Прогласена епидемија на мали сипаници на територијата на цела држава

Комисијата за заразни болести донесе заклучок да биде прогласена епидемија на мали сипаници на територија на целата држава, изјави денеска доктор Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје.

Посочи дека прогласувањето на епидемијата е со цел да се спроведат дополнителни мерки за да се спречи натамошното ширење, да се намали бројот на нови инфекции и да се спречат тешките форми на ова заболување.

– Една од мерките е забраната за посета на градинките, втората мерка која е предложена е да се намали возраста за вакцинирање од 12 месеци на шест месеци, бидејќи голем дел речиси 100 деца се на возраст под една година и тие се највулнерабилна група за тешки форми на заболувањето. Дополнително бидејќи имаме заболени меѓу повозрасните лица кои по редовниот календар не подлежат на вакцинација, Комисијата донесе одлука да се зголеми возраста за вакцинација, така што секое лице постаро од 14 години ќе може слободно да се вакцинира во центрите за јавно здравје односно на возраст од 14 до 60 години, рече доктор Микиќ.

Тој рече дека другиот сет мерки, што е предложен, е сите здравствени работници на територија на цела држава да мора да се вакцинирани со две дози на МРП вакцина.

Нагласи дека се забрануваат посетите на болниците и таа мерка мора да се почитува со цел да се намали можноста за внес на нова инфекција во болнички услови, анегувателкитево градинките ќе бидат задолжително проверени за нивниот вакцинален статус и ќе треба да бидат уредно вакцинирани.

-Повеќе од 70 деца со мали сипаници се хоспитализирани, од кои 55 се на Клиниката за инфективни болести, а 15 на Клиниката за детски болести. Од нив повеќе од седум се во потешка состојба, но сите се хоспитализирани бидејќи имале компликации од мали сипаници, додаде доктор Микиќ.

Ваквиот заклучок бил донесен бидејќи веќе се пријавени 961 случај со морбили. Во последната недела повеќе од 60 отсто од пријавените случаи кои се највисоки на неделно ниво биле надвор од Скопје, веќе шест центри за јавно здравје имаат прогласено епидемија на мали сипаници со вкупно население кое е повеќе од половина односно 55 отсто од територијата на државата. Вкупно 20 градови имаат регистрирано случаи на мали сипаници.

Коментари

Популарно