Ако „Медена земја“ ја добие наградата ќе донесе најмногу пари

Обложувалница „Моцарт“ ги објави квотите за овогодинешниот Оскар. Оваа година настанот е посебно интересен и за македонската јавност затоа што за првпат имаме филм кој е номиниран во две категории.

Откако во 1995 година филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски не успеа да го добие Оскарот, оваа година се надеваме на историски успех со „Медена земја“ (Honeyland) кој е номиниран за престижната награда во две категории: најдобар документарен филм и најдобар странски филм (квота 25). Најголема конкуренција на нашиот филм во трката за главната награда е јужнокорејскиот „Паразит“ кој ги освои речиси сите награди во Азија, а квотата за да земе Оскар е 1.05!

Во најинтересната конкуренција за најдобар филм борбата ќе биде голема. „Џокер“ (квота 8.00) има најмногу номинации – 11, но под квотите на обложувалницата во категоријата најдобар филм е остварувањето на Квентин Тарантино „Беше еднаш во Холивуд“, во кој улогите ги толкуваат Бред Пит и Леонардо ди Каприо. Според Моцарт и букмејкерите, најблиску до признанието е филмот 1917 (квота 3.00), односно за вложени 1.000 денари, доколку овој филм ја освои златната статуетка, исплатата е 3.000 денари.

Се одбележува Денот на планетата Земја

Светот денеска го одбележува Денот на планетата Земја, меѓународна иницијатива чија главна цел е да ја подигне свеста кај луѓето за заштита на животната средина и зачувување на планетата.

Денот на Земјата се чествува по 55. пат. Тој се слави секој 22 април, а првпат тоа се случило во 1970 година во САД, во организација на американскиот сенатор Гејлорд Нелсон и активистот Денис Хејс. За време на првите демонстрации, повеќе од 20 милиони луѓе излегоа на улиците на САД.

Според меѓународната организација „Ден на планетата Земја“, годинава главна тема е борбата против пластиката под наслов „Планетата против пластиката“.

Иницијаторите, инаку, дошле на замислата за организирање „Ден на планетата Земја“ кога светот ја виде штетата од излевањето на 11 милиони литри нафта во Тихиот океан, што се случило како последица на несреќа при работа на нафтена платформа близу Санта Барбара, Калифорнија, САД.

Денот на планетата Земја ширум светот се одбележува со бројни акции, како што се собирање ѓубре, садење дрвја, протести за борба против климатските промени, едукативни работилници итн.

Утре влажен бран со силен ветер и врнежи над 20 литри на метар квадратен

УХМР информира дека утре, под влијание на влажен бран, ќе биде облачно со врнежи од дожд кои особено во западните и јужните делови од земјата ќе бидат пообилни, наместа над 20 литри на метар квадратен, поројни и проследени со грмежи и засилен ветер и над 60 километри на час. Ветерот долж Повардарието ќе засилува и во среда.

Во среда и четврток ќе има локална појава на повремено пороен дожд и грмежи, а потоа следи период на претежно стабилно и постепено потопло време.

Од полноќ започнува изборниот молк

Со денешниот ден завршува изборната кампања за првиот круг од Претседателските избори 2024 година, односно од полноќ започнува изборниот молк кој трае до 19 часот на 24 април.

За време на молкот, на 23 и на 24 април (до 19 часот), запира медиумското покривање во вестите и во посебните-информативни емисии на учесниците во изборните кампањи и за Претседателските и за Парламентарните избори, информираат од Агенцијата за аудио и адиуовизуелни медиумски услуги.

Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето: какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со, или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија изборна кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои го откриваат идентитетот на политичките субјекти и/или на поединци вклучени во инциденти или други неправилности на денот на гласањето, како и изјави од кандидати во изборниот процес, од учесниците во изборна кампања, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.

Во овој период е дозволено емитување бесплатно политичко претставување и платено политичко рекламирање на учесниците во изборната кампања за Парламентарните избори.

Воедно, во деновите на изборниот молк е дозволено емитување на едукативната рекламна кампања на Државната изборна комисија (ДИК) за Изборите 2024.

Агенцијата очекува сите радиодифузери, почнувајќи од ноќеска на полноќ, да ја прилагодат својата програма за изборниот молк.

Популарно