Протестите на ДПМНЕ се само алиби за историјата

Последната колумна ја пишував на денот на протестот против промена на уставот организиран од „Бојкотирам“. Од тогаш до денес се случија многу работи, што всушност е тактика на оваа влада. Не верувам дека некој не намерно може да направи волку глупости на дневна база.

Материјал за критикување на Заев и другарчињата и не треба да барам. На секои 5 минути се случува некоја тешка глупост, која во следните 5 минути е уште поголема затоа што актерот се обидел да ја дообјасни или да каже дека не е така. Пример, Шилегов и Макрадули. Министерот не спиел во собрание – читал! А Петре, во свој кафанско, магупски стил, морал да користи мобилен за да го истрпи говорот на Ѓорчев. Не се срами Петре, он е маалски џиљкош, тоа што скопјани го изгласавме за градоначалник не е негова вина. Сериозно, никогаш нема да сфатам, како можеше Скопје да си избере ваков „татко“.  Куќен совет да води во напуштена зграда не би му дал. Туку, не  ми беше Шилегов муабетот, ниту Макрадули, па дури ни Заев. За нив веќе не вреди да се трошат зборови. Ако сеуште има некој кој навистина им верува на било што, советувам сериозни ментални тестови. Муабетот ми е другата страна на политичкава сцена кај нас.

И во времето на владеење на ДПМНЕ јас многу почесто пишував за опозицијата (тогаш СДСМ), па еве и сега повторно за оние кои треба да се коректор на власта, а не се. Моето сфаќање за политиката е дека власта ќе падне во моментот кога опозицијата ќе се покаже како подобра опција. Без разлика дали се предвремени или редовни избори, се додека опозицијата не се докаже како подобар избор, колку глупости и да прави владејачката гарнитура ќе си ужива во фотељата. Така беше со ДПМНЕ 11 години. Во моментот кога СДСМ успеа да ги излаже граѓаните дека се подобра опција, „живот за сите“ а у, дури тогаш падна (иако не ги изгуби изборите) Груевски. Еве и сега во Макеоднија на власт потполно неспособни, самобендисани, арогнатни фашисти, но нема опозиција, нема промени. Макрадули си дреме на раат, а Петре лом праи на КендиКреш и никому ништо. Менуваат име и покрај референдумско НЕ. Бришат АСНОМ од устав. Ќе менуваат учебници по историја. Им кидна Грујо или го пуштија.... Ма да не редам, нема крај! Битно промен НЕМА! А се трудат Заев и другарите. Се од себе даваат, но џабе кога нема опозиција. Кога за (демек) лидер на ДПМНЕ имаш лик како Мицкоски, толку е. Него  сам да го пратиш на избори ќе ги изгуби, па можеби и затоа не ги бара. Не сака човекот избори. Еве и вчера на протесниот марш во Скопје, тој не побара избори, туку кажа дека ќе победел на некои избори. Не на кои, ниту кога, ама ќе победи.  

Во време кога на Македонија и се закнува губење на името, а на Македонците губење на идентитетот, Мицкоски повикува народ на улица за економски теми?! Види Христијан, никој не е толку луд, па ни ти. Јасно е дека ова не се реални протести, туку алиби за историјата. „Еве ние пробавме, викавме народ на улица, ама лошиот Заев си тераше по свое.“  Исто како и во 2004 година и територијалната поделба на Македонија, ДПМНЕ си бара алиби, изговор за утре да може повторно да владее. Не се работи тука за Македонија, ниту за името, за идентитетот, за историјата, туку исклучиво за ситно партиски интереси и власт! Затоа јас не бев вчера на улица. Нема да бидам ни следната среда, ниту таа по неа... Нема да излезам да му плескам со рачињата на Мицкоски додека тој се заканува со тежок пораз на Заев некогаш и негде! НЕ! Ич не ми е гајле кој од вас двајца е на власт, а кој на улица. Ич не ми е гајле кој бира директори и си мести тендери. Дали Анѓушев е новиот Кочан или обратно. Дали Мијалков е со едните или со другите и каде киднал Груевски. Ма не ме занима во која келија лежи Камчев и какво кафе пиеле Заев и Тодоров. Во моментов ме интересира само опстанокот на оваа држава и македонскиот идентитет. ТОЛКУ! Ако Мицкоски е навистина лидер, тогаш нека повика на протест само за тоа! Во спротивно и тој е само соучесник.

Да не се разбереме погрешно, има во Макеоднија многу проблеми. Реално и не гледам сфера во која нема проблем, но сега за мене само овој е важен. Ако успееме некако да го решиме во наша полза. Ако некако падне Преспанскиот договор, тогаш ќе падне и Заев со другарчињата, па дури тогаш можеме да зборуваме за сите други проблеми. Од загадувањето на воздухот, па се до левел 370 на КендиКраш на Петре. Ако Преспаснкиот помине, сите други проблеми ќе треба да ги решаваат Северномакедонците. Јас не сум од нив, па не гледам зошто би се замарал.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно