Шефот на кабинет на Шилегов: Универзална нема да се руши, ќе се гради, но прашање е каде

Не можам да речам дека беше неочекувана реакцијата на многу Скопјани во однос на конкурсот за парк на местото на Универзална Сала, затоа што секогаш кога се расправа за прашања со кои луѓето емотивно се врзуваат е тешко да се разбереш преку аргументи. Но, ајде да се обидеме да одговориме на сите слушнати и прочитани тези овие два дена и да се обидеме да ги одговориме, напиша на Фејсбук шефот на кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов, Никола Наумовски.

Универзална сала е монтажен објект, нема можност за проширувања, доградби, паркинзи и пристапи, е првиот аргумент што го посочува Наумовски.

„Ако се реконструира салата, тогаш не може да се додадат нови содржини како придружни сали, галериски простори, конференциски сали, холови, продавници и кафетерии. Предноста на реконструкцијата е во избегнувањето на обврската да се обезбеди паркинг место за секој посетител, како во случајот со новата градба. На тој начин, Универзална може да работи само со сегашните 40 паркинг места. Тоа би било сосема несоодветно, но законските услови не предвидуваат обврски за паркинг кога се реконструира објект, само кога се гради нов. Последниот проект за реконструкција на салата предвидува трошоци од околу 17 милиони евра (задржување на конструкцијата и градбата, со мали доградби и реновирана концертна сала со гледалиште)“, пишува Наумовски.

Изградбата на нова сала на оваа локација, пак, потенцира тој, е замислена со т.н. проект „Јајце“ од 2013-та кој чини далеку повеќе, но според правилникот за стандарди и нормативи за градба треба да има 1 000 паркинг места соодветни за проектираното гледалиште и придружните содржини.

Наумовски како аргумент понатаму ја наведува и несоодветната локација заради близината на зградите и тесните улични. Маалото сега вели изгледа многу поразлично од пред 50 години кога била изградена Универзална. Ако салата остане на иста локација, кон неа нема да можат безопасно да се движат автобуси и камиони со опрема со оглед дека во близина се наоѓаат градинки и школи.

„Дополнително, маалото е веќе пренаселено со луѓе и ги надминува параметрите предвидени со ГУП-от за густина на населението. Во деновите кога би се одржувале настани во Универзална, овие жители, нивните улички, тротари и паркинзи би биле преплавени од посетители на салата и нивните возила“, аргументира шефот на кабинетот на Шилегов.

Поради густото население, тврди тој, на Центар му недостасуваат зелени површини кои чинат значително помалку да се обезбедат на државно земјиште наместо на приватно, со оглед дека во таков случај би била потребна експропријација. А просторот каде се наоѓа салата, потенцира, можеби е и последното државно земјиште во тоа маало.

Попладнево, дел од овие сегменти во соопштение ги коментираше и Асоцијацијата на архитекти на Македонија, која го дала предлогот на градските власти за претворање на просторот кај Универзална во парк и изградба на нова поголема сала на нова локација.

И тие во нивното соопштение посочуваат дека изградба на нова сала со проширена програма не е соодветна за постојната локација, но истовремено, не споменувајќи ја густината на населението во тој дел од градот, излегоа со став и дека старата Универзална сала треба да се сочува. Рушењето, рекоа тие, го предложиле бидејќи од Градот им кажале дека нема пари за реконструкција.

„Во паркот ќе остане дел од конструкцијата на Универзална“

Наумовски, пак, тврди и во случај да се руши, дел од старата Универзална ќе остане.

„Свесни дека носталгичните чувства и сентименталноста на скопјани се легитимна почетна позиција во секое општествено прашање, во проектната задача на конкурсот предвидовме задолжителни критериуми кои треба да ги задоволат овие барања. Архитектите на конкурсот се задолжени во осмислувањето на паркот да искористат делови од сегашната конструкција, партерот, внатрешните градби и сл., на начин на кој ќе оддадат признание за нејзината архитектонска и историска вредност“, вели Наумовски.

„Треска да се претвори во парк ќе чини многу пари“

Во еден дел од својата објава тој одговара и на критиките дека се „жртвува“ Универзална сала на сметка на просторот кај поранешната фабрика „Треска“ каде би никнале згради. Порачува дека тоа земјиште е приватно и во секој случај неговото претворање во парк би чинело огромни суми.

„За да се направи јавен простор (парк) на приватно земјиште, тоа мора да биде експроприирано и тоа по методи и цени предвидени со закон. Ги предизвикувам протагонистите на оваа идеја да ја направат својата најоптимистичка проценка за вредноста на земјиштето и да и ја претстават на јавноста. Јавноста има право да знае колку чинат плановите што тие ги промовираат. Моите пресметки се доближуваат до трицифрена бројка милиони евра (сметајќи ги квадратите помножени со нивните цени на дадената локација), но ги предизвикувам нив да ги соопштат за сите да видиме со какви крајности си имаме работа“, вели Наумовки.

Еден од оние кој ја наметна ваквата теза е претходникот на Шилегов, Коце Трајановски. Во неговата денешна реакција тој праша дали се жртвува Универзална сала за изградба на 50 згради кај Треска.

„Универзална и Театар за деца и младинци под ист кров“

Во одбрана на идејата за поголем објект на нова локација, Наумовски, го наведува и тоа што, според неговите тврдења, во истиот објект Градот би сакал да го вдоми и Театарот за деца и младинци (ТДМ), кој сака да го земе под своја надлежност преку децентрализација.

„Ова секако би значело соодветна сала за детски претстави, гримиорни, простори за проби, гардероби, сценографии и други театарски потреби. Подразбира посебен влез и одвоеност на театарот и гостите од останатите. Дополнително, во моментов во Скопје постојат 6-7 културни институции со нерешено прашање за нивното седиште (ТДМ, Драмски, Комедија, Танец, Турски Театар, Универзална …) и идното делење на објектот со некоја од нив би значело одговорно планирање на парите од националниот буџет (од каде во секој случај ќе се плати изградбата на салата). Изборот на ТДМ за соодветен партнер се должи на можноста за надополнување на термините за изведби и проби, со оглед на тоа што изведбите на овој театар се најчесто денски, а и ќе се овозможи и разноликост на публиката во објектот“, пишува еден од најблиските соработници на Шилегов.

Тој на крајот како навредливи ги отфрла и споредбите дека конкурсот за паркот со летна сцена е втор дел од „Скопје 2014“ и порачува дека „универзална сала нема да се руши, туку ќе се гради, но прашање е каде“, а она што треба да се руши е „Скопје 2014“. Па, затоа ги повикува сите „противници“ на контроверзниот проект, кој во најголем дел е во рацете на централната власт, да прават притисок кон институциите за негово решавање.

Дел од Центар утре ќе остане без струја, дел од Карпош без вода

Поради планирани прекини во електродистрибутивната мрежа, утре без електрична енергија ќе останат следните корисници:

Во период од 08:30 до 14:00 ул. „Антоние Грубишиќ“, ул. „Коле Неделковски“, ул „Наум Наумовски Борче“ и ул. „Мирослав Крлежа“ во општина Центар.

На ден 08.04.2024 (понеделник) поради изведба на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.„Џумајска“ 47, прекинато водоснабдување од 10:00 до завршување на интервенцијата ќе имаат корисниците од ул.„Џумајска“ во општина Карпош.

Опожарено возило во гаражите на „Ист гејт мол“

Во трговскиот центар „Ист гејт мол“ во Скопје, попладнево во гаражите било опожарено едно возило, по што интервенирале од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Пожарот бил локализиран и нема повредени. По увидот на надлежните служби, како што информираат, трговскиот центар продолжил да работи.

Како што информираат од МВР, во 18:45 часот настанал пожар во патничко возило „фолксваген поло" со скопски регистарски ознаки, сопственост на Х.А. (62) од скопското село Кондово.

-  Пожарот бил локализиран. Повредени лица нема, се вели во соопштението од МВР.

Согласно утврдените процедури на трговскиот центар за ваков тип на ситуации, како што информираат од трговскиот центар „Ист Гејт Мол“, биле активирани системите за заштита од пожар и вработените во трговскиот центар беа евакуирани, а како резултат на навремената реакција на службите нема повредени лица.

Од Пожарна за МИА информираа дека интервенирале со едно возило, по пријава од посетители на молот.

- Завршена е интервенцијата. Станува збор за опожарено едно возило. Службите во „Ист Гејт“ веќе почнале да го гасат. По реакција од посетители, испратено е едно возило со шест пожарникари, информираа за МИА од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.

По увидот на надлежните служби, трговскиот центар, како што информираат од „Ист Гејт Мол“,  продолжил да работи со редовно работно време до 22 часот. 

(Видео) Како беше извршен филмскиот грабежот на маркет во Црниче?

На социјалните мрежи доцна синоќа беше објавена снимка од грабежот на маркет во скопската населба Црниче.

На снимката може да се забележи возило и лица кои се обидуваaт да го украдат сефот од маркетот. Додека е вклучен алармот, тие успеваат да го стават во багажник, тргнуваат, но сефот паѓа на патот во Црниче, па тие се враќаат повторно да го подгинат.

Од Министерството за внатрешни работи вчера информираа за настанот.

- На 01.04.2024 во 03.58 часот во СВР Скопје било   пријавено дека во маркет на подрачје на општина Кисела Вода во Скопје три лица извршиле „тешка кражба“, при што одзеле сеф.  Увид бил извршен и се преземаат мерки за расчистување на случајот, стои во соопштението до полицијата.

Маркетот e ограбен откако автомобил влетал во влезната врата, алармот се вклучил, а разбојниците го земале сефот.

Популарно