ВИДЕО: Авиони летале над островот повеќе пати и во ниеден момент не биле забележани знаци на живот

Вчера новозеландската полиција соопштила дека ќе спроведе истрага за смртта на туристите на вулканскиот Бел остров.

По вчерашната ерупција на вулканот било потврдено дека загинале пет лица, а осум се водат за исчезнати. Нестабилните услови на островот ја попречуваат потрагата, пренесува "AP". 

Околу 47 луѓе биле на островот за време на ерупцијата, од кои некои од евакуираните се здобиле со критични изгореници.

Нестабилните услови и натаму ги спречуваат спасувачките екипи во потрага по исчезнатите, а експертите утврдуваат дали е безбедно да се вратат на островот за да трагаат по нив.

Авиони летале над островот повеќе пати и во ниеден момент не биле забележани знаци на живот, изјавила премиерката Џасинда Ардерн.

Расел Кларк, болничар на одделението за интензивна нега, рекол дека ерупцијата изгледала како нуклеарната катастрофа во Чернобил, само што се е прекриено со пепел.

Ардерн рекла дека меѓу повредените Новозеланѓани има и туристи од Австралија, САД, Велика Британија, Кина и Малезија.

Премиерот на Австралија, Скот Морисон, рекол дека 11 Австралијци исчезнале, а 13 биле хоспитализирани.

Се верува дека меѓу петте настрадани има тројца Австралијци, им рекол тој на новинарите во Сиднеј.

"Се плашам дека ќе дојдат и полоши вести", рекол Морисон.

Новозеландската агенција за сеизмичко следење GeoNet, го кренала нивото за предупредување за вулканот на 18-ти ноември од еден на два на скалата од пет, бидејќи забележала пораст на сулфур-диоксидот кој потекнува од магмата длабоко во вулканот.

Во понеделникот по ерупцијата, нивото на предупредување било кренато на четири, но било намалено на три откако активностите се намалиле.

Ардерн рекла дека Белиот остров е многу непредвидлив вулкан и дека ќе стане збор за тоа дали туристите треба да го посетуваат, но сега фокусот е на луѓето кои се погодени од овој ужасен настан.

Тинејџер во Германија ги заклал родителите и братот, од смрт ја поштедил сестра си

Деветнаесетгодишник со нож ги убил братот и родителите и тешко си ја повредил сестрата во Хохентенген на германско-швајцарската граница, соопшти државното правобранителство во сојузната покраина Баден-Виртемберг. 19-годишникот со нож ги убил родителите на возраст од 58 и 61 година, а потоа и 34-годишниот брат. Сестрата, чија возраст не е објавена, била повредена и со хеликоптер била пренесена во блиската болница. Таа наводно се здобила со сериозни убодни рани, но нејзиниот живот не е во опасност.

Инцидентот се случил вчера вечерта, соопштија од полицијата и од државното правобранителство. Осомничениот е уапсен. Според полициското соопштение, целото семејство живеело во куќата во која се случил масакрот. Убиецот има германско и италијанско државјанство. Мотивот за нападот се уште е нејасен.

Според информациите од државното правобранителство, 19-годишникот се товари за тројно убиство без умисла и обид за убиство, а во текот на денот треба да биде изведен пред судија кој треба да одреди мерка притвор.

Во истата област, пред два месеци, 32-годишен син ги убил своите родители, а на крајот и себеси

Ни трага, ни глас од 100 лица по масакрот од Москва

Деведесет и пет лица се уште се водат како исчезнати по минатонеделниот терористички напад во Москва, јавија денеска руските медиуми.

Официјалниот биланс на загинати во нападот во Crocus City Hall сега е 140 мртви и 182 ранети.

Порталот База, кој има добри врски со руските безбедносни служби, објави дека на списокот се појавиле уште 95 лица кои нивните семејства ги пријавиле за исчезнати.

Руските истражители велат дека акцијата ја извршиле четворица напаѓачи со калашникови. Пукањето започна непосредно пред рок групата „Пикник“ да настапи пред 6.200 гледачи.

Оттогаш руските социјални мрежи се преплавени со повици за помош во пронаоѓањето на исчезнатите.

Собрани во чат на Телеграм, пријателите и семејствата ги споделуваат имињата на луѓето кои сè уште се бараат и нудат поддршка еден на друг.

Евакуиран трговски центар во Москва поради дојава за поставена експлозивна направа

Посетителите и персоналот на трговско-забавниот центар „Мозаик“, во југоисточниот дел на Москва, се евакуирани поради анонимна закана за поставена експлозивна направа, изјави за руската државна новинска агенција, претставник на Итната служба на главниот град.

„Анонимен повик со закана за бомба имаше во трговскиот центар „Мозаик“ на улица Кожуховскаја бр. 7, зграда 9“, рекол соговорникот на руската агенција.

Според него, при безбедносната проверка сите посетители и персоналот биле евакуирани од зградата.

Претходно, како што јави рускиот портал Маш, поради закана за поставени бомби денеска во Москва се евакуирани  700 лица од болницата „Пирогов“, во која се сместени настраданите од терористичкиот напад во концертната сала „Крокус“.

Порталот објавува дека до Националниот медицинско-хируршки центар „Пирогов“ било испратено писмо за можна експлозија.

Во известувањето се наведува дека станува збор за импровизирани експлозивни направи од фосфор со 40-минутен тајмер, кои наводно се сместени во четири ранци на неколку ката од медицинската установа.

Пациентите и персоналот се евакуирани од зградата, а на лице место пристигнала и итната помош. Во терористичкиот напад на 22 март во концертната сала „Крокус Сити Хол“ во Подмосковље загинаа 137 лица.

Популарно