До Водици овие работи никако не смеете да ги правите

Од 7 јануари, па се до Богојавление се некрстените денови, кога по земјата шетаат духови, лоши сили и демони: караконџоли, тарамбаба, гревогазец, ѓаволица, чума и колера. И водите тогаш се нечисти.

Божиќ, денот на раѓањето на Исус Христос, христијанскиот свет го прифатил како почеток на Новата година. Од денот на Христовото раѓање, 25 декември по Грегоријанскиот или 7 јануари по Јулијанскиот календар, па се до Богојавление 6 јануари по новиот или 19 јануари по стариот календар се некрстените денови.

Денови кога по земјата шетаат духови, лоши сили и демони: караконџоли, тарамбаба, гревогазец, ѓаволица, чума и колера. И водите тогаш се нечисти, опседнати со лоши духови. Водата во овие некрстени денови е леунка, вели народот, крстот е врзан, немоќен, нема сила да ги протера духовите.

Во овие дванаесет некрстени денови луѓето се маскираат и ги изведуваат игрите под маски и тоа на Бадник и по него, пред Василица (Стара нова година), а и речиси сите останати денови до Водици. Игрите под маски најпознати како џамаларски, но и: бабари, василичари, мечкари, ајти, русалии… се изведуваат за да се избркаат лошите сили и демони. Луѓето веруваат дека со маските каде задолжително составни елементи се sвонците, клопотарците, стаповите, гајдите и тапаните што прават врева ќе ги исплашат демоните и тие ќе ја напуштат земјата.

Настанувањето на овие дванаесет дена се објаснува со разликата меѓу сончевата и месечевата година која изнесува точно дванаесет дена. Денови во кои завршува зимската краткодневица и се раѓа новото Сонце.

Коледарските и василичарските обреди под маски ги изведуваат група од млади момчиња кои се маскираат. Нив ги предводи повозрасен маж со потврдена плодоносна моќ, кој има голем и здрав род зад себе и кој е познат женкар. Младите ергени што достигнале одредена возраст 16 – 19 години мора да поминат низ овие обредни игри. Низ игрите требало да се покажат, преобразат и формираат во возрасни мажи, зрели за женење.

Маскирањето започнува откако ќе се запали голем оган, а околу него се пие и се пеат и кажуваат безобразни, т.н. мрсни песни што треба да ја подгреат атмосферата со еротски набој. Најзначајно место во групата имаат маските на зетот и на невестата. Маската на невестата треба да е многу добро направена за никој да не ја познае. Особено значење се посветува на градите и задникот кои треба да бидат големи за да предизвикуваат сексуални желби, со што се поттикнува целата природа и човекот на плодност. Често невестата е бремена или држи мало бебе.

Игрите под маски што се изведуваат во дванаесетте некрстени денови завршуваат на Водици 19 јануари, денот на Христовото крштевање.

На овој ден во сите води ритуално се фрла крстот, што го означува крштевањето. Ослободениот крст има сила да ги гони лошите сили и демони да не доаѓаат на земјата, туку да си седат во нивното царство на темнината.

Народни верувања

Се верува дека во овој период не треба да се излегува навечер, а ако баш мора со себе да се носи лук, крст или некој остар предмет.

Се верувало дека во некрстените денови не се преде, не се ткае и не се пере.

Надвор пак не се остава ништо бело, а посебно не детска облека бидејќи злите сили би можеле да им наштетат на децата.

Денеска се слави Св. Апостол Јован Богослов

Празник во чест на чудата на Свети Јован Богослов

Со името на светиот апостол и евангелист Јован се поврзани два празника. Празникот на 21/8 мај, е востановен во чест на чудата што се случувале над неговиот гроб. Имено, покрај многуте чуда што ги направил за време на животот (воскреснал мртви, исцелил болни, ја скротил бурата на морето, а кога патниците на бродот немале вода за пиење солената вода ја претворил во слатка итн.), секоја година на 8 мај (с.с.) од неговиот гроб излегувала прашина од која оздравеле многу болни. Песните што на тој ден се пеат во црквата во негова чест главно се составени од Јован Дамаскин и од цариградскиот патријарх Герман во VIII век.

Роден е во Витсаида, град на брегот на Галилејското Езеро и е помлад брат на апостолот Јаков, според татко му наречен Заведеев. Татко му се викал Заведеј, а мајка му Саломија и била ќерка на Јосиф, старателот на Богородица, кај кого што живеела по напуштањето на божјиот храм.

Јован бил рибар и заедно со брат му и со татко му ловеле риби на езерото. Еднаш кога ги крпеле мрежите кај нив наминал Исус и ги повикал Јована и Јакова. Тие веднаш го напуштиле татка си, бродот и мрежите и му се придружиле. Исус му бил посебно наклонет на Јована поради што овој присуствувал на сите поважни настани од неговиот живот. Заедно со Јаков и Петар присуствувал на Преображението на Исус на планината Тавор, тројцата биле заедно и кога Исус ја воскреснал Јаировата ќерка, а близу до Исус биле и кога тој се молел во Гетсиманската градина непосредно пред страдањата. Исус му укажал посебна чест кога на Тајната вечера го седнал до него и токму нему го претскажал предавството на Јуда. Кога Исус кажал дека ќе биде предаден од еден од апостолите само Јован се осмелил да го праша кој ќе биде тој што ќе го предаде.

Кога Исус бил фатен сите ученици се разбегале само Јован одел по него и додека го воделе кај првосвештениците и подоцна кон Голгота. Присуствувал и на распнувањето и сочувствувал при овој чин, заедно со Богородица и Марија Магдалена. По погребот на Исус и по воскреснувањето кога жените соопштиле дека го нема телото во гробот Јован прв се сетил дека Исус е воскреснат. Сепак, најголема чест Исус му направил кога во претсмртниот час му ја оставил мајка си да ја чува. „А Исус, штом ја виде мајка си и ученикот кого го љубеше, како стои, и рече на мајка Си: ʼЖено ете ти син!ʼ Потоа му рече на ученикот: ʼЕте ти мајка!ʼ И од тој час ученикот ја зеде при себе“. (Јован 19/26,27) Јован ја зел Богородица кај себе и се грижел за неа како за вистинска мајка сè до нејзиното успение.

По Вознесението на Исус, додека била жива Богородица тој проповедал во Палестина, а потоа низ Мала Азија. Најдолго престојувал во Ефес. И подоцна Исус му се јавувал на Јована, а еднаш му раскажал за иднината на неговата црква. Според ова јавување Јован го напишал своето дело „Откровение“ со коешто завршува Светото писмо (Библијата). Напишал и други дела, а најпознати се трите посланици. Од неговите дела се гледа дека бил талентиран писател и дека имал моќ да ги разјасни најдлабоките тајни на Христовата наука, поради што е наречен Богослав. Со своите проповеди многумина пагани обрнал кон христијанство поради што од царот Домицијан бил многу мачен. Му дале да испие отров, потоа го фрлиле во жешко масло, а кога и од тоа немал никакви последици плашејќи се дека е бесмртен царот го протерал на островото Патмос до брегот на Мала Азија.

Кога на римскиот престол дошло до значајни промени, кога бил убиен Домицијан, а на негово место дошол Нерво, христијаните добиле извесни слободи. Тогаш и Јован се вратил во Ефес од прогонство каде што минал 25 години. Христијаните го пречекале со голема радост и со зборовите: „Благословен е оној што доаѓа во името Господово“. Кога се појавиле разни ереси што го нагрдувале вистинското христијанско учење овдешните епископи го замолиле тоа што го проповедал усно и да го напише. Еден ден го зел со себе ученикот Прохор се искачиле на една висока планина и, по три дена минати во пост и молитви, Јован по волја на Светиот Дух започнал да зборува, а Прохор да запишува: „Во почетокот беше Словото и Словото беше во Бога, и Бог беше Словото…“ Бидејќи ги знаел содржините на трите евангелија според Лука, Марко и Матеј, Јован ги запишал оние моменти од животот на Исус што не биле опишани или доволно објаснети. Така настанало евангелието напишано според Јован Богослов. Има различни мислења за времето кога е напишано ова евангелие. Според едни тоа е напишано околу 90-95 година, а според други многу порано, околу 40-65 година.

Евангелието по Јован започнува со зборовите: „Во почетокот беше Слоовото и Словото беше во Бога и Бог беше Словото.“ (Јован 1:1) Ова евангелие е многу поразлично од другите три, како според материјалот што го вклучува, така и според неговата обработка. Исус е претставен како месија уште од самиот почеток

Според божјата волја доживеал длабока старост. Починал на 105 годишна возраст и е единствен од дванаесетте христови апостоли што умрел од природна смрт. Кога си го почувствувал крајот зел со себе неколкумина од своите ученици меѓу кои и неговиот постојан придружник Прохор, ги одвел надвор од градот, ги замолил да ископаат гроб, а потоа, откако им ги дал последните упатства легнал во гробот и ја предал душата на Бога. Споменот на смртта на Светиот апостол и евангелист Јован Богослов се празнува на 26 септември по стариот, (или на 9 октомври по новиот) календар.

Сослужение кое зачува сечие достоинство

Денеска во Соборниот Храм Свети Сава во Белград се случи првото сослужување на поглаварите на МПЦ-ОА и на СПЦ, по 55 години,  како дел од процесот за целосно признавање на автокефалниот статус на МПЦ-ОА, кој треба да резултира со издавање согласност на СПЦ за непречено завршување на процесот со издавање на Томос од Вселенската Патријаршија за возобновување на Охридската Архиепископија во лицето на МПЦ, по повеќе од 250 години.

Литургијата во тој процес е суштински дел, кој го официјализира единството на црквите, но за општата јавност таа денешна служба е само слика и говор на архиереите на двете цркви.

За црковната јавност, која подлабоко е навлезена во литургискиот живот има многу поголемо значење. Со оглед на тоа дека, низ црковните кругови се случуваат обиди за различно толкување, дали некој бил потчинет, или не, дали некој бил понижен или не,  редно е и за црковната, но пред се и за општата јавност да бидат познати неколку суштински детали од нејзе, за да не се подлегнува на погрешни наводи.

Општиот и генерален заклучок од денешното сослужување е дека ова не беше служба на победници и поразени. На надмени и потчинети, на понижени и горди, туку служба на рамоноправоност во рамки на она што го овозможуваат канонините.

Текстот продолжува на РЕЛИГИЈА.МК

Утре е Балаклија

Првиот петок по Велигден е Источен петок – Балаклија. Имено, тој ден е посветен на Богородица, а уште и се вика Извор на лекувањето, па затоа верниците одат на најблискиот извор и се измиваат верувајќи дека ќе се излечат од разни болести.

Се слави во петокот на Светлата седмица. Во Цариград во V век, во близина на таканаречената „Златна Порта“ постоело место полно со кипариси и чинари, уште одамна посветено на Пресвета Богородица. Во шумичката постоел извор, исто така одамна познат како источник на чуда. Со текот на времето местото обраснало со грмушки, а водата исчезнала во калта. Само влажноста на земјиштето навестувала дека постои извор.

Еднаш војникот Лав Маркел минувајќи низ тоа место наишол на беспомошен патник, слеп човек кој го беше загубил патот не можејќи да се снајде. Лав му помогнал да се врати на патеката, и го одведел човекот, ослабен заради истоштеноста, под сенка да се одмори, а тој, пак, тргнал во потрага по вода за слепиот. Одеднаш слушнал глас кој му велел: „Лав, не барај вода некаде далеку. Таа е тука блиску.“ Лав, вчудоневиден од таинствениот глас, почнал да бара наоколу, но вода не можел да најде. Додека стоел така, натажен и замислен, истиот глас повторно му се обратил: „Цару Лав! Појди во сенката на шумичката, нацрпи од водата што ќе ја најдеш таму и подај му од неа на жедниот. Стави му врз очите од калта во изворот. Тогаш ќе узнаеш Која сум Јас, Која е Таа што толку долго време го благословува ова место. Набргу ќе ти помогнам да подигнеш тука црква со Моето име и на сите што ќе притекнат овде и со вера ќе Ме повикаат ќе им бидат услишани молитвите и потполно ќе се исцелат од нивните болести“.

Лав поитал кон назначеното место, зел кал од изворот и ја ставил врз очите на слепиот, давајќи му и вода да се напие, и на овој веднаш му се вратил видот. Без водач тој пристигнал во Цариград, славејќи ја благодатта на Пресветата. Овој настан се случи за време на цар Маркијан (391-457). Царот Маркијан го наследил Лав Маркел (457-473). Тој го запамтил јавувањето на Пресветата и наредил изворот да се исчисти од тињата; изградиле насип за да се оддели овој од другите извори во близината, а водата ја затвориле во голем тркалест камен базен, над кој изградиле црква посветена на Пресвета Богородица. Царот Лав го нарекол изворот „Животодавен Извор“, зашто таму била објавена чудотворната благодат на Пресветата. Стотина години по Маркијан, владеел царот Јустинијан Велики (527-565), човек длабоко посветен на православната вера. Многу време тој страдал од водена болест, не наоѓајќи помош кај лекарите и сметајќи се себеси веќе за осуден на смрт.

Еднаш на полноќ тој слушнал глас: „Ти, цару, нема да оздравиш с? додека не се напиеш од Мојот извор.“ Царот не знаел за кој извор му зборувал гласот, та паднал во очајание. Тогаш, дента, Богородица му се јавила велејќи му: „Стани, цару, појди до Мојот извор и напиј се од него, па ќе бидеш здрав како порано.“ Болниот ја послушал Пресветата Владичица. Го нашол изворот, се напил од неговата вода и наскоро му се повратило здравјето. Во близина на црквата изградена од Лав, благодарниот цар подигнал нова велелепна црква, каде што подоцна бил основан голем манастир. Во петнаесеттиот век царскиот град паднал во рацете на муслиманите. Прочуената црква на Животодавниот Извор била уништена, а градежниот материјал бил употребен за изградба на џамија на султанот Бајазит. Местото каде што порано стоела црквата било покриено со земја и кршен камен, така што и од самите нејзини темели немало трага.

Прекрасната околина била претворена во муслимански гробишта. Турската стража, поставена при урнатините на црквата, им забранувала на христијаните не само да се собираат на тоа место, туку дури и да пријдат таму. Со текот на времето забраната станала не толку строга и на христијаните им било дозволено да направат малечка црква на тоа место. Но, во 1821 г., и таа била урната, а самиот извор бил затрупан. И повторно христијаните ги расчистиле урнатините, го откопале изворот и повторно црпеле вода од него. Дури и при овие остатоци од некогашното величествено свето здание, Пресветата, како и порано, со Својата благодат им помагала на оние што притекнувале при Неа. Подоцна, меѓу скршените парчиња кај еден од прозорите била пронајдена, веќе полураспадната од времето и влагата, плоча на која биле запишани 10 чуда што се беа случиле при Животодавниот Извор меѓу 1824 и 1829 година. За времето на владеењето на султанот Махмуд, православните добиле малку слобода за извршување на богослужбите. Тие го искористиле ова да подигнат, по трет пат, црква над Животодавниот Извор. Во 1835 г., со големо велелепие, Вселенскиот патријарх Константин, во сослужение со 20 епископи и во присуство на мноштво верници, ја осветил црквата којшто и до ден денес стои. Во близина била изградена болница и прифатилиште за сиромашни. Дури и муслиманите зборуваат со голема почит за Животодавниот Извор, како и за Богородица, Која преку него ја излева Својата благодатна моќ. „Голема меѓу жените Света Марија“, вака тие зборуваат за Пресветата Дева. Водата од Животодавниот Извор ја нарекуваат „вода на Светата Марија“. Невозможно е да се наведат сите чуда источени од Животодавниот Извор преку кои беше излеана благодат врз цареви, патријарси, врз големци како и врз обични луѓе. Силата на благодатта до денешен ден дејствува преку изворската вода. Таа сила лично ја имаат доживеано не само православни христијани, туку и католици, Ерменци, па дури и Турци.

Популарно