Синдикатот на УКИМ најавува медијација пред штрајк ако Владата не ги повика на средба за нивните барања

– Сојузот на синдикати на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје очекува средба во Владата за исполнување на нивните барања и доколку таа не се реализира до крајот на идната недела, најавува медијација пред штрајк. Претседателот на Синдикатот, проф. д-р Ангел Ристов, вели дека минатиот месец им е најавена средба со премиерот, но сѐ уште не се повикани.

– На средбата со премиерот ќе ги изнесеме нашите барања што ги имаме две години – потпишување Колективен договор и постепено покачување на платите, по 25 проценти на годишно ниво, за по четири години да стигнеме на ниво од 100-процентно покачување, некоја достојна плата за вработените на најстариот и најголемиот универзитет, изјави Ристов за МИА.

За овие барања Синдикатот на УКИМ на 2 јуни организираше предупредувачки протест пред Ректоратот и за крајот на тој месец планираше мирен протест пред Владата, но го откажа откако доби ветување од Владата дека нивните барања ќе бидат разгледани од министерствата за образование и наука и за финансии.

– Од тогаш до денес немаме никаква информација. На 18 август ни е најавена средба, добивме одговор дека ќе бидеме побарани од премиерот за да разговараме во врска со барањата. Ние трпеливо ќе почекаме уште една недела и  доколку не бидеме повикани и нема никаков одговор, тогаш  ќе почнеме со медијација пред започнување штрајк. Тоа е еден правен лек кој ги интензивира преговорите на договорните страни. Тогаш има законска обврска договорната страна, конкретно Собранието, со посредник медијатор да ги отпочне или продолжи преговорите кои застанаа токму кај процентот на покачувањето на платите, рече претседателот на Синдикатот на УКИМ.

Со Колективниот договор на СОНК, вели Ристов, незначително е покачувањето на платите во високото образование, по седум проценти минатата и оваа година. Смета и дека СОНК не е репрезентативен за високото образование зашто мнозинството од членството го влече од градинките и училиштата.

– Тоа покачување е далеку од потребите. Ние десетици години наназад немавме никакви покачувања и платите речиси се приближија во основно и високо образование и една просечна плата е повисока од платата на еден доцент доктор на науки. Никаде во светот нема вакви плати во високото образование, и во регионот имаме најниски плати. Разбираме дека е тешка состојбата, меѓутоа тоа не значи дека мора веднаш. Сакаме да видиме дали од другата страна ги разбираат овие наши барања за конечно да биде потпишан колективен договор. Се разбира, кога ќе биде во можност буџетот, со следениот ребаланс итн. Но, мора да биде одговорено на нашите барања, не може да бидеме игнорирани две години, истакна Ристов.

На 3 октомври е почетокот на академската 2022/2023 година и на прашањето дали  може да биде загрозено одржувањето на наставата, одговори дека и досега покажале оти не сакаат да разговараат со притисок, блокади и на штета на студентите.

– Затоа и јунската сесија не беше блокирана, еве и септемвриската се одржува. Ние постоиме во интерес на студентите, но постојано повикуваме и на дијалог, додаде Ристов.

Поевтинува дизелот, цените на бензините не се менуваат

Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) од полноќ се намалува за 0,50 денари по литар, а цените на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат, соопшти Регулаторната комисија за енергетика.

Новата цена на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе биде 77,50 денари за литар.

За 0,50 денари поскапува Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и еден литар ќе чини 77,50 денари.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,871 денари и килограм ќе се продава за 44,302 денари.

Инцидент меѓу осуденици во штипскиот затвор

Инцидент меѓу две групи на осуденици се случил синоќа во Затвор Штип. Интервенирала затворската полиција, но и полициски службеници. Директорот на Затвор-Штип, Мики Тодоров во куса изјава за МИА рече дека детали за случајот ќе има во текот на денот. Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев при денешната посета на ОВР-Свети Николе потврди дека „имало случај во Затвор-Штип“.

-До МВР имаме пријавено случај  од Затворот во Штип, кога ќе завршиме со сите наши активности ќе излеземе со соопштение. Во моментот не би можел да дадам детали, зашто се уште работиме, а знаете дека сме едни од најтранспарентните, кога завршиме- информираме за тоа што сме го сработиле, рече Бојмацалиев при денешната посета  на ОВР-Свети Николе.

ЈО со детали: Полицајци помогнале на затвореник осуден за „убиство“ да избега

Во акција спроведена утрово од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи приведени се 17 припадници на затворската полиција, вработени во КПД Затвор Идризово.

-По повеќемесечна предистражна постапка, под раководство на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска беше спроведена акција од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, во која се приведени 17 лица, соопшти Јавното обвинителство.

Предметниот јавен обвинител донел  наредба за спроведување на истражна постапка против шест лица, од кои за петмина постои основано сомнение дека во текот на месец октомври минатата година сториле кривично дело „овозможување бегство на лице лишено од слобода“, додека едно лице се сомничи за помагање во сторување на кривичното дело.

-Според дејствијата опишани во диспозитивот на Наредбата за спроведување на истражна постапка, на 26.10.2023 година во приватна здравствена установа во Скопје, петмината осомничени – затворски полицајци при КПУ – КПД Идризово Скопје, како група, со умисла помогнати од шестиот осомничен затворски полицаец – приправник, овозможиле бегство на лице осудено за кривично дело „Убиство“ по чл.123 ст.1 од КЗ. Додека осуденото лице било на медицински третман, согласно прописите било обезбедувано од затворската полиција на КПУ-КПД Идризово. Критичниот ден со придружба на двајца осомничени затворски полицајци, лицето се упатило во просторијата за пушење во непосредна близина на болницата. Таму, заедно со придружбата поминало околу половина час, по што осомничените затворски службеници заминале, овозможувајќи му на осуденикот да излезе од просторијата и со патничко моторно возило да се даде во бегство. Осомничените не го пријавиле бегството кај непосредните старешини во КПУ- КПД Идризово, ниту тоа го сториле осомничените од втората смена, туку седеле без осуденото лице во празниот апартман во болницата каде биле затекнати од полициски службеници од ЕИП при МВР-СВР Скопје, се наведува во соопштението.

Воедно, јавниот обвинител против 11 лица води предистражна постапка заради постоење на основи на сомнение дека, во временскиот период од 19 до 26.10.2023 година, сториле продолжено кривично дело „противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“.

Осомничените во текот на престојот на осуденикот како соизвршители, додека биле на смена, го ослободувале осуденото лице кое им било доверено на чување, кое непречено без придружба ја напуштало здравствената установа и по повеќечасовно отсуство се враќало назад.

-Ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје му предложи определување на мерката притвор за шестмината осомничени, додека за единаесетте лица за кои се води предистражна постапка предложи мерки на претпазливост и тоа: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето; обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган; привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање; забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело, се наведува во соопштението.

За овие кривични дела согласно македонското позитивно законодавство, како што посочуваат од Обвинителството, се предвидени од затворски казни од една до десет години за кривичното дело „овозможување бегство на лице лишено од слобода“ и од три месеци до пет години за кривичното дело „противзаконито oслободување на лице лишено од слобода“ .

Од МВР соопштуваат дека денеска Секторот за криминалистички истраги во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги лишилаод слобода сите 17 лица кои се предадени на Основнот кривичен суд Скопје за понатамошно постапување.

Популарно