Промени на правилата за влез во Грција

Комисијата на епидемиолози од Министерството за здравство на Грција, на вчерашниот состанок, како што соопшти заменик-министерот за цивилна заштита Никос Хардаљас, едногласно, одлучила да се воведат одредени промени поврзани со туризмот и начинот на влез во земјата.

Како што објасни Хардаљас, за земјите од зелената листа дозволен ќе биде влез со рапид (брз) тест наместо со ПЦР, а за децата под 12 години, нема да биде потребен тест.  За оние од портокаловата и црвената категорија, правилото останува непроменето, односно задолжителен е тест за сите со наполнети шест години.

-Од останатите трети земји дозволен ќе биде влез во земјата според обележувањето на секоја земја во зелена, портокалова и црвена боја. За зелените земји важат постоечките правила. За портокаловите земји дозволен е влез на лица кои се вакцинирани, со вакцините признати од нашата земја и откако направиле ПЦР тест 72 часа пред нивното заминување. Исклучени од оваа одредба се граѓаните од земјите кои се наоѓаат на црвената листа и за кои продолжува да важи одредбата за карантин од седум дена, рече Хардаљас.

Дополнителни детали и појаснувања околу земјите, според информациите на дописничката на МИА од Атина, ќе бидат соопштени од Министерството за туризам на Грција.

Во однос на мерките во Грција, Хардаљас соопшти дека  за да се избегнат редиците пред продавниците, од сабота, во внатрешноста, ќе биде дозволено по едно лице на 16 метри квадратни, а не на 25 како што беше досега; ќе се отворат игротеките, но само на отворено; а одново ќе бидат отворени и луна парковите.

Од 1 јули, ќе почнат да работат и кино салите со 50 отсто од капацитетот, а за посетителите задолжителен ќе биде или негативен селф тест или сертификат за вакцинација.

Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција соопшти дека надлежната комисија одлучила, вакцинираните да можат да вежбаат без маска во фитнес центрите.

Пожар на грчкиот остров Крит во близина на поморската база Суда, превентивно евакуирани населба, болница и училиште

Населба, болница и училиште, рано утрово беа превентивно евакуирани поради шумскиот пожар што утрово избувна во близина на поморската база Суда на грчкиот остров Крит, јави дописничката на МИА од Атина.

Во пожарот интервенираат 79 пожарникари со пет пешадиски тима, 22 возила и еден хеликоптер, помагаат припадници на воената морнарица, волонтери и цистерни од општините, а ситуацијата е подобрена и според локалните медиуми не постои активно жариште.

Утрово, преку порака од европскиот број за итни случаи 112 до жителите на областа околу воената база беше побарано превентивно да се евакуираат.

Според локалните медиуми, пациентите од болницата што е во близина биле префрлени во болницата во Ханиа.

Видео: Во Хрватска падна снег

На подрачјето на Горски котар во Хрватска синоќа падна снег, а на места имаше и вистинска снежна покривка.

Снег ја зафати и Горанската делница на автопатот А6 Риека-Загреб, но работниците на зимската служба минаа низ снегот и до утрово нема ограничувања во сообраќајот, јавува Н1.

Меѓународна полициска акција во БиХ

Во Босна и Херцеговина во тек е меѓународната полициска акција при што се уапсени повеќе лица, меѓу кои и високи полициски службеници, поврзани со наркокартелот „Тито и Дино“.

Во соопштението од Обвинителството на БиХ се наведува дека апсења и претреси се вршат на десетици локации, на подрачјето на Сараево, Зеница и Мостар, а цел на акцијата се неколку осомничени физички и правни лица.

Меѓународна поддршка за акцијата обезбедија американските ФБИ, ДЕА и Европол.

Осомничени се повеќе од 15 лица кои се поврзани со организиран криминал, нелегална трговија со наркотици, перење пари и други слични кривични дела.

Популарно