премиерно прикажан пред 50 години, а влијанието што го има допира и до денешен ден. Во 1969 година е номиниран за Оскар, во категоријата најдобар светски филм, постигнувајќи сензационален успех во киносалите во повеќе земји.

– Ретко дека некој европски филм од тоа време можел да се нарече спектакл, каков што е „Битка на Неретва – вели филмскиот критичар Мирољуб Стојановиќ.

Овој филм е оценет како врв на филмската уметност, но и како парадигма на комунистичката пропаганда.

– Далеку од тоа дека треба да се колнеме во филмот, но за жал многу малку имаме разбрано од вистинската порака што ја носи со себе – додава Стојановиќ.

Мила Тураљиќ е авторка на документарниот фулм „Синема партизано“, а за „Неретва“ вели дека е значаен од продукциска гледна точка, но и како политички производ.

– Имаше и други скапи продукции во тоа време во Југославија, но ниту еден не беше ниту одблизу на уметничкото ниво како филмот на Вељко Булајиќ. Сметам дека е нефер „Нертва“ да се става во истиот кош на филмови, кои се оценети како пропагандистички – вели Тураљиќ.

Таа оценува и дека овој филм е споменик на една кинематографија, која згасна со пропаста на државата.

– Некои луѓе постојано го оценуваат како пропагандистички филм, иако „Битка на Неретва“ е многу повеќе од тоа – додава авторката, тврдејќи дека трајната популарност на филмот е доказ дека се работи за многу сериозен и добар воен филм.

За потребите на филмот еден мост е урнат, поправан и повторно урнат, но поради густиот чад ништо не можело да се сними. Потоа истата сцена е направена во филмското студио во Прага, каде што во лабораториски услови е довршено снимањето. Тоа денеска звучи тривијално, но култната сцена во која партизанските команданти примаат рапорт дека сите мостови на реката Неретва се урнати, едноставно не би била возможна без снимената сцена на рушење на мостовите.

Во снимањето на филмот се вклучени и бројни припадници на Југословенската народна армија, а од војската се донирани авиони, тенкови, оружје, артилериски орудија и школска муниција. Филмот тоа го прави грандиозен, со кадри во кои можат да се забележат и десетици илјади статисти. Во тоа време слични филмови биле само класиците „Клеопатра“ и „Бен Хур“. Затоа и тезата дека со „Неретва“ во Југославија дошол Холивуд за многумина е точна.

– Холивуд беше и претходно присутен во Авала филм и Јадран филм. Но, тоа важи за големината на овој проект, на кој не се жалеа пари ниту на актери, ниту на ресурси – вели белградскиот професор Алесандар С. Јанковиќ.

Во тоа време се тврдело дека за снимањето се потрошени 4,5 милиони долари, но до цифрата од 12 милиони, се доаѓа доколку се пресметаат трошоците на армијата. Интересо е и дека Бата Живоиновиќ и Љубиша Самарџиќ заработиле огромни хонорари, додека Борис Дворник глумел бесплатно, бидејќи во тоа време бил на отслужување на воениот рок.

Најзначајниот филм од „црвениот бран“

„Битка на Неретва“ е најзачнајниот филм снимен од редот на т.н „црвен бран“. Иако филмови со слични буџети и сцени беа снимани и пред и потоа, како „Ужичка Република“, „Сутјеска“, „Козара“ итн., сепак ниту еден од нив не можеше да го повторни комерцијалниот успех што го достигна филмот на Булајиќ.

– „Неретва“ е создаден како филм што ќе им се допадне на странците. Намерно е правен да ѝ се претстави на светската публика – смета Тураљиќ.

Филмот претставувал голема победа на комунистичкиот режим, а за многумина победата била поголема од онаа извојувана во Втората светска војна и четвртата непријателска офанзива.

– Секако дека најемотивна сцена е кога сите ја пеат песната „Паѓај сило, паѓај неправдо“ или последната сцена кога Бата Живоиновиќ сигурно чекори по средината на широкиот кадар, а околу него се насобрани цивили и ранети. Историските факти се сменети до ниво на апсурд, но улогата на филмот не е во тоа да биде историски точен. Филмот е заводлив, сентиментален и грандиозен во секаква смисла. Ентузијазмот и вложените пари се огромни, но Булајиќ успеа да го надмине и уште поскапото продолжение „Сутјеска“, во кој улогата на Јосип Броз Тито ја толкуваше прославениот Ричард Бартон – тврди професорот Јанковиќ.

Несомнено дека за „Битката на Неретва“ уште долго време ќе се дебатира, а на многумина и натаму ќе им остане пропагандата која е извршена со филмот. Сепак, сигурно е дека овој филм ќе биде гледан и славен и во наредните децении, како ниту еден друг снимен во тоа време.

Се снима четвртата сезона од „Преспав“ – 100 епизоди од најуспешната ТВ серија

Со продуцирање на новите 20 епизоди од четвртата сезона, „Преспав“ ќе одбележи јубилеј – 100 епизоди од најуспешната ТВ серија во македонскиот медиумски простор.

Започна снимањето на четвртата сезона на „Преспав“ која меѓу телевизиските серии доживеа најдолг век и најголем успех. Со продуцирање на новите 20 епизоди од четвртата сезона, „Преспав“ ќе одбележи јубилеј – 100 епизоди од најуспешната ТВ серија во македонскиот медиумски простор, за што продуцентот Пеце Талески, изјави:

„Со МРТВ заеднички работиме на развој и унапредување на македонската телевизиска продукција и се надевам дека ги поставуваме стандардите за годините што следуваат.“

Емитувањето ќе почне од декември 2019 година на првиот канал на МРТВ, а епизодите ќе бидат достапни и на каналот на „Преспав“ на YouTube.

„По измината успешна сезона, со која Преспав докажа дека е особено позитивен пример во македонскиот медиумски простор, МРТВ и оваа година застанува зад омилениот ТВ продукт на публиката и му отстапува prime time на првиот канал на Македонската телевизија“ - изјави Марјан Цветковски, директор на МРТВ.

Првата постава на актерската екипа останува речиси непроменета. Во главните улоги се: Јелена Јованова, Тијана Дапчевиќ, Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Игор Џамбазов, Васил Зафирчев, Горан Стојановски, Адриан Азири и Дритон Вејсели. Дополнително, во четвртата сезона, Емра Куртишова како Исуара и Владимир Тулиев како Дончо му се придружуваат на главниот каст.

Идејата и концептот за „Преспав“ се на Елеонора Венинова и на продуцентот на серијата Пеце Талески, а режираат: Игор Иванов - Изи, Вардан Тозија и Георги Унковски. Сценаријата ги пишуваат: Сашо Кокаланов, Алек Попов и Делјана Манева и младите сценаристи Артин Селамани, Игор Трајковски и Огнен Неделковски. Директор на фотографија е Дејан Димески, а монтажер и супервизор на звук е Сашко Потер Мицевски. Костимограф е Емилија Ивановска Атанасовска, автор на сценографијата е Снежана Поњавиќ Муча, а шминката е на Ирена Сенокозлиоска.

Со извици „браво!“ и петминутен аплауз помина синоќешната гала светска премиера на „Врба“ на Милчо Манчевски

Со извици „браво!“ и петминутен аплауз помина синоќешната гала светска премиера на „Врба“ на Милчо Манчевски на Филмскиот фестивал во Рим. Публиката во полната сала со аплауз ги дочека актерките Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски со режисерот Манчевски.

„По завршувањето на филмот, неочекувано публиката стана направи круг околу филмската екипа и френетично аплаудираше цели пет минути“, велат од продукцијата на „Врба“ од Рим.

Предводени од режисерот, трите актерки Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски поминаа на црвениот килим во Аудиториумот Парко дела Музика. Покрај нив, на најдолгиот филмски црвен килим во светот поминаа и продуцентот Јане Ќортошев, директорот на Агенција за филм Горјан Тозија, Министерот за култура Хусни Исмаили и Магдалена Димова, вршител на должност при Амбасадата на Македонија во Рим.

„Македонските актерки го свртеа вниманието на себе пред светските медиуми, кои будно со своите камери го проследија секое нивно движење на црвениот килим. Она што беше уште покуриозитетно е што беа извикувани нивните имиња од италијански фанови, кои беа наредени од страната и ги повикуваа да направат фотографии со нив и со режисерот Манчевски, кој е миленик на италијанските филмофили, а неговите филмови се вклучени во школската лектира“, велат од продукцијата.

По премиерaта, „Врба“ ќе има уште две фестивалски проекции, денеска и утре.

Продукцијата најавува дека многу скоро филмот ќе има македонска премиера и веднаш потоа ќе биде на редовниот репертоар во скопските кино сали.

Извор: sdk.mk

Популарно