За последен пат „За Вардар под Самсосненко“

За неколку часа започнува изборниот молк пред претседателските избори во недела. Ќе замолкнат сите реклами, политичка пропаганда, митинзи, собири...глупости. Денеска е послениот ден да се убедат гласачите да се добие нивниот глас и последен ден за изнесување на личен став за изборниот ден, но... Не, јас нема да пишувам за нив. Не дека изборите се небитни или дека немам фаворит(по долго време), туку затоа што денеска и официјално дознавме дека Самсоненко го напушта РК Вардар, а Македонија останува без уште еден голем шампион!

Реално, очекувана информација по сите случувања во европскиот ракометен шампион од 2017 година. Сите ние кои пратиме спорт знаевме дека само се чека денот на соопштението. Најцврст аргумент за ова беше заминувањето на Караџиќ, еден од најверните ракометари на црвено-црниот дрес. Сепак, сега кога е официјално, не можам а да не чувствувам тага и болка. Знаевме, но пак не изненади.

Шесте сезони на Самсоненко во РК Вардар донесоа : 4 првенствени титули, 5 купови на РМ, 2 супер купа на РМ, 4 регионални СЕХА титули, едно изгубено полуфинале во лигата на шампионите и титулата со непроценливо значење, освојувачи на ЛШ во 2017 година и уште повеќе од тоа, го означија Скопје на европската ракометна мапа. Цел ракометен свет дозна за КОМИТИ, за речиси неосвоивата Јане Сандански, за најгласната публика во светот, за народот кој живее за ракомет. Дознаа за Македонија! Дознаа за црвено-црните момци кои можат да победат секого и ПОБЕДИЈА! Ја сруши ја ракометна Европа! Сите клечеа пред нив на колена со последниот свиреж и гол на Душебаев и посебно на Чупиќ! Славеше цел Балкан! Скопје и Македонија се собраа на плоштадот во главниот град. Ги дочекавме хероите од Келн на начин кој го заслужија, но само две години подоцна завесата се спушта! Слично како и Кометал ЃП. Единствено се надевам дека приказната на Вардар ќе продолжи, барем на нивото од пред Самсоненко.

Русинот кој започна со инвистиции во 2012 година во ЖРК Вардар, а во 2013 година во РК Вардар, остана мистерија за обичниот народ. Околу него секогаш имаше облак на мистерија и сомнеж. Од каде се парите? Дали се негови? Дали тој е само лице за односи со јавност или вистиснкиот инвеститор? Со колку капитал располага и зошто го нема на ниту една листа на Форбс? Многу обвинувања, но ниту еден јавно изнесен доказ за него. И покрај честото доцнење на хонорарите, Вардар не должи на ниту еден ракометар кој било кога го облекот црвено-црниот дрес, барем така велат од клубот. Искрено, не знам од каде се парите и чии се. Не знам и зошто Самсосненко го одбра токму Вардар и Македонија, но знам дека вечно ќе сум му благодарен. Благодарен за неколкуте финалиња на ЖРК, благодарен за историскиот пласман на ФК Вардар во ЛЕ, благодарен за пласман на фајнал фор на два пати и секако за круната во 2017! За пехарот во рацете на Столе! За градењето на инфраструктура што за секогаш ќе остане на Вардар. Благодарен за тоа што ни овозможи и ние да славиме. И ние да бидеме победници!

Вардар под Самсоненко има уште еден натпревар пред својата публика во ЛШ, против Пик Сегет на 25ти Април. Картите се веќе распродадени, иако клубот пушти дополнителни 500 карти за стоење. Самсоненко и Вардар ќе го добијат заслужениот поздрав од нас! Уште еднаш ќе ечи Јане Сандански! Унгарскиот шампион ќе биде жртвата на емоционалното празнење на НАЈГЛАСНИТЕ и нашите спортски идоли!  Време е да се стави под тест статиката на салата, како позрав за среќен пат кон Келн! Ајде момци уште еднаш, за Самсоненко, за вас, за КОМИТИ, за нас, за ВАРДАР!

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно