Заев: Да имаме фер и демократски избори

„Да избереме она што мислиме дека е за сите најдобро. Во тој дух сакам уште еднаш да ја испратам пораката, прво, за неповредливост на правото на избор. Секој наш граѓанин има право да бира, да биде биран и треба да оставиме граѓаните буквално сами да се одлучат. Сите да имаме можност тоа да го промовираме и презентираме“- ваква порака испрати денеска првиот човек на Владата, Зоран Заев праќајќи ја пораката за фер и демократски избори. 

Тој во изјава за медиумите потенцираше дека и штабовите на политичките партии имаат заедничка соработка. Како што изјави премиерот, тоа го правеле со цел, да ги состават заедно агендите, за да не дојде до преклопување, за секоја партија да има свој доминантен простор.

„Тоа го правиме и со малите политички партии, барем ние од СДСМ и нашата коалиција. Веројатно сега тоа се прави со независните листи, за сите да имаат соодветен менаџмент на просторот, како и можност да допрат до сите граѓани“-дополни премиерот Зоран Заев, во својата изјава. 

Приведен охриѓанец кој го фотографирал гласачкото ливче

Полицијата во Охрид го приведе А.И.(48), затоа што го фотографирал гласачкото ливче на избирачкото место 1271 во Охрид.

По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираа од СВР Охрид.

Народниот правобранител со бесплатна телефонска линија за пријавување повреда на избирачко право

Во канцеларијата на Народниот правобранител, денеска од 7 до 19 часот, на денот на одржување на првиот круг за избор на Претседател на државата, граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321.

Како што соопшти Народниот правобранител, освен на бесплатната телефонска линија,  граѓаните ќе можат да пријават повреди на избирачкото право и лично во главната канцеларија во Скопје, што се наоѓа на улицата „Македонија“ бр.19 во зградата на ТД „Макошпед“ (спроти Спомен куќата на Мајка Тереза).

Повреди на избирачкото право може да се пријават и во подрачните канцеларии во Струмица на тел.бр.(034)329-996,  Кичево на тел. бр (045).228-586, Тетово  на тел. бр.(044) 344-082, Битола  на тел. бр.(047) 242-310, Штип на тел. бр. (032) 389-701 и во Куманово на тел. бр .(031) 431-488.

Народниот правобранител најавува дека со цел заштита на избирачкото право на граѓаните ќе презема итни мерки за ефективно постапување од странa на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои, потенцира, се должни да им обезбедат заштита на граѓаните остварување на нивното загарантирано избирачко право.

Популарно