Косовскиот заменик-министер за правда утре ќе ги посети осудените за „Диво насеље“

Заменикот министер за правда на Косово, Блерим Салаху најави дека утре ќе ги посети косовските државјани кои се осудени за случајот „Диво насеље“, кои ги служат казните во македонските затвори за настаните од мај 2015 година во Куманово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во синоќешното интервју за телевизијата Т7, Салаху рече дека, по воспоставената комуникација со Министерството за правда на Македонија, добил дозвола за во четврток да ги посети затворениците осудени за споменатиот случај.

– Како Министерство, имајќи го предвид Законот за државјанство, во кој се нагласува јасно дека државјанинот има тесни врски со државата, ние имаме обврски (кон државјаните на Косово). Имаме потврда од македонскиот заменик министер за правда дека можеме да ги посетиме во четврток. Ќе ги посетиме, ќе ги видиме условите, потоа ќе преземеме мерки, како што е испраќање дописи до тамошната влада за да создадат подобри услови, рече Салаху.

Претставникот на Владата во Приштина побара целосно расветлување на случајот и расчистување на дилемите околу тоа што точно се случи во кумановската населба во 2015 година.

– Јас целосно се согласувам со потребата овој случај да се расветли, почнувајќи од прашањата како тие луѓе отидоа таму. Значи, зошто се случи тоа што се случи, кој го организираше?, рече Салаху.

Осум полицајци – припадници на специјалната единица „Тигар“ и 14 осомничени терористи ги загубија животите во крвавата дводневна битка на 9 и 10 мај 2015 година. Десетици беа приведени од полицијата, а ранети беа уште најмалку 40 лица.

Вкупно 33 лица обвинети добија затворски казни во времетраење од 12 години до доживотно, а четворица се ослободени од обвинението. Седуммина се осудени на доживотна затворска казна. Основниот кривичен суд Скопје на уште 13 обвинети им пресуди 40 години затвор, на шестмина по 20 години, на еден обвинет 18 години, на двајца обвинети по 14 години, на двајца по 13 години, и на по 12 години уште двајца од обвинетите. 

Приведен охриѓанец кој го фотографирал гласачкото ливче

Полицијата во Охрид го приведе А.И.(48), затоа што го фотографирал гласачкото ливче на избирачкото место 1271 во Охрид.

По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираа од СВР Охрид.

Народниот правобранител со бесплатна телефонска линија за пријавување повреда на избирачко право

Во канцеларијата на Народниот правобранител, денеска од 7 до 19 часот, на денот на одржување на првиот круг за избор на Претседател на државата, граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321.

Како што соопшти Народниот правобранител, освен на бесплатната телефонска линија,  граѓаните ќе можат да пријават повреди на избирачкото право и лично во главната канцеларија во Скопје, што се наоѓа на улицата „Македонија“ бр.19 во зградата на ТД „Макошпед“ (спроти Спомен куќата на Мајка Тереза).

Повреди на избирачкото право може да се пријават и во подрачните канцеларии во Струмица на тел.бр.(034)329-996,  Кичево на тел. бр (045).228-586, Тетово  на тел. бр.(044) 344-082, Битола  на тел. бр.(047) 242-310, Штип на тел. бр. (032) 389-701 и во Куманово на тел. бр .(031) 431-488.

Народниот правобранител најавува дека со цел заштита на избирачкото право на граѓаните ќе презема итни мерки за ефективно постапување од странa на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои, потенцира, се должни да им обезбедат заштита на граѓаните остварување на нивното загарантирано избирачко право.

Популарно