Ненадејно почина маестро Милан Завков

Почитувани, со голема тага и во неверување ви ја пренесуваме жалната вест дека ненадејно, во 61-та година од животот, почина врвниот инструменталист и композитор, првенецот на Танец и долгогодишен раководител на оркестарот, Милан Завков.

Завков започнува да свири хармоника од 8- годишна возраст, а веќе на четиринаесет години станува член на оркестарот на тогашниот “Млад Танец” со кој раководел Ѓорѓи Димчевски. Потоа, неговите младински денови ги поминува свирејќи во Културно-уметничкото друштво „Мирче Ацев“, уште тогаш знаејќи дека музиката ќе стане негова животна и професионална определба. Во тоа време на Факултетот за музичка уметност во Скопје сè уште не постоеле студии по хармоника и така Завков се определува за неговиот втор инструмент, контрабасот и со успех дипломира на одделот за гудачки инструменти.

Но, без разлика на видот на дипломата, Милан Завков ја продолжува кариерата на својот прв и единствен избор – хармониката и остварува неверојатно богата изведувачка, но и творечка кариера. Во 1970-та година, со популарниот “Октет МАКЕДОНИЈА“ ја снима својата прва плоча, а во својата натчетиридецениска кариера на полето на народната музика, самостојно, во различни соработки, како и со познатата група “Македонски мерак” остварува врвни музички интерпретации и сигнификатен опус на композиции и аранжмани за бројни изведувачи.

На сцената има соработувано со многу имиња, а зад него ќе останат над 150 авторски творби, многу трајни снимки и повеќе дискографски изданија, меѓу кои врвните хит-мелодии како “Заиграј со мене”, отпеана од Виолета Томовска, “Камен да беше срцето” и “Свири мајсторе” од Гоце Арнаудов, “Нема друга Македонија” од Војо Стојаноски, “Лична Јовано” и “Лазарополе” од Наум Петрески, “Пат за Стамболград” и “Мораш душо да ме разбереш” од Благица Павловска, како и други создадени за Атина Апостолова, Пепи Бафтировски, Сузана Спасовска, Ленче Кукиќ, Миле Кузмановски, Зуица Лазова, Милица Кузмановска, Ефто Пупиновски. Секако, Милан Завков низ годините се истакнува и како солист инструменталист со многу ора и чочеци и се здобива со углед на еден од најдобрите хармоникаши во Македонија, но и на просторите на поранешна Југославија.

Од 2000-та година Милан Завков е вработен во Националниот ансамбл за народни игри и песни “Танец”, како музичар-инструметалист првенец и долгогодишен раководител на оркестарот, со кој остварува бројни концерти и турнеи во земјата и насекаде низ светот.

НУ „Танец“ од името на сите вработени го изразува своето најдлабоко сочуство до почитувачите на Милан Заков и до целото семејство Завкови.

Почина познатиот македонски моторџија

На 48 годишна возраст почина познатиот македонски моторџија Тони Шипка, соопшти неговиот клуб LOWLANDERS MC MACEDONIA на социјалните мрежи.

– Почина Тони Шипка, човек кој имаше големо срце и беше голем другар. Тони беше член на LOWLANDERS MC MACEDONIA. Сочувство до семејството и клубот, до неговите пријатели и блиски. Ќе ни фалиш Тони! Почивај во Мир, стои во објавата.

Погребот ќе се одржи утре на гробиштата во Ѓорче Петров.

Доживотен затвор за Усеин Р. кој со 42 убоди од нож ја уби Танкица Младеновска од Кочани

Педесет и деветгодишниот Усеин Р. од Кочани, кој во септември лани ѝ нанесе десетици убодни рани од нож на 46-годишната Танкица Младеновска од Кочани и ја уби, денеска е осуден на казна доживотен затвор. Тој се сомничеше дека на 25 септември лани, на свиреп начин ја лиши од живот Танкица, нанесувајќи ѝ многубројни убоди со нож. Таа почина на местото на настанот.

По поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Кочани, а по признание на вина, Основниот суд во Кочани донесе осудителна пресуда за едно лице за кривично дело – Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп начин, при што за сторителот е изречена казна – доживотен затвор.

Во обвинението, Основното јавно обвинителство Кочани го товареше обвинетиот и за кривично дело – Уцена кон истата оштетена, сторено пред убиството. Меѓутоа тоа дело обвинетиот не го призна, постапката е раздвоена и за тој дел од обвинението ќе продолжи судска постапка.

Платформата за родова еднаквост лани реагираше до Јавното обвинителство со барање ова убиство да биде квалификувано како фемицид при вршење на родово базирано насилство истакнувајќи дека институциите не го препознаваат родово базираното насилство, и овој случај го водат како убиство на свиреп начин.

-Случајот на фемицид, најтешкиот вид на родово базирано насилство, кога во Кочани жена беше избодена до смрт, иако претходно го пријавувала сторителот за уцена и барала заштита, Основното јавно обвинителство Кочани го квалификуваше како убиство на свиреп начин, со што се потврдува фактот дека институциите сѐ уште не го препознаваат родово базираното насилство. Основното јавно обвинителство Кочани донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради основано сомнение дека сторил кривично дело –Убиство според член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик, реагираа оттаму.

21-годишник тешко повреден откако излетал од коловозот

На 15.04.2024 во 11.00 часот во Полициската станица Делчево било пријавено дека на регионалниот пат Делчево – Берово, на место викано „Даштица“, атар на село Тработивиште-делчевско, патничко возило „фолксваген голф“ со делчевски регистарски ознаки, управувано од М.У.(21) од Делчево, излетало надвор од коловозот.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот констатирани во Клиничка болница Штип. Извршен бил увид од увид екипа од ОВР Делчево, соопшти МВР.

Популарно