Бизнисмен од Кичево добивката ја дели со студентите

Кичевецот Кастриот Исени од Швајцарија дојде во родното место за да инвестира. Откако го отвори ресторанот на своите предци, по успешна сезона на свадби, одлучи својата заработка да не ја задржи за себе, туку да ја подели со студентите и учениците.

Дел од студентите и учениците кои ќе ги финансира Кастриот се дел од неговиот персонал со кој работел за време на летната сезона. Вели дека не инвестира во родното место за да се збогати, туку за да отвори нови работни места и за да им помогне на младите од земјава.

„Имавме над 40 работници, дел од нив беа работници и средношколци. Не дојдов да инвестирам во Кичево за да се збогатам еден месец и да си заминам. Тоа беше моја одлука заедно со менаџерот на ресторанот, Наим Зенку. Одлучивме дел од буџетот од добивката на ресторанот да биде наменет за стипендии за студенти и средношколци“, вели Кастриот Исени.

Лиза која работела во ресторанот, исто така доби стипендија за образување. Вели дека е презадоволна и возбудена поради ваквиот потег на Кастриот.

„Во името на сите студенти и ученици кои беа ангажирани во ресторанот „Дарданија“, ви велам благодарам и многу сум му благодарна на целиот персонал на ресторанот, особено на сопственикот Кастриот Исени. Не само за иницијативата за помош на учениците и студентите, туку и за искуството и можноста што ни ја укажа“, порача студентка.

Одвоени се 10 илјади евра за стипендии кои ќе се даваат во рок од една година, до следната сезона. Исени вели дека оние кои ќе добијат стипендија нема да бидат принудени да доаѓаат на работа и следната година, туку тоа го прави со цел да ги задржи младите во земјава. Додава дека има и други планови за да им помогне на луѓето од неговото родно место.

Вработена во битолско средно училиште нападната од колешка

Вработена во средно училиште во Битола нападната од своја колешка.

- На 18.04.2024 во СВР Битола, Х.Т.(28) од Битола пријавила дека во средно училиште во Битола  била физички нападната од нејзината колешка Ј.Н., информира МВР.

Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

Приватните специјализанти четврти ден на штрајк

Штрајкот на приватните специјализанти продолжува и понатаму. На денешниот, четврти ден од генералниот штрајк, беше изразена осуда за притисоците што ги имаат од клиниките и од постарите колеги специјалисти.

Доктор Христина Илиоска Чешлароска, специјализант по интерна медицина, трета година, рече дека сака да ги охрабри сите колеги приватни специјализанти, да не подлегнат на притисоците од клиниките и да издржат во оваа нивна борба.

– Со оглед на тоа дека Министерството за здравство и министерот немаат слух за нашите барања, односно се изјаснија само за последното трето барање за решавање на нашиот статус, свесни сме и знаеме дека е тоа долг процес и нашиот статус нема така лесно и брзо да се реши, додаде Илиоска Чешлароска.

Таа појасни дека затоа сакале веднаш да се остварат првите две нивни барања, покачување на месечниот надоместок и воведување на здравствено осигурување. Притоа, истакна, дека со оглед на тоа што тие две барања за кои барале итно да бидат решени, не биле решени, тие ќе продолжеле со нивниот штрајк.

-Бидејќи министерот очигледно нема слух и не гледа дека ние штрајкуваме, во понеделник, во пет до 12, пред Министерството за здравство, повторно ќе се собереме на протест, под мотото, „Пет до 12 за македонското здравство“. Со тоа сакаме да упатиме јасна порака до Министерството за здравство и до целата држава. Затоа што, доколку овие 400 приватни специјализанти не ги добијат своите барања, јас сум сигурна дека на половина од нив, веќе, во некој ќош дома им стои куферот и чекаат само да го спакуваат и да заминат, подвлече Илиоска Чешлароска.

На новинарско прашање, таа одговори дека до сите катедри упатиле барање за поддршка. Јавно се заблагодари на професорката од Медицински факултет, инаку од клиниката за ревматологија, што вчера им даде поддршка. (МИА)

Грејната сезона продолжува поради временските услови

АД ЕСМ ги информира потрошувачите приклучени на системот за централно греење со кој управуваат компаниите формирани од АД ЕСМ, како и подружницата „Енергетика“, дека за 18.4.2023 година се создадени услови за испорака на топлинска енергија.

Оваа информација е во согласност со одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ, а врз основа на прогнозираната средна дневна температура на воздухот во Скопје од 11˚С за 18.4.2023 година од Управата за хидрометеролошки работи. Снабдувањето со топлинска енергија во согласност со регулативата по правило се врши до 15 април, но грејната сезона може да биде продолжена до 30 април во зависност од временските услови, велат од ЕСМ.

Конечната одлука за испорака на топлинска енергија во деновите по 15 април секојдневно ја носи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ ако се исполнети условите за снабдување со топлинска енергија, односно доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12°С според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи на РСМ, се додава во соопштението на ЕСМ.

Популарно