Јакимовски осуден на шест години затвор за кражба на 800.000 евра од УБК

На шест години затвор е осуден Тони Јакимовски, ексначалник во УБК, кој беше и шеф на кабинет на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, за случајот „Спец каса на УБК“, објави Кривичниот суд.

Затворска казна од четири години за Стево Маџовски, кој бил вработен во УБК, а ослободителна пресуда за уште една вработена во оваа Управа, Кристина Јосифовска.

Ова е пресудата од Судечкиот совет во предметот кој се однесува на проневера на пари од спец касата во УБК.

-Согласно објавата на пресудата, во текот на кривичната постапка која започна во октомври 2019 година, одржани се вкупно 11 продолженија на главната расправа , а дел од расправите се одржаа во време на вонреда состојба заради пандемијата со Ковид – 19, при што судот ги обезбеди сите соодветни услови согласно протоколите за заштита. Изведени се предложените материјални и вербални докази и, по предлог на одбраната, сослушан е сведок преку видео конференциска врска со надлежен суд во Букурешт, Р. Романија каде се наоѓал сведокот.

Врз основа на сето горе изведено судот утврдил дека обвинетите подигале парични средства за потребите на касата за исплата на средства за посебни намени за УБК, но воедно утврдено е дека евиденцијата за потрошените парични средства се уништени заедно со документацијата за исплата, односно главната книга за евиденција без за тоа да постои посебно одобрение од директорот на Управта и без за тоа да биде формирана комисија за ништење на материјална документација.

Против оваа пресуда странките, по приемот на пресудата, имаат право на жалба преку овој суд до Апелациониот суд, велат од Кривичниот суд.

„АЛКАЛОИД“ ПУШТИ ВО УПОТРЕБА НОВ КАПИТАЛЕН ПРОЕКТ ВРЕДЕН 19,4 МИЛИОНИ ЕВРА

Новите капацитети за производство на цврсти фармацевтски форми, со површина од 6.200 м2, се најкрупниот инвестициски потфат на компанијата во изминативе две децении

Во насока на посветеноста за постојана модернизација и за проширување на производствените капацитети, производствените волумени и на асортиманот, „Алкалоид“ АД Скопје ја комплетираше реализацијата на својот најголем инвестициски потфат во последните две децении – новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми Таблетно одделение 2.0 и придружните технички простории.

Новиот техничко-технолошки капацитет, чија цел е повеќе од двојно зголемување на обемот и поголема флексибилност во производството на цврсти фармацевтски форми, зафаќа површина од 6.200 м2 (производствени и технички простории), а за него „Алкалоид“ вложи вкупно 19,4 милиони евра. За изведбата на овој објект, започната во април 2021 година, беа ангажирани 30 домашни и 16 странски компании, а градежните работи и опремувањето се одвиваа под водство на стручните служби на „Алкалоид“ АД Скопје. Просториите се изведени во согласност со строгите норми за добра производствена пракса, а сите процеси се целосно интегрирани и дигитализирани, со автоматско генерирање на сите податоци од процесните контроли.

Во новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми ќе се врши производство на таблети, филмувани таблети, капсули и на двослојни таблети, кои за првпат се воведуваат како технологија за производство во Македонија. Станува збор за таблети што содржат неколку активни супстанции со различни хемиско-физички својства или со различен начин на ослободување на состојките, кои внимателно и прецизно се дозирани, но физички одделени со соодветно обезбедена стабилност и делотворност, овозможувајќи им на пациентите целосната терапија од неколку лекови да ја земаат само преку една таблета. Опремата за производство на цврсти фармацевтски форми е набавена од светски познати производители на опрема од овој вид: GEA (опрема за влажна гранулација), Alexanderwerk (опрема за сува гранулација), Lodige (опрема за хомогенизација), Fette (преси за таблети), Glatt (систем за филм-обложување), De Lama (автоматска машина за перење контејнери) и други.

Со пуштањето во употреба на новата техничко-технолошка единица за производство на цврсти фармацевтски форми двојно се зголемува производствениот волумен, па така, наместо досегашниот капацитет од 2 милијарди таблети годишно, моменталниот проектиран производствен капацитет е повеќе од 4 милијарди таблети годишно.

„Во динамична индустрија каква што е фармацевтската пласманите обично кореспондираат со инвестициите, вештините и знаењето, кои во изминативе две децении ги насочивме кон градење на модерно и конкурентно производствено портфолио. Нашата цел останува да се диференцираме преку знаење и развој на производи со додадена вредност, а на овој курс сме решени да останеме и во иднина, работејќи на натамошна глобализација на брендот ’Алкалоид’, достоинствено и посветено, со практикување на високи етички стандарди, кредибилитет и професионален пристап во севкупните операции“, изјави Генералниот директор и Претседател на Управниот одбор Живко Мукаетов на официјалното пуштање во употреба на новиот оддел, кое се одржа во присуство на високи претставници на менаџментот на компанијата, како и на претставници на медиумите од земјата и од регионот.

Ова е еден од најкрупните инвестициски проекти на „Алкалоид“ АД во изминатите две децении. Компанијата во 2005 година имаше пласмани од 53,1 милиони евра, а во 2023 година прикажа консолидирани пласмани од 268,3 милиони евра. Следствено на овој петкратен континуиран раст, во текот на изминатите 15 години беа реализирани инвестиции во вредност од над 220 милиони евра.

Фармацевтските производи на „Алкалоид“ се присутни на пазарите во повеќе од 40 земји во светот.

Летно сметање на времето од недела 31 март

Летното сметање на времето започнува в недела на 31 март во 02:00 часот, кога со поместување за еден час нанапред времето во 02:00 часот ќе се смета како 03:00 часот. 

Владата, на предлог на Министерството за економија, денеска на седница донесе Одлука за денот и моментот на воведувањето и денот и моментот на завршувањето на летното сметање на времето во 2024 година.

Како што соопшти вечерва владината прес-служба,  летното сметање на времето завршува на 27 октомври во 03:00 часот, така што со поместување за еден час наназад времето во 03:00 часот, се смета како 02:00 часот.

Одлуката за воведувањето летното сметање на времето е согласно Законот за сметање на времето („Службен весник на Република Македонија“ бр.17/96 и 16/97) и согласно европски директиви.

Норвешка ни испрати 76 воени возила

Норвешка испрати 76 воени возила за Македонија. Вкупно 40 камиони и 36 лесни пешадиски возила се натоварени вчера од пристаништето Оркангер и со брод ќе бидат транспортирани до Солун, информираат од норвешката амбасада.

Со донацијата, најавена во септември минатата година, како што информираат од амбасадата на Норвешка, ќе биде опремен лесен пешадиски баталјон.

-Донацијата ја симболизира важноста на НАТО солидарноста и соработката меѓу земјите членки. Способноста на алијансата да одговори на криза или конфликт зависи од силата и солидарноста на сите земји членки, а не само на една нација. На 4 април оваа година НАТО алијансата полни 75 години. Северна Македонија стана членка на НАТО во 2020 година, а Норвешка е членка на НАТО од формирањето на алијансата во 1949 година. Двете земји имаат долга историја на билатерална соработка, а со влезот на Северна Македонија во Алијансата во 2020 година соработката стана уште посилна, се вели во соопштението од норвешката амбасада.

Донацијата, како што велат од амбасадата, е и индиректна донација за Украина, бидејќи Македонија претходно донираше значителна количина опрема за Украина. Со норвешката донација, Македонија ќе може повторно да надополни дел од опремата што ја подариле, посочуваат од амбасадата на Норвешка.

Популарно