Минималната синдикална кошница за април 60.212 денари, зголемена за 1.214 денари во однос на март

Минималната синдикална кошница за април изнесува 60.212 денари и е за 1.214 денари повисока отколку во март годинава кога беше 58.998 денари. Со изнајмен стан од 60 квадратни метри, пак, изнесува 75.587 денари, соопшти Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Според пресметката на ССМ, од минималната синдикална кошничка едно четиричлено семејство за храна и пијалаци треба да одвои 22.200 денари или 36,9 отсто, за облека и обувки 4.866 денари, односно 8,1 отсто, за станарина, вода, електрична енергија, и греење 6.014 денари или 10 отсто, за лична хигиена и одржување на хигиена во домот 1.827 денари или 3 отсто, за здравје 1.059 денари или 1,8 отсто, за транспорт 5.068 денари, односно 8,4 отсто.

За комуникации на едно четиричлено семејство во април годинава му биле неопходни 3.004 денари, односно 5 отсто од износот на минималната кошничка, за рекреација и култура 4.378 денари или 7,3 отсто, за образование 6.955 денари или 11,6 отсто, за ресторани и хотели 3.890 денари или 6,5 отсто, а за останати стоки и услуги 950 денари, односно 1,6 отсто.

Доколку живеат во изнајмен стан потребни им се дополнителни 15.375 денари.

Православните верници го слават Велигден

Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.

Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.

Пожар во Дом за стари лица во струмичко Банско

Пожар синоќа избил во Дом за стари лица во село Банско, Струмичко. Нема повредени лица, предизвикана е само материјална штета, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според Регионалниот центар за управување со кризи – Струмица, пожарот бил пријавен околу 23.30 часот. Во гаснењето на пожарот интервенирале седум пожарникари со две противпожарни возила. Пожарот целосно е изгаснат во 50 минути по полноќ.

– Прво биле евакуирани лица од катот каде што бил пожарот, потоа од долните катови. По целосното гаснење на пожарот, евакуираните лица полека се вратени на местата, собите од каде што биле евакуирани. Причината за пожарот и материјалната штета дополнително ќе бидат утврдени, појаснуваат од ЦУК.

Во денешното соопштение се наведува и дека изминатото деноноќие имало вкупно 1.759 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи – 112 во ЦУК.

За изборите на 8 мај акредитирани 1078 домашни и 770 странски набљудувачи

За вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори на 8 мај акредитирани се вкупно 1999 набљудувачи, преведувачи и странски новинари. Најмногу  акредитирани се домашни набљудувачи - 1078. Изборите ќе ги следат и 770 странски набљудувачи за чии потреби се ангажирани и 85 преведувачи. За известување од изборите, според податоците на Државната изборна комисија, акредитирани се 66 странски новинари. 

Најмногу домашни набљудувачи акредитирало Здружението за развој на општествено -  социјални иновации „ВАКЕ УП“ Скопје - 752, потоа Фондација Ромите за демократија - 151, Цивил - 82, Центарот за безбедносни истражувања - 46, Институтот за меѓународни односи и стратегии Охрид - 20, Националниот ромски центар Куманово - 14, Здружението за промоција и развој инклузива Куманово - 12 и Македонскиот центар за културен развој - еден набљудувач.

Специјалната мисија за проценка на изборите на ОБСЕ/ОДИХР има акредитирано 410 набљудувачи, 14 експерти и 31 преведувач, најмногу од странските набљудувачи. Парламентарното собрание на ОБСЕ (OSCE PA) има акредитирано 138 набљудувачи, Амбасадата на Соединетите американски држави во Скопје - 68 набљудувачи и 33 преведувачи, Парламентарното собрание на Советот на Европа - ад хок комисијата за набљудување на претседателските избори во Република Северна Македонија - 33 набљудувачи и 20 преведувачи, Иницијативата за дијалог и демократија Силба 30, Централната изборна комисија - Република Косово - 13, Европскиот парламент - 12 и други.

За информирање од изборите се акредитирани и 66 новинари и медиумски работници од најголемите балкански и регионални медиуми, но и од Ројтерс, Асошиејтед прес, Ал Џезира, Франс прес...

Првиот круг од претседателските избори на 24 април го набљудуваа 1601 набљудувач односно 915 домашни и 544 странски набљудувачи, како и 84 преведувачи и 58 странски новинари. 

Популарно