Зголемен бројот на е-продавници и на плаќања во земјава

Зголемено користење на компјутерите и мобилните телефони за плаќање е забележано во текот на изминатите месеци, откако почна кризата предизвикана од коронавирусот. Податоците покажуваат дека бројот на плаќања преку електронско банкарство во март е зголемен за околу 30 отсто, а бројот пак на регистрирани е-продавници во овој период е поголем од оној регистриран во текот на цела 2019 година.

Податоците на Народната банка покажуваат дека во март, откако започна здравствената криза во земјава, забележан е годишен раст на вредноста на трансакциите со кредитни трансфери од 4,9 отсто, извршени со зголемен број трансакции кај физичките лица за 1,3 отсто и благ пад кај правните лица од 0,7 отсто. На годишна основа кај плаќањата со платежни картички е остварен раст на вредноста за 27,6 отсто и кај бројот на трансакциите од 31 отсто.

– По отпочнување на корона-кризата, физичките лица сè повеќе ги користеле придобивките на електронското банкарство. Бројот на електронски кредитни трансфери иницирани од страна на граѓаните во март се зголемил за значителни 30,3 отсто на годишна основа, односно за 21,4 отсто на месечна основа. За извршување на плаќањата, граѓаните особено ги користеле компјутерите. Поконкретно, кај плаќањата извршени преку компјутер, во март се забележува висок годишен раст од 26,4 отсто, односно месечен раст од 27,2 отсто, кој е двојно повисок од годишниот раст во првиот квартал од оваа година кој изнесуваше 13,8 отсто, покажуваат објавените податоци на Народната банка.

Значително повеќе во споредба со претходно граѓаните ги користеле и мобилните телефони. При тоа бројот на плаќања извршени со мобилен телефон во март пораснал за 45,5 отсто на годишна основа, при поумерен месечен раст од 7,4 отсто.  Од страна на граѓаните, еден од четири електронски кредитни трансфери се иницира преку мобилен телефон, додека останатите три електронски кредитни трансфери се иницираат со користење компјутер.

Особено е забележан изразен пораст на користењето на платежните картички за купување преку интернет, при што во март, бројот на трансакции е зголемен двојно во однос на истиот месец минатата година, а позитивни се трендовите и кај користењето на картичките на физичките места на продажба.

Во однос на користењето на платежните картички на местата на продажба на интернет, во првиот квартал од оваа година, е забележан  годишен раст кај бројот на трансакциите со 62,3 отсто, кој е движен пред сè од физичките лица. Податоците на Народната банка покажуваат дека граѓаните поинтензивно ги користеле платежните картички за купување преку интернет во март, достигнувајќи многу висок годишен раст од 99 отсто, при регистриран годишен пад кај бројот на трансакциите на правните лица за 2,5 отсто.

И податоците на Асоцијацијата за е-трговија укажуваат на пренасочување на граѓаните кон електронската трговија. Од Асоцијацијата наведуваат за МИА дека само во март и април годинава се регистрирани 97 е-трговци, а бројот на вкупно регистрирани во цела 2019 година е 149 е-трговци.

– Имаме 4,5 пати повеќе регистрирани е-трговци во месец април, споредено со просечниот месечен број на е-трговци кои се регистрирале во 2019 година, велат од Асоцијацијата и додаваат дека треба да се истакне дека во текот на март и април до банките се доставени 346 барања за отворање е-продавници, од кои пак не се сите регистрирани во е-трговци, бидејќи дел не биле комплетни.

Од Асоцијацијата наведуваат дека согласно податоците добиени од петте банки што нудат е-трговија во земјава може да се забележи дека во 2019 година се отворале просечно 12 е-продавници месечно, додека пак во март и април во 2020 година бројот на отворени нови е-продавници е 42 за март и 55 е-продавници за април со што се забележува раст од огромни 3,5 односно 4,5 пати.

Според Асоцијацијата друг показател што укажува на атрактивноста и зголеменета побарувачка за отворање нови е-продавници е и фактот дека на јавниот повик објавен од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, преку иницијативата „Ecommerce4All” што се реализира со поддршка на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем за само 10 дена беа доставени 215 апликации за финансиска и советодавна помош за отворање нов продажен канал во областа на е-трговијата.

Од Асоцијацијата за е-трговија сметаат дека 2020 година ќе биде убедливо година во која се повеќе бизниси ќе го следат трендот и ќе се префрлат кон онлајн продажба, со што директно ќе влијаат на подобрување на понудата, а со тоа ќе се очекува и драстичен пораст на прометот направен во областа на е-трговијата.

Заклучно со крајот на 2019 година во земјава се регистрирани вкупно 1020 е-продавници.

Историската одлука на Вол Стрит: Првпат одобрени фондови кои инвестираат во биткоин

Американската Комисија за хартии од вредност по првпат одобри фондови со кои се тргува на берза, а кои директно инвестираат во биткоин.

Овој потег, кој беше најавен како значаен настан за секторот на дигитални средства, ќе го прошири пристапот до најголемата криптовалута на Вол Стрит и пошироко.

Тоа доведе до зголемување на вредноста на оваа валута.

Вредноста на биткоинот се зголеми веднаш по возбудата околу зголемената веројатност за одобрување на средствата, скокајќи за речиси 200 отсто од почетокот на минатата година, иако биткоинот останува околу 30 отсто под својот врв постигнат за време на бумот во 2021 година.

Цената на биткоинот е главно стабилна по објавувањето на одобрувањето на новите фондови, тргувајќи го близу највисокото ниво во последните две години од околу 46. 000 долари.

Регулаторите ги одобрија сите 11 апликации што чекаат за биткоин ETF, вклучувајќи ги BlackRock, Grayscale и Fidelity. Тие можат да започнат со тргување уште денеска.

Бизнис елитата од Македонија и Бугарија се собра во Скопје

Бугарија е петтиот најважен трговски партнер на Северна Македонија и нејзина втора најважна извозна дестинација. Бугарските директни инвестиции во државата изнесуваат вкупно 270 милиони евра. Во 2022 година, годишната двонасочна трговија надмина 1 милијарда евра.

Со цел оддржување и подобрување на меѓусебната соработка на компаниите, сопственици, директори, како и видни претставници на фирмите од двете земји во четвртокот во хотелот Александар Палас разменија искуства и можности за идна соработка.

 Бугарскиот амбасадор во Скопје Ангел Ангелов им се заблагодари на генерациите активисти кои го основаа, развиваа и зајакнаа МБСК. Тој изрази надеж дека со нејзината амбициозна програма новоизбраната претседателка на МБСК Билјана Митева ќе ја направи институцијата „поживописна, подинамична и многу поотворена за сите економски субјекти, што ќе ги зајакне односите меѓу Бугарија и Северна Македонија“.

Митева во говорот на настанот посочи: „Имам голема одговорност бидејќи Македонско-бугарската стопанска комора која постои од 2011 година има многу успешни проекти. За да истите бидат надминати ќе биде потребна поголема соработка меѓу бизнисите и јавните институции во нашите две земји и што поскоро да се отстранат сите бариери за бизнисот“.

Шефот на трговската служба на бугарската амбасада Красимир Драгнев на состанокот рече дека на 7 декември во Софија ќе се одржи бугарско-македонски бизнис форум на иницијатива на министерствата за надворешни работи на двата соседи. Сличен настан минатата година се одржа во Скопје. Ја отворија тогашните министри за надворешни работи Николај Милков од Бугарија и Бујар Османи од Северна Македонија.

Овој пат, МБСК ќе биде главниот партнер во составувањето на деловната делегација од Северна Македонија.

Цените на нафтата на светско ниво паднаа втора недела по ред

На светските берзи цените на нафтата паднаа и минатата недела, вторпат по ред, бидејќи не е нарушена понудата од Блискиот Исток, а побарувачката може да падне поради слабоста на најголемите светски економии.

На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела падна за 6,2 отсто, на 84,90 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот падна за 5,9 отсто, на 80,50 долари.

Конфликтот меѓу палестинската организација Хамас и Израел досега не го наруши снабдувањето со нафта од Блискиот Исток. „Нафтениот пазар ќе внимава на знаци на ескалација на тензиите на Блискиот Исток, особено на границата со Либан, со оглед на честите напади на Хезболах“, рече Фиона Цинкота од Сити Индекс.

Доколку конфликтот се прошири во регионот, може да дојде до прекин на испораките на нафта . Но, тоа сè уште не е случај. „Конфликтот во моментов е на втор план за пазарот бидејќи не влијаеше значително ниту на побарувачката ниту на прекинот на понудата“, вели Џон Килдаф, партнер во Again Capital.

Трговците минатата недела беа фокусирани на монетарната политика. По агресивното зголемување на каматните стапки во последната година и половина, американската централна банка ФЕД, како и британската, минатата недела ги оставија каматните стапки непроменети.

Со оглед на тоа што инфлацијата во западните земји постепено се намалува, на пазарите преовладуваше тезата дека циклусот на покачување на каматните стапки е завршен.

Тоа ги поддржа цените на нафтата во средината на неделата, но подоцна цените паднаа бидејќи низа податоци покажаа дека растот во најголемите светски економии забавува, што ќе ја ослаби побарувачката за „црното злато“.

Така, извештајот, објавен во петокот, покажа дека вработеноста во САД ослабела во октомври, додека платите пораснале помалку отколку во септември, што најавува слабеење на побарувачката.

Ова го најавуваат податоците кои укажуваат на забавување на растот на економијата на еврозоната.

Трговците беа загрижени и од неочекуваниот пад на активноста во кинеската индустрија во октомври. И низа други податоци покажаа дека кинеската економија, најголемиот увозник на нафта во светот , расте побавно од проценетото. По минатонеделниот пад на лондонскиот пазар, цената на барелот сега е во минус во однос на почетокот на годината за околу 1 отсто, додека на американскиот пазар се уште е во плус, но само околу 0,3 отсто.

Популарно