Шест лица, меѓу кои и полицаец и тројца случајни минувачи, се убиени во престрелката која со напаѓачите се случила во близина на едни гробишта и супермаркет во Џерси Сити во Њу Џерси во САД, соопштија официјални лица. Престрелката траела со часови.
Шефот на локалната полиција Мајкл Кели рече дека меѓу жртвите се и двајцата напаѓачи. Во престрелката, освен загинатите, има и три ранети лица, меѓу кои се и двајца полицајци и еден цивил.
Сѐ започнало околу пладне по локално време во самиот центар на Џерси Сити, во кој живеат 270.000 жители, а поради престрелката се затвориле и сите училишта.
Полицијата веднаш откако пристигнала на местото на настанот, биле пресретнати со жестока реакција од напаѓачите.
Иако мотивот за нападот засега не е познат, официјалните лица наведоа дека првите информации не укажуваат на тоа оти нападот има врска со тероризам или криминал од омраза, но напоменаа дека и тоа не се отфрла како можност.
Полицијата смета дека двајцата осомничени напаѓачи, кои сѐ уште не се идентификувани, делувале сами.
– На основа на она што е познато, повеќе нема закана за јавната безбедност поврзана со овој случај. Ова беше неверојатно тежок ден за Џерси Сити и Њу Џерси – рече портпаролот Мајкл Кели.
Еден полицаец е убиен во близина на локалните гробишта, кога се обидел да пресретне еден од напаѓачите, пренесува „Ројтерс“. Станува збор за полицаецот Џо Стилс (40), татко на пет деца, кој бил на служба од 2006 година.
Портпаролот Кели додаде дека во украденото возило кои го користеле напаѓачите пронаден е „запалив уред“ кој го испитуваат експертите за експлозивни направи.